Достапни линкови

Предрасуди наместо стратегија за маргинализираните групи


Илустрација

Граѓаните не ги прифаќаат припадниците на маргинализираните групи поради стереотипите, а институциите не помагаат во нивно надминување, а тоа според упатените, го покажуваат протестите на граѓаните против центри за згрижување на тие лица.

Протести против дом за деца со попреченост и против центар за мигранти и последно протести против центри за зависници се дел од примерите кога група на граѓани во изминатите години го кренаа својот глас против отворањето на такви центри во близина на нивното место на живеење. Нивото на прифаќање на маргинализираните групи, прифаќање на оние на кои им е потребна некој вид помош и сите оние кои се на некој изложени на стереотипи и предрасуди е мерило на цивилизираноста на една држава, вели професорката Мирјана Најчевска.

„Колку што е државата поцивилизирана, толку е поспремна да изнајде начини за инклузија на овие граѓани во општеството за пружање на помош и за нивно прифаќање како дел од она што претставува различност на граѓаните. Посебно кога станува збор за маргинализирани групи коишто се поврзани со одреден вид на заболување, како што е случајот со корисниците или уживателите на психотропни супстанции за кои е потребно лечење и соодветни институции, така и за мигрантите, меѓутоа и за луѓето со попреченост, коишто се уште сакаме да ги направиме апсолутно невидливи во нашето општество, срамејќи се на некаков начин од нивното присуство“, вели Најчевска.

Социологот Илија Ацевски смета дека стравот игра најголема улога, но одговорноста е на институциите кои треба да изготват некаква стратегија.

„Сите оние кои излегуваат од како би рекле условно „нормала“ на едно живеење, човекот на овие простори така жестоко реагира и не сакаат да се соочат. Но, ние како граѓани мора да се соочиме дека на ним треба да им се помогне “, истакнува Ацески.

Според Најчевска, политиката е многу значајна во решавањето на овие проблеми, бидејќи преку долготрајна и системска работа треба да се промени вообичаеното однесување на луѓето кон таквите ситуации.

„Многу често граѓаните се бунат и заради тоа што има многу големо незнаење, заради тоа незнаење има големи предрасуди и едноставно граѓаните ги немаат ни соодветните информации врз основа на кои може навистина да одлучуваат, односно да дадат свое влијание во донесување на одлуки“, додава Најчевска.

По противењето најпрвин на жителите на Кисела Вода, па потоа и на оние во Аеродром, министерот за здравство Венко Филипче најави дека со опремување на повеќе пунктови во Скопје и дисперзија на пациентите ќе се олесни работата на Центарот за зависници во Кисела Вода, каде се лекуваат над 500 лица.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG