Достапни линкови

Кина студено примена на самитот со земјите од Централна и Источна Европа


Кинескиот претседател Си Џинпинг и други претставници на самитот со земјите од Централна и Источна Европа, Пекинг, 9 февруари 2021 година.
Кинескиот претседател Си Џинпинг и други претставници на самитот со земјите од Централна и Источна Европа, Пекинг, 9 февруари 2021 година.

Кинескиот лидер Си Џинпинг претседаваше со долго одложуваниот самит со земјите од Централна и Источна Европа во услови на поделби во регионот за тоа како да се реагира на растечкото влијание на Пекинг. Состанокот главно се фокусираше врз пристапот до вакцините против ковид-19.

Пекинг го формира блокот 17 + 1 во 2012 година за да соработува со земји од Централна и Источна Европа, од кои 12 се членки на Европската унија. Самитот се одржа по повеќе од една година одложување.

Но, на самитот многу земји од Централна и Источна Европа искажаа разочараност од неисполнетите преголеми трговски и инвестициски ветувања на Кина. Повеќето се и загрижени дека 17 + 1 се користи за поделба во политиката на Европската унија спрема Кина.

Во знак на зголемен скептицизам во регионот кон Кина, шест земји - Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија и Словенија - избраа да испратат министри наместо нивните претседатели или премиери.

Тука е и растечката поделба што се одвива во Централна и Источна Европа, во која многу земји имаат потрезвена проценка за ангажманот со Кина и внимателно се позиционираат меѓу Пекинг и Вашингтон во услови на продлабочено ривалство.

„Се реализира пореален пристап кон Кина и форматот 17 + 1“, изјави за РСЕ Франк Јурис, експерт за улогата на Кина во регионот на Естонскиот институт за надворешна политика во Талин. Тој додава: „Ова не важи само за балтичките држави, туку и за поширокиот регион. Има скоро една деценија кинески ветувања што не сме ги виделе како се развиваат“.

Покрај земјите што испратија застапеност на пониско ниво, во групата 17 + 1 се и членовите на Европската унија, Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Полска и Словачка - и потенцијалните членки Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Меѓу САД и Кина

Новата американска администрација на претседателот Џо Бајден бара поголема координација со Европа за помагање во спротивставување на Пекинг и многу земји се чувствителни на тензиите меѓу двете поголеми сили.

Ова останува особено важно за земјите од Централна и Источна Европа кои на Русија гледаат како на нивно главно одбранбено прашање и зависат од тесната безбедносна соработка и со САД и со НАТО.

Белата куќа ќе го испита извештајот на СЗО за потеклото на ковид-19 во Кина

„За кинеското прашање, постои раскол во Европската унија помеѓу старите земји-членки и новите земји-членки“, вели Ивана Караскова, основач на Набљудувачи на Кина во Централна и Источна Европа со седиште во Прага, додавајќи: „Во 17 + 1 имате голем број сојузници на САД кои се поприемчиви за американските цели“.

И покрај ладните врски помеѓу Пекинг и членките на групата 17 + 1, кинескиот раст стана поизразен во последните години.

Кина плете наголемо

Потпишувањето на сеопфатниот договор за инвестиции меѓу Европската унија и Кина кон крајот на декември 2020 година означи геополитичка победа за Кина и му испрати порака на Вашингтон дека врските на Пекинг со Европа ќе бидат потрајна работа, и покрај постојаната загриженост за договорот во Европскиот парламент.

Од друга страна која улога ќе ја игра Европа во тензиите меѓу САД и Кина стана фокусна точка за политиките и во Пекинг и во Вашингтон.

Додека Џејк Саливан, советник за национална безбедност на претседателот Бајден, зборуваше за потребата за поблиска соработка со европските земји во конкуренцијата на Соединетите држави со Кина, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја охрабри ЕУ за време на видео состанокот со шефот за надворешна политика на блокот , Жозеп Борел, да дејствува „независно и автономно“ среде растечкото ривалство.

Со повторното соединување на групата 17 + 1, Кина се надева дека ќе го продолжи тој успех и ќе помогне да се обезбеди постојана важност на форматот откако минатогодишниот личен самит беше откажан поради пандемијата на коронавирусот.

Но, неформалниот блок досега донесе слаби резултати во трговијата и инвестициите за своите членки, откако беше лансиран во 2012 година.

Според институтот Меркатор за кинески студии, тинк-тенк со седиште во Берлин, скоро 50 проценти од извозот на ЕУ во Кина е од Германија.

Кинескиот „нов пат на свилата“ поплочен со јаглен на Западниот Балкан

Кинеската трговија со 17-те земји од Централна и Источна Европа достигна 100 милијарди долари за прв пат во 2020 година. Сепак, постигнувањето на тој репер кој беше промовиран во 2012 година на првиот самит 17 + 1, требаше да се постигне до 2015 година.

Наместо тоа, Кина го искористи сегашниот самит за да се заложи за понатамошна употреба на кинески вакцини во Централна и Источна Европа, бидејќи ЕУ се соочува со недостиг.

Пекинг исто така вети дека ќе увезе повеќе од 170 милијарди долари земјоделски производи од регионот во следните пет години. Унгарија, која одржува силни врски со Пекинг, веќе стана првата земја на Европската унија што се пријави за дистрибуција на кинеската вакцина Синофарм, а чешкиот премиер Андреј Бабиш минатата недела посочи дека неговата влада може да ја следи.


Србија, Северна Македонија и Црна Гора исто така или веќе купија кинески вакцини или изразија силен интерес за тоа. Србија, која е еден од најблиските кинески партнери во регионот, се потпре многу на кинеските инјекции за својата кампања за проширување.

Влегување во нов период

Напорите на Кина да ги зацврсти своите врски во Централна и Источна Европа доаѓаат по во голема мерка успешната американска кампања да ги убеди европските нации да ги ограничат кинеските оператори од кинеските мрежи 5G.


Ограничувањето на провајдерите како што се Huawei и ZTE од мрежите на следната генерација беше приоритет на администрацијата на претседателот Доналд Трамп и политика која Бајден изгледа ќе ја продолжи. Двата кинески телекомуникациски гиганти ги негираат тие обвинувања.

САД со нови обвиненија за кинескиот гигант Хуавеи

Некои од најсилните поддржувачи на мерките на САД беа од Централна и Источна Европа, со тоа што голем број земји од регионот се потпишаа на Иницијативата за чиста мрежа на Соединетите држави, обврзувајќи да користат други не-кинески продавачи за нивните мрежи.

„Односите на земјите од Централна и Источна Европа со Кина исто така се променија заради поконфронтативната позиција на САД кон Кина“, изјави за РСЕ Андреја Бринза, потпретседател на Романскиот институт за проучување на Азија-Пацифик.

Дури и Германија, која ја следеше политиката на тивок ангажман со Кина, се очекува да ја намали употребата на кинеска опрема и Берлин планира да обезбеди 2 милијарди евра за развој на алтернативни добавувачи на 5G.

Сепак, и покрај безбедносните проблеми и напнатоста поради однесувањето на Пекинг со муслиманското малцинство во Ксинџијанг и ерозијата на граѓанските права во Хонг Конг, трагата на Кина низ цела Европа ќе се зголеми.


Инвестицискиот договор на Пекинг со Европската унија има за цел да обезбеди поголем пристап до кинеските пазари за европските бизниси, иако се гледа дека договорот најмногу им користи на германските компании, особено на германската автомобилска индустрија.

Додека сè уште немаат директни кинески инвестиции, економиите од Централна и Источна Европа се поврзани со Германија и сè уште може да имаат корист.

„Плимата во регионот се врти и продолжува да се врти“, вели Караскова, додавајќи: „Но, целото кинеско прашање ја става Централна и Источна Европа во непријатна позиција“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG