Достапни линкови

Политичката битка за власт како криминалистичка серија


Илустрација
Илустрација

Опозицијата обвинува за криминал, власта вели лаже-суши. Институциите тивки за предистражните постапки за обвинувањата. Политичката атмосфера во земјава како во криминалистичка серија.

Најкорумпирана владата во Европа, наместени тендери, зделки на блиски до влада поврзани со наркокартели, директори кои рекетираат фирми, кражба на пола милијарди евра во најава. Ова се само дел од последните неколку обвинувања од опозицијата во изминативе денови на прес-конференции. Од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ секој ден се објавуваат информации поврзани со, како што велат, криминалното владеење на оваа власт.

Од друга страна пак, власта тврди дека опозицијата лаже – суши, манипулира и користи фалсификувани документи со кои „мафта“ во јавноста. За дел од ваквите обвинувања во јавноста Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство имаат покренато предистражни постапки.

Партиските над законските решенија

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу велат дека политичката атмосфера во земјава личи на криминалистичка серија и дека со тоа се урива рејтингот на политичките партии.

„Јас мислам дека ефектот што го постигнуваат е повеќе негативен отколку позитивен за политичките партии, затоа што ова стана како шпанска серија за граѓаните, како да живееме во некоја криминалистичка серија, па политичарите се препукуваат преку медиумите. Мислам дека ако се толку загрижени за криминалот треба да носат законски решенија за сузбивање. Ние видовме во Парламентот кога имаше и дебати за законски решенија, побитни им беа партиските интереси отколку законските решенија во изминативе три години“ вели Муслиу.

Како пример за незаинтересираноста на политичарите за сузбивање на криминалот Муслиу го посочува развлекувањето на носењето на законот за јавното обвинителството, потоа иницијативата за избор на независни тела за борба против корупција која помина без заинтересираност и на власта и опозицијата. Тој додава дека крајниот ефект со секодјневно објавување на афери во медиуми е повеќе собирање на политички поени отколку вистинска желба за борба против криминалот и корупцијата.

Политикологот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања вели дека криминалните скандали влијаат негативно врз рејтингот на власта, затоа што таа победи на изборите во 2016 поради поддршката од политички неутралните граѓани кои бараа сопирање на злоупотреба на државни фондови и корупција.

„На оваа власт главното ветување и транспарентност, борба против криминал, и видовме дека од тоа до сега не е ништо испорачано, напротив има еден куп нови скандали кои што излегуваат секојдневно. Тоа секако ќе има негативно влијание врз поддршката од граѓаните за оваа власт“ вели Божиновски.

Без судски пресуди ништо не вреди

Муслиу смета дека политичарите може да се обвинуваат колку сакаат преку медиумите, но без судски пресуди, работите не завршуваат како што треба. Тој вели дека не може да се направи паралела меѓу прес-конференциите на СДСМ во 2015 година кога објавуваше секој ден таканаречени „бомби“ и сегашните прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ со документи и свиркачи.

„Прво износите за кои се зборува се неколку десетици помали од тие што ги слушавме во прислушуваните материјали, и не беше поентата само во криминалите во материјалите кои ги слушавме, туку и во целиот процес на прислушување. Не може да се направи паралела меѓу тоа. Но, не гледам ни адекватен одговор од власта. Повеќе одговараат на обвинувањата и се бават со медиумска препирка со опозицијата, отколку да си ја сработат работата“ вели Муслиу.

Според него секој загрижен граѓанин кој има докази за одредени криминални дејства мора да се обрати до правосудните органи и обвинителството и за тоа да си има докази дека го пријавил, ако не постапат, си има институции каде што може да бара одговорност зошто не била покрената постапка. Божиновски вели дека позитивен партиски имиџ може да се гради врз економски реформи.

„Но се разбира, како опозиција, посочувањето на неуспехот на сегашната власт да ги оствари главните ветувања поради кои дојдоа на власт ќе има силно влијание врз поддршката што ќе ја добијат партиите кои се дел од актуелната владата“, вели Божиновски.

Едно од последните обвинувања од опозицијата е дека Македонија е производител и извозник на дрога за црниот пазар, со вклученост на луѓе блиски до Заев.

„Се повеќе е јасно дека Македонија се претвора во држава производител на дрога, се повеќе е јасно дека во црниот бизнис е невозможно да се влезе без да се има линк до луѓе блиски до врвот на режимот и до семејството на власт. Македонија и режимот се повеќе се цел на истражувања за нивната улога во црните пазари и поврзаности со белосветската мафија“ изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Од власта пак, тврдат дека опозицијата обвинува по принципот „рекла казала“. Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски од собраниската говорница обвини дека прават политичка хајка за да го сокријат срамот од криминалот на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

„Извртува факти и ја манипулира јавноста зашто нема став, идеја и понуда како да победи на избори. Затоа штанца измислици и нема лице да ги каже на прес-конференција, туку на брифинг во скапата палата. За сите документи што ги имате, знаете каде треба по Устав и закон да се обратите, но немате храброст одговорите да ги барате во институциите зашто ви е тешко да се ослободите од срамот од криминалот во врвот на вашата партија“ изјави вицепремиерот Николовски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски вчера изјави дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов поседува бројна документација и за други афери и скандали од коруптивен карактер и најавува дека ќе ги изнесат во наредниот период, и дека тие документи ги добиле од свиркачи од раководни функции во СДСМ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG