Достапни линкови

Реално нереална слика за бројот заразени од Ковид


Бројот на заразени со ковид 19 е во пораст, а за термин за ПЦР тест се чека неколку дена. Матичните советуваат скратување на деновите за изолација, бидејќи новиот сој има полесна клиничка слика. Во меѓувреме, состанокот на Комисијата за заразни болести, заврши без конкретни одлуки за нови мерки

Од полни кафеани, дискотеки и празнични дружби, до полни ординации и редици пред лабораториите и аптеките. Веќе неколку дена бројот на новозаразени од ковид 19 надминува над 1000 лица на дневна основа, барем според официјалните статистики на Институтот за јавно здравје. Дел од матичните лекари велат дека овој број не е реалниот, бидејќи има многу пациенти кои воопшто не се тестираат, особено ако имаат полесни симптоми.

Во меѓувреме без конкретни одлуки заврши денешниот состанок на Комисијата за заразни болести. Од Министерството за здравство кратко соопштија дека на состанокот се дискутирало за повеќе предлог мерки, како што е скратување на деновите за изолација, но одлука за тоа ќе биде донесено дополнително. Одлука нема и за евентуална промена на почетокот на второто полугодие на учебната година, бидејќи како што додаваат во соопштението, клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата.

Кој да чека со денови за ПЦР

И младиот Костадин М. е позитивен на ковид 19. Решил да направи брз антиген тест откако почувствувал умор и блага температура.

„Тестот беше позитивен, иако навистина немам некои симптоми. Во други околности немаше ни да правам тест, мислев дека е само настинка, ама поради наглиот скок на заразени решив да се тестирам со тест од аптека. Матичниот лекар ми кажа дека штом брзиот тест е позитивен, нема потреба да чекам со денови за да направам и ПЦР тест. Сега сум во изолација 10 дена и да се лекувам со течности и витамини“, раскажува Костадин.

Слично искуство има и скопјанката Јасна, која исто така направила брз тест, бидејќи не можела да чека неколку дена за да добие термин за ПЦР тестирање. По социјалните мрежи се повеќе граѓани се жалат дека нема термини за ПЦР тестови и дека се принудени да се тестираат приватно, односно на свој трошок.

Долги редици има и пред аптеките. Во една од нив ни рекоа дека е драстично зголемена потрошувачката на брзите ковид тестови, но и побарувачката на витамини, сирупи против кашлица и антибиотска терапија.

Што препорачуваат матичните лекари

Матичните лекари го потврдуваат зголемениот број на пациенти овие денови, но според нив во периодот има и многу настинки, вируси, грип и тоа пред се поради температурните разлики.

„Да, имаме зголемен број на пациенти кои имаат типични вирални симптоми со кашлица, покачена температура, изнемоштеност, болки во зглобови. Но во споредба со минатата година се поретко се среќаваат тешките респираторни симптоми, како што се гушењето и пневмонијата“, објаснува матичниот лекар Лиридон Диса.

Доктор Лидија Чолакова-Дервишова од Здружението на приватни матични лекари вели дека бројката на заразени не е реална, бидејќи како што додава, тестовите можат да покажат и присуство на други вируси, не само на сарс ков 2. Таа не инсистира нејзините пациенти да се тестираат, туку штом забележат симптоми да дојдат на преглед кај неа во ординација.

„Ако брзиот антигенски тест е позитивен, ќе биде позитивен и ПЦР тестот. Овие тестови „ловат“ секаков генетски материјал кој не докажува дали вирусот е жив или не, и ги „лови“ сите вируси. Затоа велам дека симптоматологијата на терен е најразлична, но немаме тешка симптоматологија. Јас ги повикувам сите пациенти на преглед за да видам за што се работи. Бидејќи по телефон и само со тест не може да сфатите какви тегоби има пациентот“, вели Чолакова-Дервишова.

Чолакова: Не се потпирајте на тестовите, барајте да ве прегледа матичен
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:29 0:00
Директен линк

За разлика од Скопје, доктор Диса кој има своја амбуланта во Тетово вели дека термини за ПЦР тестови во неговиот град има, но за термин треба да се почека неколку дена. За разлика од неговата колешка, тој смета дека тестовите се ефикасни и веродостојни.

„Ние им препорачуваме на пациентите да направат било кој тест кој докажува присуство на корона вирусот во телото. Двата теста се ефикасни. Било кој од тестовите кои ќе покаже такво присуство го прифаќаме како точен. Симптомите се како и кај обичниот грип, ретко се среќаваме со тешките респираторни симптоми, но има поголема заразност. Ова се должи на фактот или на фактот дека се повеќе граѓани се вакцинирани или пак дека имаме стекнато колективна имунизација“, вели доктор Диса.

Пациентите кои се со симптоми на ковид 19 добиваат решенија за изолација од 21 ден, додека тие кои се без симптоми седат во изолација 10 дена. Чолакова-Дервишова смета дека деновите за изолација треба да бидат скратени, особено зошто според неа новиот сој омикрон поминува со лесни симптоми кој траат само неколку дена.

„Според сегашната состојба треба да се намали бројот на денови за изолација. Ако пациентот нема симптоматологија верувајте најголемиот дел седат 10 дена дома, а ние си ја уништуваме економијата. Ако докторот процени дека тој пациент има симптоми ќе му напише боледување. Додека вака огромен број на луѓе кои имаат позитивен тест, а немаат никакви симптоми седат дома со денови, а во меѓувреме се затвораат продавници, бизниси итн“, вели Чолакова-Дервишова.

Во изминатите неколку дена бројот на заразени со ковид 19 е во пораст. Вчера беа регистрирани 813 нови случаи на ковид-19 од направени 5.165 тестирања. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 234.277, бројот на оздравени пациенти е 215.852, на починати е 8.042, а бројот на активни случаи изнесува 10.383.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG