Достапни линкови

Симовски - Пописот да се сфати сериозно


Директорот на Завод за статистика, Апостол Симовски.
Директорот на Завод за статистика, Апостол Симовски.

Македонските државјани кои се во странство може да се попишуваат онлајн или за нив податоци да даде некој близок. Тие со ковид ќе се попишуваат според протоколи на Министерство за здравство. Ќе има најмалку 5500 попишувачи, а освен на терен, ќе се користат и бази на податоци од институции.

Државниот завод за статистика ја објави методологијата за пописот, со која се регулирани подготовката, организацијата и спроведувањето на статистичката операција. Предвидено е пописот да се спроведе од 1 до 21 април годинава, а од 1 до 15 март ќе биде овозможено предпопишување за одредени категории луѓе, како луѓе без документи, затвореници и притвореници, претставници на армија и дипломатски претставници во странство. Тие што имаат ковид или во изолација ќе се попишуваат според протоколи од Министерството за здравство, рече директорот на Завод за статистика, Апостол Симовски.

На денешната прес-конференција Симовски рече дека пописот ќе се спроведува по комбиниран модел - попишување на терен и користење на податоците од базите на податоци во државна сопственост. Заводот направил посебна пописна база во која влегуваат базите на МВР, Централен регистар, на Агенцијата за вработување, МОН, Министерството за труд и социјала, УЈП, Агенција за катастар, матични книги и расположливите податоци од заводот на статистика. Линкот на поврзување меѓу нив е матичниот број на граѓаните, вели Симовски.

„Вака се намалува потребното време за вршење на пописот, но се намалува и трошокот на целокупната операција, но и потребното време за обработка на податоците, конечни податоци за пократок период, рече Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика“, вели тој.

Тој апелира оваа операција сите да ја сфатат многу сериозно.

„Можеме сѐ да проверимe, така што апелирам, но и потенцирам дека сѐ ќе се проверува, никој да не се обидува да дава погрешни податоци бидејќи сѐ е проверливо и докажливо…апелираме сите граѓани да ја сфатат оваа операција многу сериозно бидејќи е во интерес на сите граѓани“, рече Симовски.

Тој не сакаше да ги коментира политичките изјави за пописот, вели дека тој е регулиран со закон, а законот сите мора да го почитуваат.

Директорот на Заводот вели дека ќе има 50 комисии на пописни региони кои треба да овозможат услови за спроведување на пописот, ќе има 150 државни инструктори, вработени во Заводот кои треба да надгледуваат, потоа 500 реонски инструктори, контролори на попишувачите и најмалку 5500 попишувачи, а ќе има и резервни попишувачи за да нема застој при операцијата.

Пописот ќе се спроведува на седум јазици, а во домот на попишуваните може да влезе еден попишувач, прашалниците треба да бидат потполни за да се признаат, вели Симовски. Во прашалниците има шеесетина прашања.

Ќе го попишуваат резидентно и нерезидентно население. Со пописот не се опфатени лицата од дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства, претставници на меѓународни организации кои во моментот на пописот се во Македонија, странски државјани кои се нашле тука за време на пописот заради службен пат или туристички. Не се попишуваат ниту становите на дипломатските претставници, становите во сопственост на други држави, ненаселени станови, иселени поради рушење, станови без одобрение за вселување, домови за стари лица, за студенти, манастирски конаци.

Резидентно население

Во резидентно население спаѓаат државјаните на Македонија кои живеат тука без разлика дали се или не во местото на живеење за време на пописот, но се во Македонија, странци кои се тука повеќе од 12 месеци кои имаат одобрен престој, државјани на Македонија кои имаат живеалиште тука, но се во странство ама помалку од 12 месеци поради работа или друга причина, потоа наши државјани кои се на работа во странство како во амбасади, во ОН и нејзнините организации, претставници на стопански комори во странство, воени претставници. На пописот ќе се попишат и странци со признато право на азил или бегалец.

Нерезидентно население

Во нерезидентно население спаѓаат оние кои се повеќе од 12 месеци надвор од Македонија и странци кои се тука со одобрение со привремен престој, но се тука помалку од 12 месеци.

Како ќе се попишуваат лицата кои се надвор од земјата?

Државниот завод за статистика овозможил апликација за самопопишување на лицата кои се во странство, без разлика на времетраењето, која ќе биде функционална од 1 март до 21 април, на неа не може да пристапи некој што е во земјава.

Симовски рече дека е дадена и можност за лица кои се во странство податоци да дадат нивни блиски кои живат во земјата, но кои добро ги знаат сите потребни податоци за тие кои се во странство, но податоците треба да бидат потполни.

Симовски - Ќе имаме голема црна дупка од иселените од државата
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:04 0:00


Собранието на 21 јануари со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“ го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија, според кој пописот треба да се спроведе од 1-ви до 21 април годинава.

Законот гарантира одржување попис според меѓународните стандарди и стандардите на Евростат.

Опозицијата останува на ставот дека пописот треба да се одложи за наредната година, или ако се инсистира тој да се одржи пролетва, да се спроведе по електронски пат. ВМРО-ДПМНЕ, формално почна и иницијативата за укинување на Законот за попис.

Претседателот на државата Стево Пендаровски неодамна изјави дека според него не би било проблем спроведувањето на оваа статистичка операција да се одложи и да се одржи во мај или јуни, на што завчера и премиерот Зоран Заев изјави дека таквата можност е вредна за разгледување, но, нагласи, само ако станува збор за одложување од еден или два месеца.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG