Достапни линкови

Аеродром рекордер по изградени станови во државата


Зграда во изградба. Илустрација.

Во Аеродром лани биле изградени најмногу станови во државата кога и се случила најголемата градежна експанзија во општината. Секоја година Аеродром е на врвот на листата, а во рок од 5 години се завршени 5031 стан и направени се 351 нов објект.

Аеродром е рекордер по изградени станови во државата во минатата година. Според податоците на Државниот завод за статистика во општината лани биле завршени 1601 стан во 64 објекти за домување кои биле градени од страна на деловни субјекти. Веднаш зад Аеродром се наоѓа Карпош со 1006 стана, но во поголем број на објекти, односно 77. Во двете општини градежната експанзија во 2019 година била најзасилена.

Аеродром секоја година е прв на листата во скопскиот регион по завршени станови. Во последните 5 години општината станала дом на дополнителни 5031 стан. За споредба во истиот период во Карпош, која е на второто место, биле завршени 2967 станови што е за околу 2000 помалку.

Радио Слободна Европа и претходно пишуваше за градежната експанзија во Аеродром каде во радиус од 500 метри избројавме околу 29 нови згради на местото каде се наоѓаа старите воени бараки. Таму и највидлив е новиот лик кој го добива општината, која во изминатите 5 години пак се збогатила за дополнителни 351 објект.

„Многу е тажно кога гледаме како македонската метропола се развива во последниве неколку децении и тоа не само центарот на Скопје, туку и останатите населби. Особено Аеродром како една од поновите општини во Скопје во последниве неколку години претрпува огромни измени и станува непрепознатлива. Сметам дека оваа градежна експанзија којашто трае може некои десет години, неповратно го уништува зеленилото и здравиот воздух во оваа општина со тоа го нарушува квалитетот на живеење на граѓаните на Аеродром“, вели Искра Манојлоска од граѓанската иницијатива „ Сакаме Аеродром да дише“.

Аеродром е инфраструктурно среден, блиску е до центарот на градот, и затоа тука сега напаѓаат градежните компании, вели претедателот на Групацијата за градежништво, Никола Велковски.

„Тоа се објекти по 7, 8000 илјади квадрати, па интересот си го наоѓаат зашто наместо да одат на три четири помали објекти, гради еден поголем и практично најмногу се гради во оваа зона“, вели Велковски.

Градоначалникот Златко Марин пред да стапи на функцијата ветуваше дека ќе се стави во одбрана на зеленилото и најавуваше ревизија на дуповите, но статистиката го покажува спротивното. Иако благодарение на тие ветувања Марин победи на изборите, тие не се остварија воопшто, смета Манојловска. И покрај тоа што граѓаните го кренаа својот глас против промената на ликот на општината, според неа, тоа не вродило со плод.

„Се покажа дека залудно се бориме бидејќи сепак економските интереси на градежниците се посилни од граѓанската свест на аеродромци“, додава таа.

Во Аеродром нема да престане да се гради и оваа година. На инвеститори во првите четири месеци од годинава им биле издадени 9 одобренија за градба во општината.

Во скопскиот регион лани биле завршени 2909 станови, а повеќе од половина од нив се токму во Аеродром. Во останатите региони вкупно се изградиле 1007 станови. Просечната површина на завршените станови е 66 метри квадратни.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG