Достапни линкови

Расте интересот за ИТ секторот, опаѓа за општествените науки


Илустративна фотографија. Програмери работат на компјутери.
Илустративна фотографија. Програмери работат на компјутери.

Меѓу матурантите сè попопуларни се информатичките науки и Медицинскиот факултет, за разлика од неодамна кога најголем број студенти се запишуваа на општествените науки што доведе до заситеност од овие профили на пазарот на трудот, покажува анализата на невладините организации.

Образованието со кое се добива знаење за 21-от век е сè попопуларно меѓу македонските матуранти кои годинава се запишуваат на факултет.

На најголемиот државен универзитет УКИМ во Скопје, третиот и последен уписен рок на факултетите на кои што ќе останат слободни места, е на 25 септември, по што може да се очекуваат и официјални податоци за тоа кои факултети се најатрактивни.

Во меѓувреме, анализата на невладината организација „Реактор – истражување во акција“ покажува дека општествените науки и натаму се најпопуларни, но со надолна линија. Во последните неколку години кај младите има интерес за информатичките науки, велат истражувачите кои дополнуваат дека меѓу матурантите се попопуларни стануваат студиските програми од ИТ секторот.

Анализирани се податоците од Заводот за статистика од последните неколку години за да се проследат трендовите на младите за упис на студии од кои излегуваат моментално најбараните работни места.

Блажен Малески, истражувач во „Реактор истражување во акција“ гледа позитивно на растот на интересот за информатиката и сродните студии и дополнува дека тоа покажува оти младите се свесни за побарувачката на пазарот на трудот.

„Генерално гледано, сè почесто младите одбираат некои други насоки за студирање во високото образование што укажува на еден позитивен тренд, дека општеството е заситено од општествените науки и ја разбрале пораката дека не може сите да бидеме правници, економисти итн. Традиционално меѓу атрактивните факултети кои ги гледаме според бројките е Медицинскиот факултет. Во последните години исто така атрактивен станува новиот Факултет за технолошки науки, како и ФИНКИ каде се поголем број млади се запишуваат“, вели Малески.

Македонија се уште има висока невработеност, а се смета дека, меѓу другото, една од причините е и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот, која е присутна подолго време.

Од Агенцијата за вработување во изминатиот период често укажуваа дека изборот на образование е индивидуално право на секој поединец, но оти секогаш треба да се има предвид и можноста да се најде соодветна работа по завршување на образованието, односно да се има предвид реалната потреба од таков образовен профил на пазарот на трудот

Анализите што се прават подолго време покажуваат дека во наредниот период на пазарот на трудот најбарани ќе бидат програмери, машински инженери, градежни инженери, економисти, доктори по општа медицина, информатички инженери.

Во меѓувреме се забележува дека сè помалку студенти се запишуваат на Правниот и Економскиот, како и Филолошкиот и Филозофскиот факултет кои со години не се симнуваат од тронот на најатрактивни факултети, вели Малески од Реактор. За промените во трендовите кај младите зборува и податокот дека на Правниот факултет за неколку години има двојно помалку студенти споредено со порано.

„Општествените науки се најпопуларни во државата, иако со надолна линија во последните неколку години. Гледаме дека се намалува вкупниот број на студенти. Сè помалку студенти одат на Економскиот, на Правниот, Филолошкиот, односно на Филозофскиот факултет, што укажува дека младите полека се оттргнуваат од тие студии кои традиционално биле најпопуларни. Па така, имаме еден Правен факултет кој за неколку години за половина го намали бројот на студенти и тоа отвора исто така некои проблеми за самите факултети односно универзитети кои зависат од бројот на студенти“, вели Малески.

Но исто така од „Реактор“ забележуваат и дека генерално бројот на студенти во државата се намалува и дополнуваат дека за тоа има повеќе причини. Од таму посочуваат дека во оваа академска година се влегува со генерација на млади родени во 2001 година, кога поради воениот конфликт имало мало намалување на бројот на родени деца. Тоа, според истражувањата на Реактор значи дека оваа година веројатно ќе го имаме најмалиот број на запишани студенти.

Инаку и минатата година исто така имаше релативно низок број на студенти. Лани на факултетите се запишаа 53 илјади студенти, а оваа година се очекува тој број да стигне до минимумот од околу 50 илјади запишани студенти.

Но, од „Реактор“ наведуваат дека бројот на студенти се намалува и поради трендот на иселувања од државата.

Матурантите по завршувањето на средно се решаваат да го продолжат своето образование во странство и тоа е ситуација започната пред неколку години.

Според сознанија на невладиниот сектор, младите најмногу се интересираат да заминат во Германија, но и во Словенија затоа што таму студирањето е бесплатно.

Инаку државава со години наназад се наоѓа на последните места во светските рангирања според способноста да го задржи талентираниот и стручен кадар.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG