Достапни линкови

Отворен Балкан заедно ќе презимува


Самит на иницијативната Отворен Балкан во Белград. Еди Рама, Александар Вучиќ, Димитар Ковачевски.

Лидерите на Отворен Балкан ја повикаа ЕУ да им помогне за набавка на енергенси за претстојната зима. Таа ќе биде тешка, но заедно полесно ќе ја пребродиме, велат од регионалната иницијатива. На Самитот присуствуваа и претставници на Црна Гора и на БиХ, како и министрите за надворешни работи на Турција и на Унгарија.

Отворен Балкан заедно ќе се справува со претстојната зима, која според најавите ќе биде тешка, поради високите цени на енергенсите и скапата храна. На Самитот на оваа регионална иницијатива во Белград, лидерите на земјите членки договорија да се формираат кризни групи за енергетика и храна, кои ќе им помогнат на земјите заедно да презимат. Во тоа ќе побараат помош и од ЕУ да им даде поддршка за набавка на енергенси.

Нè чека тешка зима и кој ќе ви рече поинаку, не ја зборува вистина, рече домаќинот на самитот, српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Да имавме добра гасна конекција со Северна Македонија ќе имавме многу помали проблеми со струјата и тие и ние. Заедно ќе можевме да ги користиме нивните гасни капацитети, тие немаат гас, а ние ги немаме тие капацитети. Албанија има јаглен, нас ни недостасува во моментов. Многу можеме да направиме во иднина, ќе видиме како тоа да го направиме во интерес на сите, како и во интерес на нашите соседи“, рече Вучиќ.

Земјите заедно ќе се борат и против недостигот на храна, па и да има забрани кон трети земји за извоз на жито и основни производи, тоа нема да важи за членките на Иницијативата.

Добри соседи си помагаат во време на кризи

Како добри соседи веќе си помагавме, и во ковид кризата и при катастрофи, вели македонскиот премиер Димитар Ковачевски, оти, како што вели, природно е да се вртиме кон оние кои ни се најблиски.

„Следната зима ќе биде долга и можеби најтешка од Втората светска војна наваму, и за нас и за светот, подобро е тоа да го преживееме заедно, отколку поделени“, рече Ковачевски.

ЕУ да не ја повтори грешката и да не си гледа само за себе

И да имаш пари, може да не најдеш да купиш струја, па затоа ни треба ваква соработка, вели албанскиот премиер Еди Рама. Тој апелираше до ЕУ да не ја направи истата работа и срам што го направи за време на пандемијата, кога, како што вели, земјите од Западен Балкан мораше да се свртат кон Кина, Русија и Турција, затоа што ЕУ гледаше само за себе.

„Нашите предвидувања со Вучиќ и Ковачевски за трошоците се неверојатни. Пред 7 месеци ни беше многу тешко. Еве и за Албанија во најдобар случај ни се потребни околу половина милијарди евра за да се снабдува системот и да се поддржат потрошувачите. Се надевам ќе не послушаат и ќе можеме и ние да бидеме дел од овие одговорности. Проширување на инвестиции и да направиме заедничка агенција на инвестиции, автономни но под еден чадор и покровителство за инвестиции“, рече Рама.

Премиерот на Албанија Еди Рама
Премиерот на Албанија Еди Рама

За време на Самитот беа потпишани и договори од областа на земјоделството, енергетиката, културата и цивилната заштита.

На Самитот присуствуваат и премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто и шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу.

Идејата на Отворен Балкан е слободен проток на стоки и луѓе меѓу државите членки. На проектот досега не му се придружија други земји од Западниот Балкан.

Албанскиот премиер Еди Рама, на отворањето на Самитот, рече дека покана за присуство им била упатена и на министрите за надворешни работи на Грција и на Италија, но дека тие не можеле да присуствуваат. Ковачевски, пак, рече дека би било добро тука да беше и Бугарија, која се граничи со две земји од Отворен Балкан.

Црногорскиот премиер Абазовиќ порача дека Отворен Балкан за кратко време покажал дека може да обезбеди сигурност.
„Пробавме сè во својата историја, и кавги и конфликти, само не сме пробале да соработуваме“, рече тој.

На Самитот му претходеше отворање на Саемот на вино. Манифестацијата вчера ја отворија лидерите на трите членки кои во 2019 година го иницираа „Отворениот Балкан“.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG