Достапни линкови

Пензиските приходи зголемени, но касата на ПИОМ сè уште зависна од буџетот


илустрација, пензионери пред банкомат

Зголемените пензиски приходи во касата на ПИОМ за првите пет месеци годинава, се сигнал дека нема проблем со одржливоста на Фондот, уверува директорката Билјана Јовановска. Сепак за долгорочна стабилност ќе треба сигурен и одржлив економски раст, смета проф. Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет

Во првите пет месеци од оваа година приливот по основ на придонеси во касата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се зголемил за 6,5 проценти во однос на истиот период лани. Истовремено пак регистрирано е намалување на трансферот на средства од централниот буџет кон Фондот. Па така, ако во 2017 година трансферот изнесувал 43 проценти, во 2018 година бил 42 проценти, претходната година тој трансфер на средства изнесува 38 процени. Тоа според директорката на ПИОМ Билјана Јовановска, е знак дека Фондот е во добра финансиска кондиција.

Пензионерите може да бидат сосема спокојни. Пензискиот фонд е во стабилна состојба, пензиите како и досега ќе си продолжат со тековна, редовна и навремена исплата имајќи предвид дека во корона кризата владата донесе одлука, пензиите се уште ги исплаќаме и предвреме, односно еве и сега на крајот на месецот ќе бидат исплатени јулските пензии. Во делот на планираните приходи и расходи се се одвива како што беше планирано. Во првите пет месеци приходите се зголемени за 6,5 проценти, а во делот на она што беше планирано за истиот период имаме зголемување за два проценти, а овие показатели упатуваат дека пензискиот фонд е стабилен и нема никаков проблем со одржливоста на буџетот на Фондот, вели Јовановска во неделното интервју на радио Слободна Европа.

Но фактичката состојба е дека фондот е се уште зависен од централниот буџет, а тоа како што вели Јовановска ќе потрае до 2030 година, кога се очекува зголемено темпо на исплата на пензии од приватните фондови. Со тоа треба да почне да се намалува притисокот, а со тоа и дупката на државниот пензиски фонд.

Во меѓувреме пандемиската година донесе голем број отпуштања, но од ПИОМ смируваат дека тоа нема негативно да се одрази врз стабилноста на фондот.

„Согласно планираното и податоците споредени со 2020 година и во бројот на осигуреници и по основ на наплата на придонес по основ на ПИО се движиме по нагорна линија. Во минатата година имаше многу отпуштања кај одредени дејности, но имаше и дејности кои имаат потреба од вработување на нови луѓе, бидејќи го зголемија својот профит и обемот на работење, така што знаете, на пазарот на трудот, некој баланс се постигнува. Во моментот и бројот на осигуреници е зголемен во споредба со истиот период лани, но и прходот по основ на ПИО е зголемен“, вели Јовановска.

Позитивните бројки кои се однесуваат на првите пет месеци годинава, според економските експерти не значи и одржливост на подолг рок. Професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот факултет вели дека долгорочна солвентност на пензискиот систем може да се обезбеди само во услови на сигурен и одржлив економски раст.

„Последниве години пензискиот фонд има финансиска загуба и еден јаз кој тешко се покрива на крајот на годината, а секоја година имаме нови пензионери кои биле осигуреници претходно. Затоа се јавува еден дисбаланс меѓу она што го нуди пензискиот систем и вработените осигуреници“, вели професорот Зекири и додава дека долгорочно решение би било кога сите вработени би биле пријавени и би плаќале придонеси за пензиско и инвалидско осигурување.

„Категориите на договорни услуги, договор на дело или договор за интелектуални услуги, веќе полека спласнуваат и сега има нов вид на преземање, преку агенциите кои посредуваат за вработување. Тие плаќаат, но плаќаат со еден минимален учинок, и стапката за придонеси е минимална. Сепак реалните приходи кои треба да ги преземе фондот во текот на една календарска година, не се очекуваните кои ги планираат на почеток на секоја година“, додава Зекири.

Во последниот ревизорскиот извештај за работата на Фондот, кој се однесува за 2019 година, се наведува дека за покривање на дефицитот на средства за исплата на пензии во 2019 година трансферирани се средства од Буџетот на РСМ во висина од 28 милијарди денари кои во вкупните приходи на Фондот учествуваат со 37%.

Приходите од наплатен придонес за ПИО во 2019 година биле зголемени за 10% во однос на претходната, на што како што се наведува во извештајот, значајно влијание имале измените на Законот за ПИО од декември 2018 година и по основ на вратени придонеси со принос од приватните пензиски друштва. Сепак ревизорите наведуваат дека оствареното зголемување на приходите во 2019 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година кои се однесуваа на исплата на пензиските примања за вкупно 333.722 корисници на пензиски примања и се за 6,7% повисоки во однос на 2018 година.

Од друга страна ревизијата во континуитет ги истакнува слабостите на воспоставениот систем за утврдување, контрола и наплата на придонес кој од 2009 година се врши од страна УЈП без да биде обезбедено целосно ажурно и точно интегрирање и навремена размена на податоци од институциите. Поради наведеното Фондот нема целосни и прецизни податоци за побарувањата по основ на неплатен придонес од ПИО ниту има надлежност за наплата на истиот, што влијае на комплетноста на приходите и на остварувањето на правата од ПИО на осигурениците за кои не е платен придонесот.

Инаку одржливоста на фондот е континуиран проблем со години наназад, а препораки за негова консолидација упатуваа и релевантни финансиски институции како што е Меѓународниот монетарен фонд. Монетарците препорачуваа зголемување на старосната граница за пензионирање, со цел одржливост на Фондот, но и покрај тоа на почетокот на месецов се донесе законот за задолжително пензионирање, со кој старосната граница за пензионирање остана 64 години за мажи и 62 за жени.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG