Достапни линкови

Ни знаеме колку сме, а ни токму ли сме


Илустрација: Патници на скопскиот аеродром

Низа политичари рекоа дека нема да ги признаат резултатите од пописот ако „не е по нивно“. Стиховите „колку сме толку сме токму сме“ на Гане Тодоровски се доведени под прашање.

Македонска Каменица има 75 илјади жители, скоро колку Дебар и Центар Жупа заедно. Македонија има четири милиони жители, од кои 20 отсто се илегални мигранти од Африка и Блискиот Исток кои си ја побарале среќата во забревтаната пехчевска индустрија или во туристичкиот сектор во Демир Хисар кој доживува невидена експанзија. Бројот на Албанци и Македонци и таман за сите да бидат задоволни, но никој еуфоричен.

Со вакви резултати од најавениот попис веројатно сите би биле задоволни, освен што би имало само еден проблем. Тие не се точни.

Власта постојано уверува дека се работи за статистичка, а е не за политичка операција. Критичарите, пак, велат дека со оглед на тоа што според Уставот, колективните права на етничките заедници произлегуваат од нивната бројност, пописот секогаш ќе биде политичка операција.

Опозициските партии постојано изразуваат сомнеж дека пописот ќе биде „наместен“ и лицитираат со бројки на етничките заедници. Прв јавно излезе лидерот на Левица Димитар Апасиев.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски го зголеми влогот.

Сега, лицитацијата дојде и од страна на власта. Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ вели дека нема да ги прифати резултати ако Албанците испаднат под 20 отсто. Партијата реагираше дека се работи за личен став, а премиерот Зоран Заев рече дека никој нема да задира во стекнати права без разлика на резултатите од пописот.

По политичките претставници, и граѓаните на социјалните мрежи почнаа да лицитираат со бројки, некои на шега, некои сериозно.

Ако сите веќе си ги имаат посакуваните резултати во глава, зошто тогаш да се трошат пари за попис. Може да седнат и да се договорат колку треба да сме.

Некои, пак, почнаа да се исмеваат со „броењето крвни зрнца“.

Гане Тодоровски во „Нашинска“ пееше да ни е да сме доволно „да се разбистри небоно над Бистрине, Корабине“ и „колку да се довардиме покрај Вардарине и Струмине“.

„по стопати по севезден нè пребројуваат
Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!“

Се чини дека ни знаеме колку сме, а под прашање е и дали сме токму.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа рече дека резултатите од пописот нема да им се бендисаат на многумина, но оти статистиката не ја прави реалноста, туку ја регистрира.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG