Достапни линкови

Правосудна битка- судии и обвинители недораснати за функциите


По препирките судство-обвинителство упатените оценуваат дека правосудната култура на носителите на јавни фукнции е ниска. Според политичките аналитичари ова е и обид за сите проблеми во областа виновни да бидат судиите и обвинителите, но не и власта која досега имаше време за реформи.

Жестоките обвинувања меѓу обвинителката Вилма Русковска и судиите од Апелациониот суд кои следуваа по судската одлука поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева да оди во домашен притвор, според познавачите се лоша порака за тоа на кое ниво е паднато правосудството.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеноски вели дека се уште е ниска правосудната култура на носителите на функции.

„Ова зборува дека не се дораснати за извршување на функцијата. Да се носи функција на јавен обвинител значи дека треба да се почитуваат лицата против кои води постапка, да се почитуваат институциите и да им се дозволи во рамките на своите овластувања да бидат самостојни но и одговорни“, вели Трпеноски.

Веднаш по одлуката на Апелација Јанева да замине во куќен притвор обвинителката Русковска најави финаниска истрага за судиите кои донеле таква одлука.Од судот пак објавија и СМС порака од обвинителката во која до член на кривичниот совет пишува „ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага“. За судиите ова е „директна закана и грубо мешање во работата на судот“. Обвинителката и Апелациониот суд меѓусебно се допишуваа кој и чиј однос е пречка за влегување во Европската унија.

Но, бегствата на десетината личности, дел од нив и обвинети од СЈО, а некои и осудени како поранешниот премиер, а сега азилант во Унгарија Никола Груевски предизвика сериозна критика и кон Владата. Од таму пак постојано тврдат дека се работи за проблем на судството и обвинителството кое носи одлуки со кои не се осигурува присуството на обвинетите или осудените. На тоа на пример инсистира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој и за бегството на Груевски, а и за последното на Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешковски, вината ја посочува во правосудните кругови.

Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје, сега се прави обид целата вина за лошите состојби поврзани со правото и правната држава да се префрли само врз правосудните органи.

„Но, мислам дека е задоцнет обид оти веќе е создадена перцепцијата дека најголемата вина зошто нема никаква реформа, а правосудниот систем е деградиран е токму кај власта“, вели Божиновски.

Тој вели дека сето ова му изгледало како театарска претстава, оти веќе нема време за реформи поради техничката влада која ќе почне со работа наскоро. Божиновски нагласува дека досега имало 2,5 години за реформи во правосудството кои не се преземале.

„Очигледно е дека секоја политичка гарнитура кога од опозиција ќе дојде на власт се она што го говорела кога била опозицијата го заборава и некако и годи правосудниот систем да работи во нивна полза“, вели Божиновски.

Трпеноски, пак, вината за состојбите ја лоцира кај правосудната фела. Според поранешниот обвинител владата имала обиди низ закони да направи нешто но дека не можеле сами оти за подобрување требало да работат и судскиот совет и советот на јавни обвинители.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG