Достапни линкови

Сајтот на ДИК падна, изборните резултати преку гулаб


Илустрација: Човек држи гулаб писмоносец пред компјутер за да ги преземе податоците од мемориска картичка што ја носи гулабот
Илустрација: Човек држи гулаб писмоносец пред компјутер за да ги преземе податоците од мемориска картичка што ја носи гулабот

Бадијала кликате Ф5, сајтот со изборни резултати не работи повеќе од 12 часа. Во ДИК велат дека се работи за хакерски напад. Или нападот е премногу сериозен или детето што знае да го реши проблемот е на викендичка и нема мрежа да му се јават.

Додека цела Македонија доцна синоќа ги очекуваше резултатите од предвремените парламентарни избори, веб-страницата на Државната изборна комисија на која се објавуваат резултатите падна. Упорните од време на време кликаа Ф5, а на најсреќните од време на време им се појавуваше некаков процент на гласови. Рано утринава страницата беше достапна, но потоа повторно падна. Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, синоќа соопшти дека страницата им е под надворешен хакерски напад, но не соопшти други детали. Или нападот е премногу сериозен или детето што знае да го реши проблемот е на викендичка и нема мрежа да му се јават.

Новинари се присеќаат на моменти од 90-тите. Сајтот на ДИК е како криво магаре.

Извесно е дека на изборите победи коалицијата предводена од СДСМ. Според резултатите што ги објавуваше ДИК, во оние моменти кога сајтот им е во функција, предноста пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ може да биде 1, 2 или тројца пратеници. Лидерот на СДСМ Зоран Заев синоќа рече дека разликата може да биде дури и пет пратеници. ДУИ сигурно победува во албанскиот блок, а партијата Левица станува парламентарна со освоени два пратенички мандати.

Неработењето на сајтот на ДИК ги засили шпекулациите дека хакерскиот напад е изговор за „местење“ на резултатите. Едни сметаат дека се „штелуваат“ на штета на СДСМ, други на ВМРО-ДПМНЕ, трети на Левица.

Некои, пак, се шегуваат со капацитетите на компјутерската фирма што го одржува софтверот на ДИК.

Компанијата се огласи на еден ден по изборите. Во пишаната реакција до медиумите наведе дека апликацијата на ДУНА поврзана со изборниот процес на предвремените парламентарни избори функционира најнормално затоа што е врвно изработен продукт.

„Таа беспрекорно даваше резултати за излезноста на секои пет минути. Но, страницата на Државната Изборна Комисија, каде беше поставена нашата апликација, беше цел на хакерски напад. Ние успешно ја завршивме работата. Доколку не постоеше оваа апликација, тогаш резултатите ќе се броеја рачно“, објаснува Александар Пајковски од ДУНА.

Во исто време, додека најголемиот дел од луѓето се заковани пред компјутерите или телевизорите, мета на хакерски напад беше и најголемиот агрегатор на вести во земјава, time.mk.

За разлика од сајтот на ДИК, Тајм брзо проработи за да биде достапен за читателите. Сопственикот на агрегаторот, Игор Трајковски на Твитер напиша дека сајтот е под DDOS напад од 20 милиони ИП адреси.

Дека не сме саде ние и не сме саде тука, покажува и фактот што синоќа беше извршен хакерски напад врз Твитер налозите на милијардерите Бил Гејтс, Елон Маск, Џеф Безос и на кандидатот на Демократската партија за претседател на САД, Џо Бајден и на компаниите Епл и Убер. Хакерите преку профилите на познатите бараа донации во биткоини. Твитер брзо отстрани многу пораки, но во некои случаи слични твитови беа испраќани повторно од истите профили.

Истрагата на Твитер за нападот откри дека профилите на неколку вработени кои имале пристап до внатрешните системи се компромитирани. Напаѓачите потоа го користеле внатрешниот систем на Твитер за да твитаат од профили на познати личности.

Директорот на Твитер Џек Дорси се огласи дека зад нив е тежок ден и оти сè уште работат на проблемот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG