Достапни линкови

Прво измери потрошувачка, потоа заштеди струја


Сет за заштеда на електрична енергија

Четири мерачи за потрошувачка на електричната енергија содржи сетот за заштеда на струја кои граѓаните може да го добијат во Центарот за климатски промени во Скопје. Целта е домаќинствата да увидат кој уред дома им е најголем потрошувач и да го заменат за да ја намалат потрошувачката на струја.

Мартина Спасовска од Скопје повеќе не користи обични светилки во нејзиниот дом, туку исклучиво лед. Бојлерот во кујна го заменила со машина за миење садови, зошто утврдила дека троши помалку вода и електрична енергија. Овие промени во секојдневното живеење следуваат откако две недели со помош на сет за заштеда на електрична енергија мерела колку киловат часови струја трошат електричните уреди во домаќинството.

Во време на енергетска криза и постојаните апели за заштеда на електрична енергија, Центарот за климатски промени на граѓаните им нуди бесплатен сет за мерење на потрошувачката на енергијата во домаќинствата. Сетот содржи четири мерачи за потрошувачка на струја од кои два работат со интернет и преку апликација на мобилен телефон, а другите два директно се приклучуваат во штекерот на кој е апаратот за кој сакаме да измериме колку киловат часови електрична енергија троши.

Спасовска вели дека употребата на мерачите не бара посебни квалификации, но дека помоага и упатството со објаснување на нивната примена.

Какви сијалици и апарати да користите

„Мерењата во мојот дом покажаа дека дефинитивно лед светилките трошат многу помалку од обичните светилки, така што прво што препорачувам е да ги смените сијалиците. Мојот генерален заклучок е дека грејните тела трошат најмногу струја, рерна, бојлер итн. Дефинитивно енергетските класи на уредите имаат големо влијание, па оттука можев да заклучам дека енергетски ефикасните уреди А++ се поштедливи“, вели Спасовска.

Сет за заштеда на електрична енергија
Сет за заштеда на електрична енергија

Заштедата на електричната енергија не е само поради економски причини, туку и поради заштита на животната средина, велат од Центарот за климатски промени.

Машинскиот инженер Филип Стојановски вели дека идејата за користење на сетот е да се променат навиките кај граѓаните да користат помалку електрична енергија, чие производство пак допринесува за глобалното затоплување.

„За да ги намалиме стакленичките гасови и количините на производство на јаглен, одлучивме да создадеме еден сет каде што луѓето ќе може да бидат свесни колкава е потрошувачката на струја во нивниот дом и на тој начин преку примена на овој сет сами да се уверат кои се нивните моментални потреби. Водејќи се од тоа кога ќе дознаеме колку за нешто трошиме, ќе може подоцна да превенираме“, вели Стојановски.

Помалку телевизија или посовремен ТВ приемник

Тоа, додава Стојановски, практично би значело дека ако мерењето покаже дека во сметка која чини 1500 денари, телевизорот учествува со 500 денари, корисникот ќе биде поттикнат да ја намали употребата на телевизорот или ако сака да му биде постојано вклучен, ќе го поттикне да го замени со некоја понова и поефикасна технологија на телевизор што троши помалку.

Што се содржи сетот за заштеда на електричната енергија и како се користат мерачите може да видите од линкот подоле.

Центарот за климатски промени веќе има спроведено анализа врз основа на податоците добиени од домаќинствата кои го користеле сетот. Споредбата на домаќинствата кои го користеле сетот и оние кои не го користеле покажала дека домаќинствата кои го користеле оствариле поголема заштеда во однос на тие што немале сет, а исто така и ги промениле и навиките.

„Како ги променија навиките? Ја намалија потрошувачката во висока тарифа, а ја зголемија потрошувачката во ниска тарифа кога е поевтина електричната енергија и на тој начин успеаја да остварат заштеди. Или еве дел од домаќинствата почнаа да ги прилагодуваат клима уредите на одредена температура за оптимален режим на работење. Уште еден интересен податок до кој дојдовме од корисниците на сетот е дека машината за перење алишта не троши многу електрична енергија“, заклучува Стојановски.

Во моментов граѓаните, кои се пријавени на листата за користење на сетот, чекаат по две до четири недели. Идејата на Центарот е истражувањето да го спроведат и во зимскиот период, кога потрошувачката на електрична енергија е повисока заради загревањето на домовите.

Бидејќи повеќето домаќинства во државата се загреваат на електрична енергија и на огревно дрво, од Центарот велат дека ќе ги следат и оние домаќинства што се загреваат со клима уреди или со греалки. Откако ќе ги добијат резултатите од анализата на стотина домаќинства за тоа како ја трошат електричната енергија и колкав процент од нивната сметка се одвојува за загревање на домот од Центарот ќе излезат до конкретни препораки и до Владата и до самите граѓани.

Граѓаните кои сакаат да го добијат сетот за мерење на потрошувачката на електрична енергија можат да се пријават електронски или да се јават во Центарот за климатски промени во Скопје.

Од ЦКП се надеваат дека свеста на граѓаните, но и на надлежните за преземање мерки дури откако ќе се увиди економската придобивка ќе се промени и дека во иднина ќе се донесуваат и спроведуваат поеколошки политики за заштита на животната средина.

Инаку македонската влада од 1 септември прогласи кризна состојба во снабдувањето со парно на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво, а Собранието ја продолжи до крајот април, следната година.

Кој „пали и гаси“ по министерствата?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00

Во исто време на сила стапија и мерките за штедење, а јавните институции беа задолжени да ја намалат потрошувачката на струја во септември за 15% во однос на истиот месец ланската година. Оваа препорака важи и за граѓаните и компаниите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG