Достапни линкови

Ракот на дојка не прашува за години


Илустративна фотографија од града оперирана од канцер
Илустративна фотографија од града оперирана од канцер

Две млади девојки од Македонија ги споделија за РСЕ своите сведоштва за борбата со рак на дојка. За тоа што поминуваат низ болеста пишуваат и на социјалните мрежи за да порачаат дека ракот не прашува за години. Најмладата пациентка во последните 10 години, имала само 17 години.

Дваесетиосумгодишната битолчанка Наталија 9 месеци носела перика, но не од мода, туку од желба да го „скрие“ ефектот на хемотерапијата која ја примала откако на 25-годишна возраст и дијагностицирале рак на дојка.

„Ништо не ми беше тешко, ни операцијата, ни хемотерапијата не ми беше многу тешка, но најголем шок ми беше косата кога ми падна, мислев дека смешно ќе изгледам. Ја кратевме косата заедно со другарките и тоа беше интересно, но понатаму и веѓите и трепките кога ми паднаа, тоа ми беше најтешко. Цел живот имав долга коса и не можев да се замислам со кратка“, изјави Наталија Михајловска Ристески, за РСЕ.

Ехото за да се види што е тоа што сама го забележала за време на едно туширање било нејзино прво одење на ваков преглед.

„Немав семејна историја на болеста и затоа воопшто не помислував дека такво нешто ќе ме снајде. Но, еден ден додека се туширав почувствував грутка во градата, како топка која не ме болеше на допир. Веднаш отидов кај матичната и таа ме прати на хирург за да се провери. Кога направив биопсија, докторот велеше дека немам за што да се плашам, дека нема да биде страшно, но на крајот излезе дека е малигно“, додава младата Наталија.

Трансформацијата на Наталија
Трансформацијата на Наталија

Екстра сила во борбата ѝ давала нејзина наставничка од основно, која на 30 години се соочила со истата болест, па Наталија ги имала на ум нејзините зборови - дека ракот на дојка се лечи и дека и таа ќе се излечи.

А 30-годишната Марија Бунда Калпак, која по професија е дерматолог во естетска медицина периодов се соочува со рак на дојка по втор пат со појава на метастази.

„Самото тоа дека можеш да имаш рак на дојка на 28 години беше голем шок, ми требаа некои две недели за да го прифатам. Одев низ тие фази на прифаќање на нешто негативно. Прво не веруваш, па потоа си тажен околу тоа, тешко ти е, не те погодува само тебе туку и цела фамилија. Но, подоцна сфатив и сѐ уште мислам дека тоа што се случило било со причина затоа што требало да променам некои делови во мојот живот, некои аспекти - кадешто сум одела многу брзо, да одам побавно. Каде што сум била многу посветена на надворешноста, да се посветам повеќе на себеси“, изјави младата докторка за РСЕ.

Таа првиот пат, на 28-годишна возраст, воопшто не носела перика, а сега носи, но само затоа што и е ладно. Паѓањето на косата не е некој проблем кога почнуваш да ја сфаќаш вредноста на животот.

Сега вели дека и од пеколот може да излезе нешто добро, бидејќи помага да сфатиш што е вредно и како да си го слушаш телото. Редовно вежба јога, медитира, поминува време со самата себе и повеќе време со семејството. Благодарна е што наутро отворила очи, бидејќи некој не може и ужива во музиката и пеењето кои ѝ се прва љубов. Особено се радува на поддршката од семејството.

„Вчера баш многу се вознемирив, ми пиша една девојка што имала прв стадиум и по некое време метастази на мозок, а на 26 години добила карцином, такашто мислам дека старосните граници се менуваат и затоа е многу битно свесноста да се подигне. Јас ќе гледам, еве, и преку Инстаграм, со снимање видеа да го направам тоа. Мора да се прави самопроверка и да се прави често, ако има некоја промена веднаш да се оди на лекар“, порачува Калпак.

Марија со семејството
Марија со семејството

Младата докторка сподели и дека повторувањето на болеста се случува често особено кај помлади, бидеќи во таков случај ракот може да биде многу поагресивен. Повторното соочување со болеста го очекувала, но не толку брзо.

Споделување на лични приказни како мотивација

Марија вели дека ја споделува нејзината приказна на социјалните мрежи бидејќи и самата таа гледајќи слични приказни сфатила дека не е единствена, па сака да им покаже на другите дека не се сами.

„Кога читаш дека не си сам, дека и некој друг нема коса, дека исто така му се лоши после хемотерапија или не може да се помести од кревет, тоа мене многу ми помогнало. И си реков зошто па јас да не го споделам, зошто да се правам дека сѐ е ок? Зошто да постирам само среќни слики? Не е животот само среќа. Мислам дека треба да сме малку пореални во споделувањето и дека баш кога сме ранливи може да им помогнеме на други луѓе. Бидејќи што ми останува мене и како докторка и како некоја што минува низ ова- ако споделам можам само да спасам живот и да помогнам“, истакна Калпак.

Дел од оние кои ја следат се проверуваат мотивирани токму од неа.

Марија без перика
Марија без перика

„Буквално ништо нема да пречи, ниту време да одземе ако една минута во еден месец провериме дали имаме некоја нерегуларност во градите, некое топче, некоја болка, некој исцедок. Ништо не чини, а може живот да спаси. Имам преку 10 примери што се дијагностицирани, млади но и повозрасни, бидејќи се провериле откако виделе мое видео. А има и многу повеќе што напипале нешто, па се провериле и сѐ било ок“, потенцира младата Марија.

Искуството со ракот на дојка ги освестило и другарките на битолчанката Наталија, па така тие последниве три години редовно прават самопрегледи, а ја следат ситуацијата и на ехо.

Ракот не се случува само на мајка ти или баба ти

Директорот на Клиниката за онкологија, Нино Васев, во разговор со РСЕ посочи дека науката за млади ги смета пациентките под 55 години, а случаите на помлада возраст се поретки, но сепак ги има.

„Сме имале и пациентки од 19 до 28 години, иако тоа не е често. Мал е процентот на пациентките кои имаат помалку од 30 години, но може да се случи. Според литературата тоа е од 3-5 %“, изјави Васев за РСЕ.

Докторот апелира да се отворат очи за жените навремено да одат на контрола.

„После 30-та година секоја жена освен редовен гинеколошки преглед треба да прави и ехо на дојки. До 30 години се советува самопреглед. Тоа може да го советуваат гинеколозите. До 40 години генерално не се прави мамографија, туку само ехо и самопреглед. Не се советува на пример жена од 25 години да оди на ехо, но ако тие имаат свесност, читаат литература, може да одат на преглед, нема никој да ги одбие“, додава докторот.

Што поскоро се открие, толку посигурно се лечи, потенцира Васев.

„Важна е свесноста за тоа дека рак на дојка може да се јави и во помлада возраст. Мислам дека младите многу повеќе следат на Интернет и сето тоа, но овие работи остануваат исти и треба да се работи многу, бидејќи информацијата е многу битна за жените да знаат и да не се плашат, штом почувствуваат нешто. Важно е да се јават веднаш на доктор, дури иако нема ништо, подобро е жената да оди и да се смири, а ако нешто рано се открие, многу побрзо и поквалитетно се лечи“, порача Васев.

Ракот на дојки во бројки

Извештајот за ширењето на ракот, за периодот од 2011 до 2020 година, каде се сумирани податоци од Националниот регистар во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), покажува дека најзастапена дијагноза кај жените е малигната неоплазма на дојка со 25, 29% од вкупно пријавените случаи во тие десет години.

Од ИЈЗ добивме и статистика по возрасни групи, за периодот од 2012-та година до 2022-ра, заклучно со јуни .

Најмладата пациентка во последните 10 години, имала само 17 години.


Искуствата и бројките покажуваат дека рак на гради не може да добијат само твојата мајка и баба, туку и ти, твојата помала сестра, но и брат, татко, дедо. Процентот кај мажите е многу помал, но сепак случаите ги има.

Октомври е месец за подигнување на свесноста за оваа болест во светски рамки. Преку кампањи, настани, сведоштва, едукации за превенција и истражувања се става акцент на поддршка на пациентите и се прават напори за наоѓање на нови лекови.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG