Достапни линкови

Превисоки критериуми – сомнеж за местени тендери


Илустрација

Во секој трет тендер во државата биле поставувани толку високи критериуми за тоа кој може да конкурира, за на крај само една или неколку фирми да ги исполнат условите воопшто да се пријават на тендерот.

Во секој трет тендер има толку високо поставени критериуми за одредени фирми воопшто да не може да конкурираат, а условите за учество да ги исполнуваат само мал број фирми, покажува анализата „Транспарентност, отчетност и интегритет на институциите во јавните набавки - Истражување, рангирање и анализа 2018“ што ја подготви Центарот за граѓански комуникации.

Овде се работи само за критериумите што треба да ги исполнува фирмата што конкурира, а не конкретно производот или услугата што се набавува.

Таквите високи поставени критериуми го засилуваат сомнежот дека се работи за местени тендери, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

„Ризикот е дека со поставување на вакви критериуми секогаш постои сомнежот дека се прилагодуваат за одредени понудувачи коишто би се фаворизирале и коишто единствено би можеле да ги исполнат тие критериуми и да го добијат тендерот“, вели Филков.

Тој објаснува дека такви дискриминаторски критериуми, што може да ги задоволат само една или малку фирми, значат барање превисок обрт на пари во фирмата или барање преголем број стручен кадар или специфична опрема, за која во конкретната набавка нема потреба.

„На пример, за набавка од 10 илјади евра се бара годишен обрт од 200 илјади евра. Или на пример точен број на вработени со точно наведено искуство, три инженери, два вакви, тројца онакви стручни работници. Понатаму точен број на реализирани и склучени договори во минатото, што значи дека нова фирма не може да учествува. Некаква механизација точно да се бара, опрема, разни лиценци или некакви простории со толку и толку метри квадратни. Тоа се тие критериуми што се сметаат во праксата и во светот за дискриминаторски“, вели Филков.

Дополнително, анализата покажала дека на секој трет тендер се јавувала само по една фирма. Кај институциите со помал број на набавки биле анализирани сите тендерски документации, додека кај оние со повеќе тендери, предмет на анализа биле тендерските документации од десетте најголеми набавки. Во анализата се наведува дека тендерски документации со ограничувачки елементи имало кај министерствата за образование, внатрешни работи, транспорт и врски, за животна средина, како и кај Собранието и Секретаријатот за законодавство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG