Достапни линкови

Скопје за пет години треба да добие пречистителна станица


Илустративна фотографија - пречистителна станица за третман на отпадни води во Куманово.

Отпадните води на Скопје одат директно во Вардар и ја загадуваат животната средина. Затоа е неопходна изградба на пречистителна станица која би требало да биде готова за 5 години. Според Европската инвестициска банка, проектот е основа за евентуалнo отворање на поглавјето за животна средина во преговорите со ЕУ.

Во текот на следната година се очекува да започнат градежните работи за изградба на пречистителна станица во главниот град Скопје, проект вреден 136 милиони евра.

Реализацијата на проектот ќа ја спроведе конзорциум во кој ќе учествуваат меѓународни и македонски градежни компании, како што вели за РСЕ градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

„Распишавме тендери и отворени се понудите за пречистителната станица на Скопје, проект вреден 136 милиони евра и во тек е евалуација на пристигнатите понуди. Ние на крај сме на завршување и на колекторскиот систем“, вели Шилегов.

За изградба на проектот, Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД) обезбеди заем од 58 милиони евра, кој ќе биде дополнет со заем 68 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ), а 10 милиони евра ќе бидат обезбедени преку инвестициски грант од Иницијативата за економска отпорност.

Финансиски посредник за реализација на проектот ќе биде ЈП „Водовод и канализација – Скопје.“

Проектот како основа на поглавјето животна средина со ЕУ

Скопје во моментов е еден од неколкуте градови во Европа каде не се врши третман на отпадни води, односно канализацијата без никаков третман се испушта во реката Вардар и со тоа се загадува животната средина и се влијае врз егзистенцијата на населението кое живее во тие области во Северна Македонија и Грција, според ЕБОР.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) наведува дека од проектот ќе има бенефит за животната средина во земјата и за јавното здравје, преку обезбедување подобра вода за пиење на населението, но и преку подобрување на ефикасноста на капацитетите за третман и дистрибуција.

„Како земја кандидат за членство во ЕУ, проектот ќе го поддржи процесот за постепено усогласување со стандардите и регулативите на ЕУ за вода, канализација и животна средина и ќе обезбеди основа за евентуален пристапен договор во поглавјето за животна средина“, наведуваат од ЕИБ.

Градоначалникот Шилегов вели дека пречистителната станица во Скопје ќе ја гради конзорциум, бидејќи според него, невозможно е градбата да ја врши само една фирма, главно заради неопходната примена на различни технологии за ваков тип на проект.

„Таму има сериозен корпус на градежни работи, јас очекувам дека градежните работи дефинитивно ќе ги изведуваат македонските градежни компании како дел од конзорциум. Впрочем, за колекторскиот систем носител е француска фирма, а изведувач е македонска фирма. Така што, да ќе имаме и бенефит во економијата од тој карактер“, вели Шилегов.

Тој додава дека се очекува градежните работи за пречистителната станица во Скопје да започнат во текот на 2021 година, а во употреба таа да биде пуштена во 2025 година.

Колекторите предуслов за централна пречистителна станица

Инаку, со изградбата на главните колектори на десниот и левиот брег на реката Вардар, треба да бидат затворени неколку испусти на отпадна вода кои директно се излеваат во реката во централното градско подрачје и општина Аеродром.

Колекторите се главен предуслов за изградба на ценртралната прочистителна станица, како што наведе Министерството за животна средина и просторно планирање при потпишувањето на договорот за спроведување на ИПА проектот за подобрување на инфраструктурата за отпадни води во 2018 година.

Според податоците на ЕБОР, пречистителната станица годишно ќе третира 51.3 милиони метри кубни сурова канализација и отпадните води ќе ги враќа безбедно во животната средина, со што значтелно ќе се намали нивото на загадување на реката Вардар, ќе се подобрат екосистемите, но и благосостојбата на луѓето.

„Фабриката ќе опфати девет од десет општини во Скопје и ќе има капацитет за 650 илјади луѓе, според очекуваниот раст на населението“, се вели на интернет страницата на ЕБОР.

Скопје неодамна се приклучи на програмата „Зелени градови“ на ЕБОР, каде пречистувањето на водите е наведено како една од најитните задачи во акцискиот план.

Целта е преку порграмата да се дојде до начини за инвестирање во позелен транспорт, во управувањето со води и отпад и генерално да се направат обиди градовите да бидат поодржливи, наведуваат од ЕБОР.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG