Достапни линкови

Рокот за приговори тече, партиите на потег


Претседателот на Државната изборна комисија(ДИК), Оливер Деркоски на прес-конференција за предвремените парламентарни избори 2020.

До ДИК до попладнево пристигнаа вкупно 82 приговора за гласањето на парламентарните избори. Приговори во текот на денот поднесоа Демократи, Работничка партија, СДУ и Интегра, а Единствена Македонија побара увид во неважечките ливчиња.

Подоцна попладнево, како што информираа од Државната изборна комисија, пристигнале уште 77 приговори. Од нив 74 се од Алијанса за Албанците, еден е од Глас за Македонија, додека два се од ВМРО-ДПМНЕ. Од ДИК не прецизираат на што се однесуваат приговорите од Алијанса за Албанците, но оние од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се за сумирање на резултатите.

Откако претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски на вчерашната прес конференција ги нарече шпекулации и лажни вести графиконите кои се појавија и ја збунија јавноста, а според кои во Карпош и Кисела Вода најмногу гласови освоила ДУИ, а во струмичко Ново Село каде што нема етнички Албанци, победила коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, од најголемите македонски партии засега нема коментар.

По последната прес конференција на ДИК кога стана јасно дека изборните резултати остануваат непроменети во однос на гласовите и распределбата на пратеничките места, од СДСМ соопштија дека според нивните пресметки разликата во корист на коалицијата „Можеме“ е најмалку три мандати.

„Според податоците на изборниот компјутерски центар на СДСМ, разликата во корист на коалицијата Можеме изнесува најмалку три мандати, а во податоците презентирани од страна на ДИК забележани се сериозни недостатоци и грешки кои може да даваат неточна слика за конечниот резултат“, соопшти вчера Социјалдемократскиот сојуз.

И од ВМРО-ДПМНЕ вчера обвинија за сомнително броење и внесување на податоците. Во исто време пак, лидерот на партијата Христијан Мицкоски рече дека е задоволен од работата на претседателот на ДИК, Оливер Деркоски. Тој најави дека во законски предвидениот рок, партијата ќе поднесе приговори до ДИК.

Инаку до 21 часот вечер е рокот кога може да се поднесе приговор за постапката за гласање додека до сабота навечер околу 19 часот и 30 минути истекува рокот за сумирање и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори.

ДИК пак е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот. Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението.

Управниот суд на Република Северна Македонија, по однос на жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием. ДИК меѓу другото може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.

Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Северна Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски вчера изјави дека хакерскиот напад не предизвикал голема штета и дека фотографиите кои ги виде јавноста се разни шпекулации и лажни вести предизвикани од тие шпекулации.Токму хакерскиот напад врз веб страницата на ДИК беше причината за продолжување на неизвесноста за резултатите од изборната трка.

И партијата Левица која освои две пратенички места, обвинува за изборен грабеж, а нејзиниот неформален претседател Димитар Апасиев на својот фејсбук профил напиша дека има нелогичности и во процедурата за поднесување приговори.

„Имаш рок од 24 или 48 часа за приговор, ама не ти даваат увид во записниците!? А и ако ти дадат, немаш како да ги споредиш дали бројот на гласови од хартиениот записник е ист со електронски внесените податоци - за да приговараш!?“, напиша Апасиев на Фејсбук.

Според Уставот, крајниот рок за формирање на Парламентот е 20 дена по одржувањето на изборите. Претседателот на државата Стево Пендаровски е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот пак во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Следуваат партиски преговори за идната влада

Лесно или многу тешко до нова влада?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:01 0:00

Периодот што следува ќе биде неизвесен, исполнет со тешки преговори и долги пазарења меѓу партиите, особено поради тоа што резултатите се тесни.

Во меѓувреме, портпаролот на ДУИ Бујар Османи на својот фејсбук профил напиша дека „Сите патишта водат кон Мала Речица“, алудирајќи на тоа дека и едната и другата македонска партија заедно со 15 те пратеници на ДУИ имаат мнозинство. Имено, тој во еден табор ги наведе СДСМ и БЕСА кои имаат 46 пратеници, а во друг табор ги наведе ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои исто така заедно имаат 46 пратеници (44+2).

Мицкоски во однос на коалицирањето со ДУИ и дали ќе се почитува принципот победник со победник, изјави дека овој принцип бил прекршен уште во 2017 година кога ВМРО-ДПМНЕ победила на изборите, но не кажа каков е неговиот став во однос на избор на коалицискиот партнер.

Според првичните резлтати што синоќа ги објави ДИК, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG