Достапни линкови

Ќе биде ли правдата подостапна со намалените судски такси?


илустрација
илустрација

Јавноста е поделена по однос на намалувањето на судските такси. Некои сметаат дека секое олеснување за граѓаните е добро, а други дека мерката треба да важи и за правните лица. Според проф. Башким Селмани пак намалените такси значат подостапна, ама не и поквалитетна правда

За повеќето граѓани намалувањето на судските такси за осум пати е добра вест и можност да стигнат до правдата и оние кои порано се откажувале затоа што немале доволно средства за судските трошоци.

Шеесетгодишната Мира од Скопје неколку пати досега имала потреба да иницира судска постапка и вели дека тоа претставувало голем финансиски удар врз домашниот буџет.

„Мислам дека ова е добра работа за граѓаните. Не знам дали мерката е популистичка или не, ама за мене е добро ако утре се одлучам да поднесам тужба, таксата да ми се намали неколку пати. Сигурно дека е подобро тоа, отколку да се зголемат, нели?“, вели Мира, жителка на Скопје.

„Не знам колкави биле досега таксите, за среќа не сум имал потреба да одам по судови, ама секое намалување на трошоците за граѓаните сметам дека е некакво олеснување, дека е позитивно“, вели еден граѓанин.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси граѓаните сега добиваат големо намалување на трошоците кои ги имаат во судовите. Тоа значи дека ако во минатото тие можеа да изнесуваат најмногу до 48.000 денари, сега нема да платите повеќе од 6.000 денари. Трошоците за судските такси во првостепена постапка пак ќе се движат од 480 до најмногу 6.000 денари, во зависност од вредноста на спорот.

Адвокатот Александар Варела вели дека мерката за намалување на судските такси ќе биде корисно за оние спорови кои се со поголема вредност, бидејќи таму отстапките се најголеми. За „помалите“ спорови намалувањето нема да се почувствува значително, вели Варела.

„За помалите предмети таксите се исти како и претходно, на пример како и сега, за долг од 100 000 денари, таксата е пак 2000 денари, за 300 000 денари таксата е пак 4000 денари. Ова е поволно само за поголемите предмети, на пример за стекнување имот, каде таксата би била 12 000, 14 000, 20 000 денари. Од таа гледна точка мислам дека оваа мерка треба да биде иста за сите. И за физичките, но и за правните лица кои во конкретниот случај не се опфатени со мерката, а кај нив се всушност најскапите спорови со високи износи“, вели Варела.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во неодамнешното интервју за РСЕ изјави дека целта на овие измени во однос на судските такси е да се направи правдата достапна до сите.

„Многумина кои се откажувале од спорови или застанувале на пола пат затоа што не моќеле да ја платат таксата сега ќе имаат можност да си ги завршат своите спорови. Судските такси остануваат исти за правните лица, олеснувањата се само за физичките лица“, изјави Маричиќ во интервјуто.

Но, поранешниот судија и професор на Факултетот за општествени науки Башким Селмани е убеден дека намалувањето на судските такси можеби ќе ги охрабри граѓаните да ја истераат правдата до крај, но дека тоа нема да значи и поквалитетна и поуспешна правда.

„Во сите европски извештаи во делот на судството се потенцира дека недостасува владеење на правото и примена на правдата. Укинувањето или намалувањето на дел од административните такси нема да влијае на успешноста на споровите. Тоа не мора да значи дека споровите ќе се поквалитетни и поуспешни, кога се знае дека корупцијата е се уште присутна во правосудниот систем“, вели професорот Селмани.

И додека власта уверува дека имала добри намери, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во намалувањето на судските такси гледа обид да се сврти вниманието на јавноста поради како што велат, срамната одлука за назначување на судијката Добрила Кацарска за уставен судија. Од таму додаваат дека над 60% од граѓаните се уште немаат доверба во судовите.

Поглавјето 23: правосудството и фундаменталните права остануваат најважните реформски приоритети за Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Во последниот извештај на ЕК за напредокот на нашата земја, се забележува добар напредок бил остварен во спроведувањето на стратегијата за реформа на судството. Но, според извештајот, сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акционен план на стратегијата за реформа на судството. По донесување на законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители потребна е и ефективната имплементација на законската рамка како и поголем напори од сите засегнати страни да бидат пример што ќе придонесе за зголемување на довербата на јавноста во судството.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG