Достапни линкови

Славески – Владата го жртвува развојот на државата заради поткуп на гласачите


Славески - Владата води економска политика „купи ден, помини“
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:23 0:00

Славески - Владата води економска политика „купи ден, помини“

Зголемување на пример на средствата за социјална заштита за цели 140 милиони евра како што е предвидено во наредниот буџет, значи дека владата се подготвува, жртвувајќи ја иднината на економијата и дури и на развојот на земјата, од популистички побуди да ги поткупува гласачите, вели професор Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Славески, власта го скрои буџетот за 2020 кој тежи 3,9 милијарди евра. Според владата, ова е развоен буџет со кој се инвестира во човечкиот капитал, се зголемуваат плати, пензии итн. Кој е вашиот став и првичните забелешки во однос на овој предлог-буџет?

Како што е предвиден предлог-буџетот и на приходната и на расходната страна е историски највисок, според износите. И можеби тоа не е основниот проблем. Со тек на време расте бруто домашниот производ, растат потребите на државата, расте и потребата од приходи и зголемување на расходите во буџетот, но она што го забележав овие денови е што приходите се многу оптимистички планирани и многу е тешко да се остварат. За што станува збор? Обично приходите се планираат како зголемување, постапка што е збир од предвидената стапка на раст, тоа е 3,5 проценти и стапката на инфлација 1,5 отсто за 2020 година. И тоа би дошло некаде приходите предвидени во 2020 година да бидат за 5 проценти повисоки од она што се предвидува дека ќе се оствари во 2019. Но, сега растот на приходите е предвиден на 7 проценти и тоа нема шанси да се реализира, особено ако се има во вид дека забавува светската, европската економија, што ќе има негативни ефекти во Република Македонија.

Мислам дека пречестото користење на фразата дека ќе инвестираме во човечки капитал е некоректно, затоа што инвестициите во човечки капитал се долгорочни, даваат ефекти на долг рок, не на краток рок, тоа се инвестиции во образование, во подобрување на здравствената заштита, инвестиции во рамките на самите претпријатија за стекнување на квалификации од страна на лицата коишто веќе работат итн. Овој буџет, како што е сега скроен, отстапува од една тенденција да подобрување на структурата и потреба на буџетите кај нас да има повеќе развојна компонента, а помалку да се наменуваат средства за текови расходи. Отидено е во друга крајност, во неспособност да се реализираат капиталните инвестиции. СДСМ, како што гледаме, не може да ги реализира и тој процент да надмине 50 проценти. Средствата што не се вложуваат во инфраструктура, не се вложуваат во изградба на нови училишта, изградба и адаптација на болници, клинички центар итн. популистички се наменуваат за тековни трошења, за пораст на платите во администрацијата, пораст на платите во разни дејности, за социјални издатоци. Ова се потреби кои треба да се задоволат за голем број на граѓани, ама зголемување на пример на средствата за социјална заштита за цели 140 милиони евра како што е предвидено во наредниот буџет, тоа значи дека владата се подготвува, жртвувајќи ја иднината на економијата и дури и на развојот на земјата, од популистички побуди да ги поткупува гласачите. Тоа е една од основните забелешки на овој буџет, најлош од аспект на структурата досега, нема никаква развојна компонента.

Во 2019 се зголеми и јавниот долг и фискалниот дефицит, пред сè, како што рековме поради тековните расходи за зголемување на плати, пензии, субвенции итн. За догодина најавено е зголемување на јавниот долг до 50,5 отсто. Дали мислите дека владата успешно менаџира со јавниот долг?

Ова прашање беше многу присутно во медиумите и беше форсирано од опозицијата во годините 2013, 2014, 2015, сè до смената на власта и очекувавме дека доколку тогашната опозиција, мислам на Социјалдемократскиот сојуз, толку била преокупирана со тогашното прашање, дека поинаку ќе се однесува кон задолжувањето на земјата, буџетските дефицити итн. односно ќе започне процес на намалување. Напротив, како што гледаме, јавниот долг се зголемува и се предвидува да ја надмине таа магична граница од 50 проценти, што се разбира не е добар развој на настаните.

Владата ја одложи и мерката прогресивно оданочување. Дали сметате дека власта навистина има идеолошка конфузија или можеби се работи за предизборни тактизирања?

Рекомпонирањето во Министерството за финансии, односно во Владата, односно оние луѓе коишто беа клучни во програмата со којашто СДСМ доби гласови од македонските граѓани, која програма се засноваше на слоганот – Да ја вратиме средната класа, која нè убедуваше дека нееднаквоста во Република Македонија се зголемувала, а таа се намалуваше, дека сиромаштијата се зголемувала, а таа се намалуваше, видовме дека Светска банка објави податок дека и средната класа во Република Македонија дефинирана според светски стандарди од 2009 кога изнесувала 30 проценти во 2015 таа достигнала 45 проценти. И сега видете, како да кажам, на погрешни основи заснована програма и идеолошки став, ако сакате да го искористиме и овој термин, и сега кога години во опозиција и две години на власт пред воведување на прогресивниот данок вие не сте биле способни да предвидите какви ќе бидат последиците, од една таква левичарска мерка, укинувањето на рамниот данок, којшто сега го вратија, тоа не зборува за ништо друго, туку за длабока идеолошка конфузија и за политика – Купи ден помини, без некаква стратегија којашто од друга страна има девастирачки последици на процесот на носење одлуки и планирање, дури на краток рок, а камо ли на долг рок од страна на бизнис секторот. Како тие може да планираат, кога е толку неизвесно што следи, што од она што го ветила владата ќе го врати, ќе го поништи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG