Достапни линкови

Просечно семејство со потпросечен живот


Маркет во Скопје

Со една минимална и една просечна плата во Македонија не може да се наполни ниту една потрошувачка кошница. За една година таа е потешка за речиси 17 илјади денари. Но тие пари се само за храна и сметки, без кредити. Во регионот Црна Гора има највисоки плати, а Србија најниска потрошувачка кошница.

За да го протурка октомври, на едно четиричлено семејство за храна, сметки за домување, по некој скромен денар за облека и обувки и лекови му требале 51.514 денари, пресмета Сојузот на синдикати (ССМ).

Минималецот во земјава е 18 илјади денари или речиси 300 евра, просечната плата, пак, за август е 31.871 денари или 520 евра. Значи на семејството кое заработува една минимална и една просечна плата ќе му фалат уште 26 евра месечно за да „врзат крај со крај“.

Многу сложена математика е потребно за да се протурка месецот, вели 38-годишната Симона од Скопје.

Тоа што е економист по професија малку ѝ ги олеснува пресметките. Прво се плаќаат сметки, но тоа во зима оди малку потешко, па се случува плаќањето на некоја сметка да се пролонгира и за две недели. На сметки за струја, вода и телефон месечно им одат од 8 до 10 илјади денари. И таа и сопругот имаат по еден кредит. Во потрошувачката кошничка на ССМ нема ставка за кредити.

„Двајцата синови одат на фудбал и кошарка, за која услуга месечно плаќаме 50 евра. Двете деца земаат ужинка на училиште, тоа чини месечно 800 денари, но има денови кога големиот син кој е 7 одделение сака да купи нешто дополнително, па секогаш со него си носи минимум 100 денари“, вели Симона.

Семејниот буџет се троши и за родендени на другарчињата од школо, а поголемиот син понекогаш оди на кино за што му се потребни од 300 до 500 денари. Со сопругот одамна се откажале од излегувања и ресторани, а Симона вели дека пешачи или со велоспиед оди на работа за да заштеди.

Потрошувачката кошничка за една година потешка за една минимална плата

Инфлацијата за една година „јаде“ 337 леба месечно. Цените на лебот беа и повисоки, но откако Владата реши да ги врати компаниите кои произведуваат храната на регулиран пазар за снабдување со струја, почнаа малку да паѓаат.

Инфографика - Колку лебови годишно „јаде“ инфлацијата?
Инфографика - Колку лебови годишно „јаде“ инфлацијата?

Инфлацијата во октомври во споредба со истиот месец лани е 19,8 отсто, но основните производи се поскапени и за 30 проценти. За една година, од лани во октомври досега, потрошувачката кошница што ја пресметува ССМ е потешка за 17 илјади денари, или речиси за една минимална плата.

„Не пресметуваме во кошницата кирија, кредит, а сите сме свесни дека секое второ семејство е во минус на картичките поради поскапувањата или има станбен кредит или за возило“, вели потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски.

Инфографика - Раст на вредноста на синдикалната минимална кошница во Македонија во периодот Октомври 2021 - Октомври 2022
Инфографика - Раст на вредноста на синдикалната минимална кошница во Македонија во периодот Октомври 2021 - Октомври 2022

Да ги имаш црногорските плати и српската потрошувачка кошница

Подобро од Македонија во просек во регионот се живее само во Србија и Црна Гора.

Во Србија едно четиричлено семејство во кое еден заработува просечна плата 642 евра, а другиот минимална плата од 281 или 298 евра во зависност од работни саати, може да си дозволат минимална потрошувачка кошница од 753 евра и да им останат пари.

Црна Гора има највисока и просечна и минимална плата во регионот. Со просечна од 718 евра и минимална плата од 450 евра си ја задоволуваат месечната кошничка од 781 евра и им остануваат нецели 400 евра.

Потрошувачката кошница во Босна и Херцеговина е најскапа и чини 1455 евра. Со просечна плата од 571 евро и минимална од 271 евро може да си дозволат нешто повеќе од половина кошничка.

Податоците, пак, за Косово се нецелосни и од лани. Таму минималната плата се движи од 130 до 170 евра, а просечната изнесува 432 евра. Податоци за минимална кошничка нема.

Инфографика - Платите и потрошувачката кошница во земјите од регионот
Инфографика - Платите и потрошувачката кошница во земјите од регионот

Од пензијата останува само за „животинско царство“

Во земјава 91 илјада пензионери месечно добиваат пензија до 11.500 денари или нецели 200 евра. Има уште 66 илјади пензионери кои имаат пензија од 11.500 до 14 илјади денари. Тоа значи дека половина од пензионерите живеат со примања помали од минималните.

Пензионерката Зора Трајковска има пензија од 18 илјади денари. За лекови месечно троши по 5 илјади денари, нешто за кое претходно давала по 3 илјади. За пазарење на храна и тоа за најевтините работи троши уште 4 илјади, но кон средина на месецот фрижидерот ѝ се празни. За плаќањето на сметките за струја, вода и телефон и помага и ќерка ѝ.

„Пензијата ја зимам од 26-ти до 29-ти во месецот, сега е 16-ти, а јас во новчаник имам уште 2 илјади денари. Четири месеци не сум си купила месо. Ми останува единствено пари за внучињата да им купам по едно пакетче „животинско царство“, вели пензионерката.

За овие категории граѓани Владата уште пред два месеци најави помош, но Собранието сè уште не ги изгласа потребните измени за законот да стапи на сила.

Пензиите поделени според категории од најниската која е околу 150 евра до највисоката од 1000 евра важат за сите пензионери. Но платите се разликуваат и по региони. Највисоки плати има во скопскиот регион, а најниски во североисточниот.

Во североисточниот регион живее и Дејан Николовски со сопругата и имаат едно дете. Како вработен во администрација зема плата малку повисока од минималната, минимална плата прима и неговата сопруга, која работи во локалниот маркет.

„Летување и поволна кола ќе ни беше мислена именка, да не е брат ми на брод. Кога бевме мали на одмор одевме по три недели, потоа по 10 дена, сега детето може да го однесам само на една недела“, вели Дејан.

Живее во куќа што ја направиле неговите родители, кои биле обични работници, но тогаш можеле од плата да ги направат куќа. За нов мебел и реновирање по дома, сега, Дејан и неговата сопруга мора да земат кредит.

Според податоците на Заводот за статистика за 2020 во категоријата сиромашни луѓе спаѓаат и 7,9 отсто од вработените и 7 проценти од пензионерите. Една петтина од сите граѓани во земјава се сиромашни, покажуваат статистичките податоци.

Дека без некој близок во странство тешко се живее во земјава, се согласува и Симона.

„Олеснителна околност околу гардеробата наша е подароците од моите роднини од Германија, кои во Македонија доаѓаат двапати годишно и како Дедо Мраз носат полни торби гардероба и обувки за сите“, вели таа.

Проценките на Народна Банка се дека дијаспората годишно испраќа околу една милијарди евра.

Има ли чаре?

Од наредната година ќе биде далеку подобро, порача премиерот Димитар Ковачевски на трибина во организација на владејачката партија СДСМ.

„Како човек кој 22 години работи менаџмент, кој добро ги познава финансиите и економијата, ви велам дека наредната година ќе биде подобро и заедно ќе успееме во тоа. Заедно ќе ја победиме и кризата наметнатата од глобалните последици поради воената агресија врз Украина“, рече Ковачевски.

Опозицијата, пак, смета дека партијата на власт нема план за надминување на кризата и само ќе се задолжува уште повеќе.

„Не постои дефинирана формула за да се направи најдобра математика и да се заштеди“, вели Симона.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG