Достапни линкови

Пандемијата помина, автобусите останаа полупразни


илустрација, меѓуградска автобуска станица „Руле-турс“, Скопје

Граѓаните немаат желба да патуваат со автобускиот превоз и бараат друга алтернатива. Најчесто делат такси или диви комбиња. Статистички, бројките на патници малку се зголемени во однос на пандемискиот период, но во споредба со периодот претходно бележат намалување од над 30 проценти.

Студенти, работници, пензионери. Некои поради работни обврски, други поради образование, а некои и поради преглед во болница. Голем број граѓани од различни градови постојано имаат потреба да патуваат до Скопје. Оние кои немаат друга опција ги користат услугите на меѓуградската автобуска станица, а други пак, одбираат такси или таканаречените „диви превозници“ за да стигнат до саканата дестинација.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека патуваат со автобус само тогаш кога немаат друга опција, а токму тоа го покажуваат и најновите статистички податоци, според кои бројот на патници кои го користат меѓуградскиот и меѓународниот транспорт не само што не го достигна нивото пред корона кризата, туку и опаѓа.

Жителите на Кратово пак, имаат друга мака. Тие до Скопје може да дојдат само ако го фатат утринскиот автобус, оти попладневните и вечерните линии се укинати.

„Да има автобус ќе ги посетувам роднините почесто. Порано имаше неколку пати автобус во текот на денот на релација Скопје-Кратово, но со ковид-кризата сега ако сакате да отпатувате од Кратово за Скопје тоа можете да на направите само наутро, попладневните и вечерните линии се укинати“, вели Валентина од Скопје, која потекнува и има роднини во Кратово.

Од главниот град до гратчето одалечено неполни 100 километри, пак, автобус има наутро и во 17 часот попладне. Луѓето се организираат и делат такси до главниот град, по цена малку повисока од автобуската карта, но барем таксистот ги носи до посакуваната адреса, а младите ги користат и социјалните мрежи да се организираат и да поделат превоз.

Исто размислува и струмичанката Весна Михајлова. Таа вели дека патувањето со автобус е последната опција.

„Јас избегнувам да се возам со автобус. Секогаш кога имам потреба да дојдам во Скопје поради некоја контрола на клиника или некоја друга работа се организирам со такси, неколку патници си ја делиме сметката. Можеби нема да биде поевтино, ама барем не се малтретирам да патувам три саати од Струмица до Скопје. Од друга страна и автобуските карти се многу поскапени. Порано 700 денари беше повратна до Струмица, а сега е само во еден правец таа цена“, вели Весна.

По порастот на цената на горивата, се зголемија и цените на билетите. Така на пример ако пред три години цената на месечната карта Куманово-Скопје чинеше 3200 денари, сега изнесува дури 5000 денари. Билет во еден правец од Куманово до Скопје и обратно чини 170 денари.

Карта од Велес до Скопје чини 200 денари. Најскапа автобуска карта во моментот е повратна Скопје-Охрид и чини 1.240 денари, а сите автобуски карти во меѓуградскиот автобуски сообраќај се покачени од 30 до 40 проценти.

Поради работни обврски Ристо Савески од Тетово секој ден патува до Скопје. Карта на оваа релација чини 200 денари, но најисплатлива варијанта му е месечната карта која пак од 3.200 денари во февруари, сега изнесува 6.000 денари. Савески вели дека автобусот го одбира бидејќи нема друга опција, иако како што додава и „дивите комбиња“ се исто така посакувана варијанта за тетовци.

„Поевтино е единствено со автомобил, ама доколку е на плин. Во однос на другите превозници, такси или комбиња, автобусите се барем поредовни. Има и постари и понови автобуси. Ми се случувало автобус да ми се расипе на автопат, па да биде прилично небезбедно, често знае да има гужви и претовар, па затоа еве една преоодна оценка би дал за автобускиот превоз“, вели Савески.

Зголемени се цените на билетите за меѓународните дестинации. На пример повратен билет Охрид-Белград чини 4.350 денари, а граѓани на социјалните мрежи се жалат дека патувањето трае и до 12 часа.

Но сопственикот на автобуската станица „Руле-турс“ Масар Омерагиќ смета дека зголемените цени на билетите не се причината поради која е мал интересот на граѓаните да се возат со автобус.

„Една од причините е иселувањето, односно намалувањето на популацијата, втор фактор е нелегалниот превоз, бидејќи тие превезени патници никаде не се евидентираат и не можете да ги земете како реална бројка и третиот фактор е поврзан со економската состојба во земјава, па поради тоа луѓето ретко се одлучуваат да патуваат“, вели Омерагиќ.

Тој додава дека во меѓуградскиот превоз било забележано намалување на превезените патници од дури 43 проценти споредено со годината пред пандемијата. Кај меѓународниот превоз пак бројот на патници е намален за 34,2 проценти.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика во второто тримесечје од 2022 година, во патниот патнички превоз, вкупниот број на превезени патници изнесува 893 илјади, во градско-приградскиот превоз 10.574 патници, во железничкиот 105 илјади, додека бројот на превезените патници во воздухопловниот превоз изнесува 598.792 патника.

„Ако ги споредите бројките пред пандемијата и денешните бројки, во тој случај гледате дека имаме намалување на бројот на патници за околу 34 проценти. Пандемијата не ни е репер од причина што тогаш беа блокади, карантини, луѓето работеа од дома, немаше патувања итн“, вели Омерагиќ.

Покрај намалениот број патници, превозниците се жалат и на зголемените трошоци. Цените на горивата се менуваат преку ноќ, трошоците за струја се драстично зголемени, а поскапување има и во делот на одржување на трошоците за возилата.

Но, за разлика од патниот превоз, бројките кај авионскиот сообраќај одат во нагорна линија. Кај авионскиот превоз бројот на патници е зголемен и се приближува до периодот пред корона кризата. И во железничкиот превоз бројот на патници не е целосно повратен, иако и во оваа област расте бројот на патници.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG