Достапни линкови

Нема документ за укинување на катедрите по македонски


Зградата на МАНУ во Скопје

МАНУ деновиве е во центарот на вниманието со преименувањето и со изјавите на првиот човек за укинување на катедрите за македонски јазик. За новото име на оваа инситуција се бара решение заедно со Владата, а за втората тема од факултетот излегоа со демант.

Законот кој го уредува името на Македонската академија на науки и уметности МАНУ и тоа дали ќе се укинат катедрите за македонски јазик се двете теми кои деновиве одекнаа во јавноста а се поврзани со оваа институција. Законот е повлечен од Собранието, а во Владата се убедени дека ќе се најде решение.

Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, пак, деновиве ја отвори и темата за катедрите за македонски јазик откако прво рече дека ќе се укинат, па реагираа професорите од Катедрата по македонски јазик и Филолошкиот факултет, по што првиот човек на академијата рече дека тоа било негов личен став и дека му било драго што не се укинуваат.

Во меѓувреме, професорката Јасна Котеска на социјалната мрежа Твитер пишува дека постои Документ за реформирање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ без националните катедри. Таа тврди дека тој е напишан и потпишан од деканката Анета Дучевска, архивиран на 9.4.2020 и дека сите вработени на факултетот го имаат.

Професорката Дучевска во изјава за Радио Слободна Европа негира дека постои таков документ.

„Не, не, ве молам, тврдам и се оградувам од сите пишувањата на колешката Јасна Котеска. Не постои таков документ и никогаш не постоел, оти прилично е апсурдно, еве да замислиме некој да стави во документ ќе се укинат и потоа како тоа ќе се изведе? Сето ова е апсурдно, причините се веројатно подлабоки, уште не ги знам“, вели Дучевска.

Дучевска-не постои документ за укинување на националните катедри
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:40 0:00
Директен линк

Што се однесува до предлог законот за преименувањето на МАНУ, пак, тој е ставен на националниот електронски регистар за прописи ЕНЕР во јули 2019 година, а потпишан како готов предлог закон во септември 2020 година, но деновиве ја бранува домашната јавност.

Предлагач на законот за изменување на Законот за Македонската академија на науките и уметностите со кој оваа институција треба да се преименува во Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија-МАНУ е Министерството за образование и наука. Во образложението зошто е потребна промената се наведува дека тоа е во согласност со „Амандманот XXXIII на Уставот на Република Северна Македонија“.

Во овој амандман, кој го наведува министерството, а усвоен со уставните измени по Договорот од Преспа пишува дека „Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија““.

Од владата велат дека промената на името е потребна затоа што МАНУ e институција која е формирана од државата и користи државно финансирање за своето работење. Истовремено, велат дека очекуваат да не се дозволи политизација на ова правно прашање.

„Следствено на тоа е должна да го применува договорот од Преспа. Според овој документ, придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име „на Република Северна Македонија“ или со нејзиното скратено име „на Северна Македонија“, велат за РСЕ од владата.

МАНУ засега не излезе со конкретно објаснување за оваа нивна одлука, но Коцарев во своето експозе пред академиците дадено минатиот месец го навести ставот за преименувањата. Тој рече дека него му се познати само два државни документа со кои се забранува употребата на терминот Македонија. Првиот, рече академикот, документ, од 25 март 1903 година, е наредбата на султанот Абдул Хамид II со која се забранува употреба на називот „Македонија“. Повеќе американски весници, тогаш, коментирајќи го спроведувањето на наредбата, пишуваат за цензурирањето на Библијата.

„За вториот документ нема да проговорам тука. Меѓутоа, впечаток е дека состојбата во која се наоѓаат денес многу институции и граѓани на Македонија поради користењето на името Македонија и придавките што произлегуваат од тоа име е грда, непријатна, одвратна, застрашувачка. Што ни останува нам? Се надевам дека нема да дозволиме, во 21 век, Библијата да биде цензурирана. Но, не само тоа. Се залагам за достоинствена иднина на сите, па така и на Македонците“, рече Коцарев.

Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања вели дека тоа е обврска на МАНУ со која смета дека се врши коригирање на нешто што вели дека било грешка во името. Според неа, Македонска академија на науки и уметности одамна требала да се преименува во Академија на науки и уметности на Република Македонија, оти како што вели така ќе го одрази мултиетничкиот карактер на државата.

„МАНУ не смее да не примени закон, а камо ли Устав. Според мене, можеби требало уште порано да се изврши преименување на МАНУ , меѓутоа во моментов, дефинитивно треба Академијата на науки да го добие името кое ја поврзува со државата и кое што и дава национален, а не етно карактер“, вели Најчевска.

Инаку, уставните измени на кои се повикува владата за преименување на МАНУ беа изгласани во јануари 2019 година. Од тогаш државните инсититуции се преименуваа, а дел од документи, како на пример свидетелства од училиште почнаа да се издаваат со придавката северна.

Поранешниот претседател на МАНУ, академикот Таки Фити во август 2019 година, веднаш откако предлог законот кој сега е повлечен од собрание, всушност беше завршен на ЕНЕР рече дека очекува до октомври тој да биде изгласан во Собранието. Предлогот беше истиот како и сега Академија на Република Северна Македонија-МАНУ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG