Достапни линкови

Русија бомбардира украински градови, падобранци се спуштија во Харков


Уништени руски оклопни воени возила во близина на Киев
Уништени руски оклопни воени возила во близина на Киев

Русија продолжува со нападите во Харков и во Мариупол додека нејзината војска се распоредува околу Киев. Украинците пружаат жесток отпор. Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе го натера рускиот претседател Владимир Путин да ја „плати цената“ за инвазијата врз Украина.

Руските сили продолжија со бомбардирање на украински населени центри, а падобранци се спуштија во вториот најголем град во Украина Харков.

Руската војна против Украина влезе во седмиот ден, но ниту еден голем град во Украина досега не падна. Експертите предупредуваат дека се чини оти Москва се врти кон разорно гранатирање на областите пред да влезе во нив, додека Меѓународниот суд на правдата соопшти дека планира истрага за можни воени злосторства извршени од страна на руските сили.

Се чини дека најжестоки бомбардирања се насочени кон Харков, во североисточна Украина, каде што загинаа десетици жители. Центарот на градот во изминатите денови е мета на ракетни напади. Регионалниот гувернер Олег Синегубов утринава рече дека најмалку 21 лица загинале, а најмалку 112 се ранети во гранатирањата во изминатите 24 часа.

Русите бомбардираат цивилни цели - сведочат жителите на Харков
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:56 0:00

Генералштабот на украинската армија денеска објави дека досега загинале околу 5800 руски војници, иако тие бројки не може да бидат независно потврдени. Нејасно е и дали сите тие се војници. Русија исто така загубила 30 авиони, 31 хеликоптери и 211 тенкови. Не се објавени нови бројки за загуби на украинска страна, но неодамна беше соопштено дека се работи за стотици загинати.

Русија не дава податоци за бројот на жртви. Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека регистрирала 136 загинати цивили, а околу 660 илјади луѓе избегале од Украина.

Извештаите од Харков велат дека руските десантни единици денеска слетале во градот и дека руските сили нападнале воен медицински центар.

Украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во гранатирањето се оштетени станбени блокови и дека на мета биле седиштето на локалната полиција и Националниот универзитет Каразин.
Регионалниот гувернер Синегубов рече дека ноќните воздушни напади предизвикале повеќе пожари, но оти украинските сили сè уште го држат градот.

„Нападите се одбиени. Рускиот непријател претрпе тешки загуби“, изјавил тој за ДПА.

Украинската новинска агенција УНИАН објави дека биле запленети шест модерни руски тенкови.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конешников во денешното телевизиско обраќање рече дека руските сили го презеле под целосна контрола регионалниот центар на Херсон. Градот со 280 илјади жители на Црното Море е стратешки важно бродоградилиште и пристаниште.

Претходно, градоначалникот на Мариупол изјави дека градот е мета на интензивно гранатирање и оти не можат да ги евакуираат повредените. Градот е клучна цел на заедничките сили на руската армија и на проруските бунтовници од Доњецк.

Руските сили исто така продолжија да се распоредуваат околу главниот град Киев, каде што во ракетен напад беше погодена телевизиската кула.
Најмалку пет луѓе загинаа во ракетните напади во Киев и околината вчера вечер.

Огромниот руски конвој со артилерија и оклопни возила, долг скоро 65 километри, продолжува да се распоредува околу Киев. Украинските власти сметаат дека се работи за обид за опколување и преземање на контролата врз најголемиот град во земјата.

Кратко по нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден, кому му се заблагодарил за поддршката.

Бајден му порача на Путин дека ќе ја „плати цената“ за инвазијата врз Украина

За време на говорот за состојбата на нацијата пред американскиот Конгрес, претседателот Бајден долго се осврна и на руската воена инвазија врз Украина.

Бајден со поддршка за Украина во обраќањето за состојбата на нацијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:53 0:00

Тој вети дека ќе го натера рускиот претседател Владимир Путин да ја „плати цената“ за инвазијата врз Украина.

Во говорот на заедничката седница на двата дома на Конгресот во тешки моменти од модерната историја, Бајден повика на обединет отпор во одбрана на меѓународниот поредок кој е загрозен со руската агресија и ги предупреди олигарсите кои го поддржуваат режимот на Путин дека ќе им ги заплени приватните авиони и луксузните јахти.

Поздравувајќи го херојството на украинскиот отпор, Бајден ја претстави Оксана Маркарова, украинската амбасадорка во САД, која ѝ се придружи на првата дама Џил Бајден во ложата, носејќи мало сино-жолто украинско знаменце, и која беше поздравена со овации од пратениците од двете американски партии, од кои дел носеа сино и жолто во знак на солидарност со Украина.

Бајден најави дека им забрани на руските авиони влез во американскиот воздушен простор и објави договор со странските колеги да се пуштат вкупно 60 милиони барели нафта од стратешките резерви за да се сузбие растот на цените на горивата поради војната.

Бајден рече дека Путин и неговите помагачи не би требало да останат неказнети.

„Во нашата историја ја научивме лекцијата дека кога диктаторите не ја плаќаат цената за својата агресија, тие предизвикуваат уште повеќе хаос“, рече претседателот на САД.

Отпор на украински цивили против руските војници
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Бајден рече дека Путин е „поизолиран од светот отколку што некогаш бил“ и навести нови економски санкции.

„Кога ќе биде испишана историјата на оваа ера, војната на Путин против Украина ќе ја остави Русија послаба, а остатокот од светот посилен“, рече тој.

Во интервју за Ројтерс и СиЕнЕн Зеленски вчера рече дека Русија прво мора да престане да ги бомбардира луѓето за да може да продолжат мировните разговори. Втората рунда мировни разговори меѓу украинската и руската страна во Белорусија требаше да се одржат денеска, но се одложени. Кремљ денеска соопшти дека има „контрадикторни информации“ за закажаните разговори и дека руската страна е подготвена за средба, но е нејасно дали ќе се појави украинскиот преговарачки тим.
За време на брифинг емитуван во живо на Фејсбук, шефот на украинската дипломатија рече дека Украина е подготвена да разговара, но не е јасно кога.

Во првата рунда разговори на 28 февруари не беше постигнат напредок.
Зеленски бара од членките на НАРОТ да воспостават забрана за летови на руски авиони над Украина. Тој исто така ги осуди бомбардирањата на Харков како воени злосторства.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG