Достапни линкови

Тетовка се бори за правата на Ромите од цела Европа


Сенада Сали од Тетово, правник во Европскиот Центар за правата на Ромите со седиште во Будимпешта.
Сенада Сали од Тетово, правник во Европскиот Центар за правата на Ромите со седиште во Будимпешта.

Сенада Сали од Тетово, правник во Европскиот Центар за правата на Ромите пред суд ги брани правата на Ромите - жртви на дискриминација. Работи на теми како сегрегација на ученици и права на жените Ромки и посочува дека проблем е имплементацијата на судските одлуки.

Дваесет ипет годишната годишната Сенада Сали од Тетово од почетокот на годинава работи како правник во Европскиот Центар за правата на Ромите со седиште во унгарскиот главен град Будимпешта и се бори против дискриминацијата со која се соочува нејзината етничка заедница во над 15 земји на стариот континент. Нејзината работа е пред Суд да ги изведе случаите во кои Ромите се жртви на дискриминација, а со тоа да придонесе за унапредување на човековите права.

„Темите на кои што работам се пред сè сегрегација на ромските деца во училиште. Како млада личност особено ме интересира образованието на Ромите и сметам дека тоа е главната алка, клучот за успех, особено на младите генерации. Проблемот на сегрегација е проблем кој што тлее долго време, не само во Македонија, туку генерално во Европа“, вели Сенада Сали.

Таа вели дека главно преземаат правни мерки, со цел да не постојат вакви паралелки, односно училишта кои ги сегрегираат ромските деца поради тоа што, како што вели, тоа е класична форма на расизам. Се борат и за репродуктивните права на жените Ромки.

„Во пракса имаме утврдено дека жените се одбивани да регистрираат матичен гинеколог и покрај тоа што имаат здравствено осигурување, значи ги исполнуваат условите да имаат свој матичен гинеколог. Други теми на кои што работиме се полициска бруталност, затвореници, смрт на ромски затвореници во затворите низ Македонија, работиме на говорот на омраза во медиумите”, објаснува 25 годишната тетовка која магистрирала на Централниот Европски Универзитет во Будимпешта.

За случаите во Македонија е карактеристично што се соочуваат со проблемот на имплементација на судските одлуки. Сенада го посочува примерот со бездомните Роми кои престојуваа кај скопското Кале, а каде имало и бремени жени. Таа доставила апликација до Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација кон жената при Обединети Нации, затоа што не биле згрижени бремените жени од Калето. Македонија како потписник на таква конвенција треба да обезбеди вдомување на секоја бремене жена, но во конкретниот случај бирократија е причина тоа да не се случи.

„Што значи нашата работа е ефективна, меѓутоа сè зависи од тоа колку институциите сакаат да ја превземат таа одговорност. Тоа што ни се појави како проблем е време на промена на различни функционери и министерства кои што беа надлежни па дојде до префрлање на обврските. Овие жени дојде и период да се породат да немаат пристап до репродуктивни права исто така немаа пристап до вода, а знаеме колку е тешко да си бремена жена, а да немаш пристап до вода, што значи покрај правната работа ние се соочуваме со проблеми на имплементацијa”, вели Сенада.

Европски Центар за правата на Ромите е единствена меѓународна правна организација која се занимава со стратешко застапување на правата на Ромите од цела Европа. Главна активност е правна заштита на Ромите пред судовите во 15 држави во Европа, вклучувајќи и највисоките инстанци како Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

XS
SM
MD
LG