Достапни линкови

Пандемијата не ни донесе „бејби бум“


илустрација

Статистичките податоци покажуваат дека пандемијата, карантините и изолираниот живот не „донеле“ повеќе бебиња. Напротив, минатата година бројот на живородени деца во однос на 2020 година се намалил за 2 проценти

Леонора Каличи од Скопје е мајка на четири деца. Најстарото дете е 21 година, а најмалото има само 4 години. Вели дека во нејзиното семејство постојано е „гласно“ и дека децата и се најголемата радост. Сепак таа признава дека во денешно време воопшто не е лесно да се издржува многудетно семејство.

„Очигледно е дека со поскапувањата, животот станува се потежок и многу е тешко да се задоволат потребите на сите членови на семејството. Трошоците се големи, од училиштето, дневните потреби, колку се повозрасни толку повеќе бараат, не е лесно“, вели Каличи.

Каличи вели дека е речиси невозможно да се помине месецот само со две просечни плати, па токму затоа таа и нејзиниот сопруг се принудени да работат и дополнителна работа.

„Мора дополнително да се работи, за да може да го поминеме месецот. И двајцата работиме по две, три работи повремено и тоа е многу исцрпувачки. Мислам дека младите тешко се одлучуваат за повеќе деца токму поради финансиските проблеми. Животот е многу поскап и за да задоволиш елементарни потреби мора да се има некаква финансиска помош. Дефинитивно треба некаква стимулација од државата. Не можат семејствата да планираат повеќе деца кога знаат дека нема да може да ги покријат трошоците што ги имаат моментално“, вели Каличи.

И податоците на Државниот Завод за статистика зборуваат во насока на тоа дека се помалку семејства се одлучуваат да имаат повеќе деца. Па така трендот на намалени раѓања се забележува во последните три години.

Во 2020 година кога почна пандемијата се забележани 19 167 живородени деца, односно за 4, 1 процент опаднал наталитетот во однос на 2019 година. Ланската година пак во 2021, се родиле 18 790 деца, односно наталитетот се намалил за 2 проценти во однос на 2020 година.

Социолозите велат дека причините поради кои земјата „старее“ се многуслојни, но дека едни од главните се иселувањето на младите и економските проблеми. Професорот Илија Ацевски пак вели дека една од причините за стареењето е таканаречената „модернизација на сиромаштијата“.

„Тоа значи дека во време на промени на глобализација и европеизација се случува промена на вредностите. Младите сега живеат во сиромаштија, но, од друга страна, го имаат пред себе светот, гледаат каде се живее подобро, каде е подобро образованието, каде е поквалитетен животот итн. Во земја како што е нашата, младите не гледаат перспектива и резултатот на тоа е што таа млада популација од 20 до 30 години е најподложна на иселување, а државата нема речиси никаква стратегија во поглед на тој проблем“, посочува професор Ацевски.

За разлика од кај нас во соседна Србија пак пандемијата донесе зголемен наталитет. Од март 2020 година, кога во Србија беше прогласена епидемија на коронавирус, и заклучно со јануари годинава, во Србија се родени вкупно 118.767 бебиња, покажуваат податоците на Републичкиот завод за статистика .
Според статистичките податоци, лани наталитетот се зголемил за 369 бебиња, колку што биле родени повеќе отколку во текот на целата претходна година, додека во јануари годинава биле родени дури 279 бебиња повеќе отколку во истиот месец во 2021 година.

Податоците од публикацијата на ДЗС за Природно движење на населението во 2019 година, покажува дека во 1994 година се родиле 15.736 лица повеќе од колку што умреле, а во 2019 година пак се родило 601 лице помалку отколку што умреле. Со тоа за прв пат по 25 години, во 2019 година државата влегла во негативен природен прираст.

Намалувањето на стапката на наталитет, според податоците на ДЗС објавени во „25 години независна Македонија“, меѓудругото, се должи и на таканаречениот темпо-ефект или одложување на раѓањата и склучување на брак на повозрасни години.

Нашите соговорници сметаат дека денеска младите тешко одлучуваат да стапат во брак и кога го прават тоа, сакаат едно или максимално две деца. Според нив тоа е така затоа што сметаат дека квалитетот на животот може да се реализира подобро, само во помали семејства.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG