Достапни линкови

Повици за прекин на огнот пред втората рунда преговори меѓу Украина и Русија


Киев, Украина
Киев, Украина

Втората рунда разговори со цел да се стави крај на борбите треба да се одржи во западниот белоруски регион Брест, но мали се очекувањата за позитивен исход. Зеленски повика на прекин на огнот. Лавров тврди дека западните, а не руските политичари се тие кои размислуваат за нуклеарна војна

Русија и Украина ќе разговараат за прекин на огнот на вториот круг од разговорите кои треба да се случат денеска, додека руските воени сили продолжуваат да го бомбардираат Харков и држат под опсада две украински пристаништа. Втората рунда разговори со цел да се стави крај на борбите треба да се одржи во западниот белоруски регион Брест, но мали се очекувањата дека ќе се најде заеднички јазик меѓу двете страни.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски за Ројтерс и Си-Ен-Ен изјави дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат значајни разговори за прекин на огнот.

Одржувањето на уште една рунда разговори доаѓа откако изолацијата на Москва се продлабочи кога повеќето земји во светот „застанаа“ против неа и побараа да се повлече од Украина, а главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд отвори истрага за воени злосторства.

На прекин на огнот во Украина повика и високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

„Оваа војна треба веднаш да заврши. Повикувам на итен прекин на огнот и итно воспоставување хуманитарни коридори“, напиша Борел на Твитер.

Тешка ноќ за украинските градови Херсон, Киев и Мариупол

Во меѓувреме, руските сили објавија дека ја презеле контролата врз клучниот јужен пристанишен град Херсон. Тоа е првиот голем украински град кој е окупиран од почетокот на инвазијата. Градоначалникот на Херсон, Игор Колихаев и висок функционер на украинската влада потврдија дека Херсон паднал.

„Руските сили го опколија градот. По неколкудневни интензивни борби, украинските сили се повлекоа кон блискиот град Миколаев. Овде нема украинска армија“, изјави Колихаев.

Изминатата ноќ силни експлозии го потресоа Киев и другите градови. Сепак, претставник на американската одбрана вели дека огромен конвој руски воени возила во близина на Киев „запрел“ поради недостиг на гориво и храна.

Властите во Мариупол ја обвинија Русија дека намерно ја напаѓа градската цивилна инфраструктура во јужна Украина со цел да изврши притисок врз населението.

„Повторно, немаме светлина, немаме вода и топлина. Тие ни ги уништуваат залихите со храна, не ставаат во блокада, како во стариот Ленинград“, се вели во соопштението на градскиот совет.

Мариупол, стратешкото пристаниште на Азовското Море, сè уште е во рацете на Украина, и покрај тоа што е опколен од руски и проруски сили. Министерството за одбрана на Москва ги повика цивилите да го евакуираат градот по таканаречениот „зелен коридор“. Но, градоначалникот вели дека тоа е невозможно.

„Не можеме да ги извадиме ранетите од улиците, од становите, бидејќи гранатирањето не престанува“, вели градоначалникот на Мариупол.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во новото видео обраќање рече дека одбранбените линии на Украина се одржуваат, но руското гранатирање на градовите не престана од полноќ, Тој вели дека промената на руската тактика, насочена кон цивилни области, покажува дека Украина успеала да се спротивстави на планот на Москва за брза победа со копнен напад.

„Немаме што да изгубиме освен сопствената слобода“, рече Зеленски, додавајќи дека Украина секојдневно добива оружје од своите меѓународни сојузници.

„Гладни“ руски војници ограбуваат украински продавници
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Лавров: Идејата за нуклеарна војна е на западните политичари

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека не се сомнева дека ќе се најде решение за украинската криза, но дека рускиот дијалог со Западот мора да се заснова на взаемно почитување. Лавров повтори дека Москва не може да ја толерира воената закана од Украина, за која рече дека добила наредба од Вашингтон.

Тој го обвини НАТО дека се обидува да ја задржи својата надмоќ и изјави дека Русија, иако има многу добра волја, не може да дозволи некој да ги поткопа нејзините интереси. Лавров ги обвини и западните политичари дека размислуваат за нуклеарна војна.

„Би сакал да истакнам дека идејата за нуклеарна војна постојано се врти во главите на западните политичари, а не во главите на Русите“, рече Лавров во интервју за руски и странски медиуми.

Тој наведува дека „целта на руската воена операција против Украина е, меѓу другото, да се осигура дека Киев нема да влезе во НАТО“.

Кремљ пак ги пофали руските војници во Украина како херои кои, како што велат, „ќе влезат во историјата заедно со војниците кои ја победија нацистичка Германија“, објави Ројтерс.

Рускиот претседател нареди воена операција во Украина на 24 февруари, а украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи воена состојба во земјата и нареди општа мобилизација. Борбите се водат во неколку украински градови, меѓу кои Киев, Суми, Мариупол, Одеса и Харков.

Еден милион луѓе ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија, објавија денеска Обединетите Нации и предупредија дека уште милиони ќе ја напуштат земјата, ако војната не заврши брзо.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG