Достапни линкови

Партиите тврдат дека нема да се рекламираат кај „ширачи на лажни вести“


Илустрација

На помалку од две недели до почетокот на изборната кампања ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои секојдневно се обвинуваат дека шират лажни вести, ветуваат дека своите изборни пораки ќе внимаваат да ги емитуваат на медиуми кои се сметаат за професионални.

Партиите секојдневно меѓусебно се обвинуваат дека шират лажни вести, а од таквите обвинувања не се поштедени ниту медиумите. Дел од нив и јавноста и еснафските новинарски здруженија ги препознава како непрофесионални, а партиите засега ветуваат дека и тие ќе внимаваат на професионалноста на медиумите кога ќе се рекламираат за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 12 април.

Во меѓувреме партиите ги промовираа своите пратенички листи и ги доставија до Државната изборна комисија, а засега се чини дека вообичаената пред кампања, која ја почна уште минатиот месец, падна во сенка на пандемијата на коронавирусот.

До Државната изборна комисија, пак, се пријавија 235 портали кои ќе се обидат да земат државни пари преку рекламите од партиите. Со измените на законот од минатиот изборен циклус парите за реклами ги плаќа државата, а се предвидува дека една партија или коалиција може да потроши најмногу 15 илјади евра за промоција во еден портал.

„Во политичката кампања многу е важно од каде ќе се упати пораката и лично сметам дека не може да се праќаат пораки преку медиуми кои шират омраза од политичка, верска или која било друга причина како на пример изразениот антисемитизам кој се појави во последно време“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

И речиси истовремено додека ДИК ја објави листата на медиуми кои сакаат да земат државни пари за партиски кампањи, Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите во Македонија и Стопанската комора објавија регистар на професионални медиуми. Во него има далеку помалку портали, односно како професионални медиуми се наведени 101 портал. Според наведените критериуми за професионалност Советот за етика смета дека медиумите треба да исполнуваат одредени критериуми меѓу кои да имаат наведено веродостоен импресум (уредник, редакција), контакт- податоци и адреса, да гo почитуваат Кодексот на новинарите, да бидат транспаретни во финансирање итн.

И портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска тврди дека ќе внимаваат на етичноста на медиумите на кои ќе ги дадат парите.

„Партијата ќе се води од етичкиот кодекс и кредибилноста на медиумот ќе биде еден од главните критериуми при одлучувањето за просторот за рекламирање“, вели Кузеска.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се всушност двете партии кои меѓусебно најмногу се обвинуваат дека едната или другата страна е креатор на лажни вести, а посочуваат и медиуми, кои како што ги именуваат се блиски до партијата на власта или опозицијата. За политичкиот опоненент такви епитети, како ширачи и креатори на лажни вести користат и самите лидери на партиите Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Заев деновиве на конгресот на кој ги промовираа листите на кандидати за парламентарните избори рече дека не биле и никогаш нема да бидат исти со ВМРО-ДПМНЕ кои ги нарече фабрика за лажни вести. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, често наведуваат дека „медиумите под контрола на Заев во повеќе наврати се фатени „живи“ како шират лажни вести по нарачка од СДСМ“. Изборната кампања инаку почнува на 23 март и ќе трае до 10 април, а до овие предвремни парламентарни избори доаѓа откако Македонија не доби датум за почнување преговори со ЕУ во октомври мината година иако го смени уставното име со Преспанскиот договор што требаше да ги одблокира преговорите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG