Достапни линкови

Руската влада поднесе оставка за да отвори пат за уставните измени


Русија- рускиот претседател Владимир Путин и премиерот Дмитри Медведев на состанок со владиниот кабинет, 15.01.2020

Само неколку часа откако претседателот Владимир Путин во обраќањето до нацијата најави уставни измени, руската влада предводена од Дмитри Медведев си поднесе оставка.

Рускиот претседател Владимир Путин го номинираше новиот премиер- првиот човек на федералната даночна управа Михаил Мишустин, јавуваат руските агенции кои наведуваат и дека тој ја прифатил номинацијата.

Претходно денеска, руската влада поднесе оставка, само неколку часа откако претседателот Путин во своето годишно обраќање до нацијата побара уставни измени со кои ќе се зголеми моќта на парламентот. Медведев во обраќањето во живо на владиниот состанок со Путин, рече дека по донесувањето на уставните измени, што најверојатно ќе следи по дискусиите, ќе има значајни промени во балансот на моќта.

“Во тој контекст, ние како влада на Руската федерација мора да му обезбедиме на претседателот на нашата земја можност да ги направи сите потребни одлуки и во такви услови мислам дека владата на Руската федерација направи вистински чекор со оставката“, рече Медведев.

Претходно, денеска Путин во обраќањето во дводомниот парламент рече дека треба да има амандмани на Уставот од 1993 година со кои на државната дума ќе и се даде право да ги именува министрите, моќ која сега ја има претседателот.


Истовремено, тој рече дека Русија би требало да остане претседателска република, а шефот на државата да има права да го отпушти премиерот и министрите и да ги именува високите раководители во безбедносниот и одбранбениот систем.

"Давањето такви предложени реформи ќе предизвика сериозни промени во политичкиот систем, законодавството, извршната и судската власт и мислам дека е неопходно да се прашаат и граѓаните за целиот пакет на предложени амандмани на рускиот Устав“, рече Путин без да каже конкретен датум кога би се одржал референдумот.

Агенцијата Интерфакс, без да наведе извор, јавува дека Путин дал инструкции на владата во заминување да ги извршува своите обврски до формирањето на нова влада. Се јавува и дека Путин планирал да го именува Медведев за заменик секретар во рускиот безбедносен совет.

„Од моја страна, сакам да ти се заблагодарам за се што направи во оваа фаза од нашата заедничка работа, сакам да изразам задоволство од резултатите кои се постигнати“, рече Путин на состанокот со Медведев.

Инаку , последниот референдум во Русија се одржа во 1993 година кога се донесе Уставот. Тогаш претседател на државата беше Борис Елцин. Во контекст на уставните измени, Путин во обраќањето до нацијата денеска, сугерираше и заострување на критериумите за некој да стане претседател, наведувајќи дека кандидатот би требало да живее во земјата најмалку 25 години и да нема странско државјанство или дозвола за престој. Дополнително, тој рече и дека со измените треба да се осигура приоритет на домашното законодавство во однос на странското право.

Говорот се случи и во време кога Русија е се уште под западни санкции поради своите акции во Украина и Сирија, како и мерки поради мешањето на Москва во изборите во САД. Сето ова го погоди економскиот раст на земјата и ја зголеми стапката на сиромаштија.

Путиновите „први“ 20 години на власт
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:34 0:00

Шеесет и седум годишниот Путин доминира во руската политика две декади, извршувајќи ги наизменично премиерската или претседателската функција од 1999 година. Во 2015 година тој доби нов шест годишен претседателски мандат. Според досегашниот Устав тој треба да ја напушти функцијата по нејзиното завршување бидејќи со него се ограничува претседателската позиција на два последователни мандата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG