Достапни линкови

„Склон кон предавство“: руски војници одбиваат да служат во Украина


Печат кој наводно бил ставен во воената книшка на еден војник кој одбил да служи во Украина. „Склон кон предавство, лаги и измами“, пишува на печатот

Меѓу многуте проблеми на кои наиде Русија откако ја нападна Украина, е сѐ поголемиот број војници кои одбиваат да учествуваат во, како што Москва ја нарекува, својата „специјална воена операција“. Според проценките, 40 насто од војниците одбиваат да се вратат во Украина. Роберт Коалсон

„Ми се јавија едно утро од канцеларијата на командантот на дивизијата во Амурската област, каде што служеше Павлик“, рече една жена од рускиот регион Тамбов, која побара да биде идентификувана само по нејзиното име, Јелена.

„Човекот рече: „Знаеш ли дека го бараат твојот син?“ Павлик требаше да се качи во воз, но не го стори тоа заедно со ште пет војници“.

Синот на Јелена, Павел, служел во регионот на Далечниот Исток кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Речиси веднаш, неговата единица била испратена на фронтот и тој учествувал скоро 40 дена во борбите.

„Потоа неговата единица беше вратена назад во Русија за да се прегрупира“, изјави Јелена за РСЕ. Кога неговата единица се подготвувала да се врати во Украина, Павел одбил.

„Ако тој не сака да се врати назад, дали треба да го натерам, и да му кажам: „Земи го оружјето и оди. Оние кои не биле таму, немаат право да им судат на оние што биле“, вели Јелена.

Руската Федерална служба за безбедност бара повеќе пари за погреб на војници

Синот на Јелена е еден од значителниот, но непознат број руски војници со договор, кои одбиле или да се борат во Украина или кои веќе се бореле и не сакаат да се вратат.

Мариупол: Како просперитетен украински град е претворен во гробишта
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:12 0:00

Адвокатот Павел Чиков, основач на невладината организација за правна помош Агора, напиша на Телеграм дека повеќе од 1.000 војници од Националната гарда од најмалку седум региони одбиле да заминат во Украина.

Украински војник гази врз таблите што покажуваа во правец на руските градови кои беа отстранети од употреба во Одеса поради инвазијата на Москва на Украина на 14 април.
Украински војник гази врз таблите што покажуваа во правец на руските градови кои беа отстранети од употреба во Одеса поради инвазијата на Москва на Украина на 14 април.

Руслан Левиев, основачот на Тимот за разузнавање конфликти, руска невладина организација која следи информации со отворен код за руската војска, изјави за Current Time дека вистинскиот број на овие случаи може да биде значително поголем и дека одбивањата може сериозно да ги попречат напорите на Русија да ги прегрупира силите и да ги обнови своите воени операции во источна Украина.

„Феноменот на одбивање станува системски. Такви војници има практично во секоја единица што се вратила од Украина. Според нашите проценки, од 20 до 40 насто од војниците со договор што се вратиле од Украина и кои се подготвуваат да бидат вратени назад, одбиваат да се вратат“, вели тој.

Петреус за РСЕ: Украина може да ја победи Русија

Левиев рече дека повеќето од овие војници не се дезертери, но може да се соочат со законски последици поради одбивањето да ги почитуваат наредбите.

Меѓутоа, за да се осудат, обвинителите мора да покажат дека наредбата била законска и дека одбивањето да се послуша предизвикало „значителна штета“ на војската.

„Од случаите што ги видовме, тие се заплашувани со закани за гонење и над нив работат воени обвинители. Но, досега никој не е кривично гонет, според она што го видовме“, наведе тој.

Адвокатите велат дека неподготвеноста на владата да ја нарече инвазијата на Украина „војна“ или да објави воена состојба може да им даде на војниците одредена заштита од најлошите последици од одбивањето да се борат.

Уништени руски воени возила на улица во градот Буча во Киевската област на 1 март.
Уништени руски воени возила на улица во градот Буча во Киевската област на 1 март.

„Граѓаните имаат право да одбијат да одат во странска војна и да убиваат луѓе. И тие исто така имаат право да не учествуваат во „специјална воена операција“. По дефиниција, само трупите на специјалните сили со обука за такви операции се испраќаат за „специјални воени операции“, вели адвокатот на Агора, Михаил Бењаш, кој обезбедува правни услуги за некои војници кои одбиле.

Сепак, непознат број војници се отпуштени од воена служба, бидејќи одбиле да се борат во Украина, напиша адвокатот за права Максим Гребењук на Телеграм.

Тој рече дека прашањето „кои се последиците од одбивањето да служи во „специјалната воена операција“, како што Москва инсистира еуфемистички да се нарече нејзината неиспровоцирана инвазија врз Украина, стана „најчестото барање“ што го добива во последните неколку недели.

Руските војници продаваат во Белорусија предмети ограбени во Украина

Гребенјук исто така објави фотографија од печат кој наводно бил во воената книшка на еден неименуван војник.

„Склон кон предавство, лаги и измами. Одби да учествува во специјалната воена операција на територијата на ЛНР, ДНР и Украина“, гласи службениот печат, кој ги користи кратенките усвоени од сепаратистите поддржани од Москва во делови од источниот дел на Украина.

Гребењук изјави дека војникот му рекол оти служел седум месеци во Сирија и дека добил „отсуство за одмор и рехабилитација“, кое било откажано кога му било наредено да оди во Украина.

Тела на загинати руски војници на руски АПЦ во регионот на Киев во почетокот на борбите.
Тела на загинати руски војници на руски АПЦ во регионот на Киев во почетокот на борбите.

Во објава на Твитер, Леонид Волков, главен помошник на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални, напиша: „Имаат печат? Тоа значи дека е масовна појава“.

Таков печат во книшката за воена служба може да му отежни на војникот да најде работа или да се запише во високо образование.

Зеленски: Елиминацијата на украинските војници во Мариупол ќе стави крај на преговорите со Русија

Руската војска инсистира на тоа дека нејзината војна во Украина во голема мера се одвива според планот, но западните разузнавачки аналитичари документираа значителни пропусти во снабдувањето, комуникациите, подготовката и други области кои ги попречуваа нејзините операции.

Москва соопшти дека 1.351 војник биле убиени од почетокот на војната на 24 февруари, но други извори велат дека реалната бројка е многу поголема.

Украинската војска проценува дека се убиени повеќе од 18.000 руски војници.

Украински војник го покажува амблемот на елитната единица на руските вооружени сили во близина на уништените руски тенкови во селото Дмитривка, во близина на Киев, на 2 април.
Украински војник го покажува амблемот на елитната единица на руските вооружени сили во близина на уништените руски тенкови во селото Дмитривка, во близина на Киев, на 2 април.

Адвокатот на Агора, Бењаш, верува дека бројот на таквите одбивања ќе се зголеми, бидејќи човечките загуби од војната стануваат појасни во Русија.

„Мислам дека како што повеќе метални ковчези ќе се враќаат од Украина, толку повеќе луѓе ќе има во Русија кои немаат желба да бидат во следниот ковчег“, рече тој, додавајќи:

„Таквата позиција ќе стане општествено прифатлива, разбрана и прифатена. Расположението во општеството се менува. Претходно, војник мораше да донесе таква одлука сам, на сопствен ризик. Но, сега веќе има примери и луѓето можат да ги видат последиците. Тие не се застрелани; тие не се соочуваат со трибунали; тие не се праќаат во затвор“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG