Достапни линкови

СЗО со нови насоки за аерозагадувањето, Македонија се мачи со старите


Скопје - поглед на главниот град на Македонија во момент на високо ниво на аерозагадување. СЗО даде построги препораки за заштита на здравјето на луѓето, наведувајќи дека постојат силни докази за смртоносното влијание на загадениот воздух.

Силни докази за штетноста врз здравјето од загаден воздух објави СЗО, при што препорача земјите да ги намалат дозволените нивоа на аерозагадување. Македонија и натаму не успева да го одржи загадувањето на нивото според нејзиното домашно законодавство

Во Упатствата за подобрување на квалитетот на воздухот ажурирани прв пат по 16 години, СЗО препорачува нови ограничувања на нивото на загаден воздух и ги повикува нациите да се справат со аерозагадувањето за да спасат милиони животи. Лимитот за најштетните загадувачи како ситните честички од согорувањето на фосилни горива, СЗО препорачува да биде преполовен, а новите граници на азот диоксид што главно го испуштаат дизел моторите, да бидат намалени за 75 проценти.

Загадувањето на воздухот годишно убива по 7 милиони луѓе вели СЗО, наведувајќи дека новите граници се препорачани поради силните докази од изминатите години кои покажуваат дека смртоносна штета врз здравјето на луѓето може да биде предизвикана и од многу пониско загадување отколку што претходно се мислело.

„Загадувањето на воздухот е закана во сите земји, но најтешко се погодени луѓето во земјите со низок и среден приход“, вели директорот на СЗО Д-р Тедрос Аданом Гебрејесус.

Македонија долго време е меѓу најзагадените земји во Европа, со концентрации неколкукратно повисоки од дозволените граници кои според домашното законодавство се значително над оние што ги препорачува СЗО. Проценките за земјава се дека загадениот воздух убива околу 3.000 луѓе годишно.

„Новите препораки се за доста добра заштита на јавното здравје од аерозагадувањето. Тие се построги од претходните препораки коишто ги имаше дадено Светската здравствена организација и се многу построги од законските обврски кои ги имаме ние, како и Европската унија од каде што ги имаме преземено“, вели Давор Пехчевски од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“

Пехчевски вели дека не постои безбедно ниво на аерозагадување, посочувајќи дека нивоата ставени во законската рамка во Македонија се „далеку од достигнати“, а дека земјава посебно има проблем со ПМ честичките (ПМ10 и ПМ2,5), кои со години се над годишниот дозволен просек на изложеност врз ПМ честички.

„Ова сега што СЗО го даде како сигнал е дека треба земјите уште посериозно да работат со проблемот со аерозагадувањето, не само кај нас. Тоа е глобален проблем, но кај нас како земја која има проблем да ги достигне сегашните законски вредности значи дека треба мерките коишто ги преземаме веќе да стануваат екстремни за да обезбедиме максимална заштита на нашето население од штетните последици од аерозагадувањето“, вели Пехчевски.

Депонии со илјадници тони индустриски отпад, како линданот депониран среде главниот град Скопје, загадувањето со сулфур диоксид на термоелктраните РЕК Битола и РЕК Осломеј и нивните депонии од согорениот јаглен, загадување од другите големи фабрики за што државата нема прецизни податоци, се само дел од проблемите во земјава. Дополнително е загадувањето од сообраќајот и затоплувањето на домовоите во урбаните средини, прашината и штетните материи од градежните работи при урбанизацијата, емисиите од отпадот и заплените диви депонии... Мерните станици во земјава постојано покажуваат загадување над дозволеното.

ЕУ со зелен договор, а Балканот само сонува зелено
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:56 0:00

Кај децата загадениот воздух може да предизвика намален раст и функција на белите дробови, респираторни инфекции и влошена астма, според СЗО. Кај возрасните, исхемични срцеви заболувања и мозочен удар се најчестите причини за прерана смрт што се должи на загадувањето на воздухот на отворено.

„Исто така има докази за други ефекти како дијабетис и невродегенеративни состојби. Овие болести се предизвикани од загадување на воздухот и се на исто ново со други големи глобални здравствени ризици како нездравата исхрана и пушењето тутун“, наведува СЗО.

Аерозагадувањето е најголемиот ризик врз здравјето на луѓето кој чини трилиони долари годишно, според СЗО. Повеќе од 90 проценти од глобалната популација веќе дише загаден воздух над нивоата според упатствата од 2005 година.

Гебрејесус вели дека новите насоки на СЗО се базирани на докази и дека се практична алатка за подобрување на квалитетот на воздухот од кој зависи целиот живот.

„Ги повикувам сите земји и сите оние кои се борат да ја заштитат нашата животна средина да ги употребат за да ги намалат страдањата и да спасат животи“, вели Гебрејесус.

Скоро 80 проценти од смртните случаи поврзани со ПМ2,5 честичките ќе бидат избегнати во светот ако моменталните нивоа на аерозагадување бидат намалени според новите ажурирани упатства, наведува СЗО. Новите упатства на СЗО се направени по петгодишни прегледи и истражувања на десетици научници.

ПМ2,5 честичките се еден од најштетните загадувалчи кои можат да поминат низ белите дробови во крвотокот и да влијаат врз другите органи. Според новите упатства на СЗО, препораките се годишната просечна изложеност на ПМ2,5 да биде намалена од 10 на 5 микрограми на метар кубен, а годишната граница на изложеноста на NO2 да биде намалена од 40 на 10 микрограми на метар кубен. Дозволената граница во Македонија за ПМ2,5 е 25 микрограми на метар кубен, а за NO2 40 микрограми на метар кубен.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG