Достапни линкови

Скапите градежни материјали ги ѕидаат повисоко цените на становите


Забавената изградба на нови станови, рестрикциите за градење во одредени општини и зголемените трошоци во градежништвото за репроматеријали меѓу кои и металот на светските берзи ја зголемија цената на метар квадратен – коментираат луѓето од градежниот бизнис.

Поскапувањето на цената на металот на светските берзи донесоа за 10 проценти повисоки цени на станови во земјава, вели градежникот и претседател на градежната гранка во Стопанската Комора Никола Велковски. Тој вели дека речиси сите материјали кои се користат при градба се делумно поскапени, некои повеќе некои помалку, дополнително поскапена е и цената на трудот, и сето тоа зачинето со здравствените и економските последици од пандемијата годинава донесе поскапи градежни услуги.

„Репроматеријалите од метал учествуваат 20 до 30 проценти во градежните материјали при изградба, но тоа ќе има влијание во конечната цена за услугата што ние како градежни компании ги нудиме“ вели Велковски.

Од друга страна ,пак, дел од градежните компании прикажаа пад на активностите поради кризата и поради мораториумите за градба во Скопје. Но, и покрај тоа во 2020 година, статистички, има зголемена продажба на станови, но и раст на цените. Податоците на Народната банка покажуваат дека цените на недвижностите го достигнаа нивото од 2010 година, цени што не беа забележани во сите претходни години, а на квартално ниво имаше раст во сите четири тримесечја.

Во изминативе четири месеци сериозно се покачија цените на металите како и на сите суровини за производство на челик, особено оние суровини кои доаѓаат од Азија, вели извршниот директот на Макстил Петар Јанески.

„За да останеме конкурентни ние мораме да ги оптимизираме нашите трошоци и да бидеме што е можно побрзи и поквалитетни од останатите во испораката на нашите производи. Но очекуваме поради поголемиот обем на нарачки да пристигнат, па ќе се трудиме маргината, односно заработувачката да остане позитивна, да имаме позитивни финансиски резултати. Очекуваме од западните економии да имаат зголемена јавна потрошувачка и позначајни проекти од јавната инфраструктура,“ вели Јанески.

Тој додава дека македонскиот челик се извезува во Европа, каде што конкуренција се сите светски производители на челик.

„Се надеваме дека со повисоките трошоци за производство од една страна, но и со повисокиот обем на нарачки кој очекуваме да пристигнат од друга страна, дека ќе успееме да остане со главата над вода во текот на пандемијата во 2021 година,“ објаснува Јанески.

Челичната индустрија е базна индустрија од каде што сите позначајни економски текови започнуваат први, но и застануваат први. Цените на металите во текот на 2020 година беа под голем притисок, паднаа под историско најниско ниво , а падна и побарувачката на пазарот, но сега ова повторно оживување на побарувачката на светскиот пазар ќе ги надокнади тие позиции кои беа изгубени во 2020 година, а ќе видиме дали ќе обезбеди подобри позиции во однос на 2019 година, која сега ја сметаме за репер, објаснува Јанески.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG