Достапни линкови

Да те приватизирам да не изгориш


Пожар во главната зграда на Македонски пошти на 15 јануари 2013

Нерасветлени грабежи, пожар во главната зграда, згрешени поштенски марки, натрупани загуби, изгубени пратки... Владата сака да ја приватизира Поштата за да ги реши овие проблеми. Противниците велат дека токму властите се виновни што ја доведоа поштата до ова дереџе.

Владата најави приватизација на Поштата. Некои коментираат на социјалните мрежи дека со тоа ќе се добијат подобри услуги оти сега преку Пошта во октомври може само да ти стигне новогодишна честитка од покојната баба. Други, пак, велат дека Поштата е намерно уништена со вработувањето партиски кадри.

Владата најави приватизација на Поштата, која со години трупа загуби. Ќе се прави физибилити студија дали Поштата да се понуди за јавно-приватно партнерство или да се оди на целосна приватизација. Според податоците на Министерството за финансии, само годинава Поштата направила долг од скоро 1 милион евра, а Државниот завод за ревизија утврдил дека досега се натрупани долгови од 10 милиони евра.

На социјалните мрежи едни велат дека Поштата се претворила во дувло за партиски вработувања и не може да се носи на отворениот пазар, а според препораките на ЕУ мора да продолжи процесот за целосна либерализација на поштенските услуги. Во овој момент преку Пошта може да ти стигне само честитка за Нова година од покојната баба, велат дел од граѓаните.

Државната Пошта има монопол врз доставата на пратки до 50 грама, но и покрај тоа бележи загуби. Останатите фирми што се занимаваат со поштенски услуги пренесуваат само поголеми пратки. Ако не се приватизира денес, само ќе продолжи да трупа загуби и за 10 години нема да вреди пет пари.

Ако тоа се аргументите за приватизација, тогаш треба да ја ставиме и државата на продажба, се шегуваат некои.

Други, пак, ја нарекуваат Поштата „миленичето на ДУИ“ и потсетуваат дека директори од оваа партија ја водат Поштата веќе 16 години. За тоа време се случија низа нерасветлени грабежи на поштенски транспорт на пари, а во 2013 година изби пожар кој пеплоса дел од главната зграда на Поштата која е на стотина метри од владата. Нивната работата ја следеа и многу неправилности - од крадење пари од страна на вработените, до грешни поштенски марки кои предизвикуваа меѓународни скандали.

Во досегашните ревизорски извештаи се констатирани низа пропусти во работењето - се давале аванси за службени патувања без покритие, на раководни позиции се поставувале луѓе без соодветно образование, а и покрај загубите директорите си се наградувале со високи бонуси. Во Поштата работат скоро 2200 луѓе.

Најавите за приватизација на Поштата некои ги потсети на приватизацијата од 90-тите, кога илјадници луѓе останаа без работа.

Премиерот Зоран Заев најави дека освен „Македонскa поштa“, можно е приватизирање и на Еурокомпозит, ТЕЦ Неготино, Македонски железници - Транспорт, но и други претпријатија.

Ова ќе биде втор обид за приватизација на „Македонски пошти“. Во 2009 година имаше преговори со Канадски пошти, кои сакаа да ја преземат македонската Пошта. Владата и Канаѓаните преговараа две години, но од тоа не испадна ништо. Канадски пошти ја побараа македонската пошта за без пари во наредните 20 години, а за возврат понудија инвестиции од 40 милиони евра, со ветување дека Македонска пошта ќе биде регионален центар и профитабилна фирма.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG