Достапни линкови

Опозицијата во нов обид за соборување на власта


Архива - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протест во Скопје на 2 јуни 2018

ВМРО-ДПМНЕ преку протест ќе се обиде да направи притисок за одржување брзи предвремени избори, на кои се надева дека ќе ја собори власта на СДСМ. Владејачката партија вели протестот е демократско право, но цврсто стои на ставот изборите да се одржат во редовниот термин во 2024 година

Најголемата македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Скопје одржува протест со цел да бидат распишани предвремени парламентарни избори, по кои очекуваат да биде соборена Владата предводена од премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски.

Обвинувајќи ја власта за неспособност да се справи со криминалот, растечката инфлација, енергетската криза и сиромаштијата, ВМРО-ДПМНЕ повикува на „Протестот за промени“ за кој вели дека во суштина е надпартиски и обединувачки.

„Не постои ниту најмала надеж дека со оваа Влада може да биде барем нешто подобро. Тие се веќе во шестата година од своето владеење кое донесе живот на национална катастрофа во секое поле, во секој сегмент. Пет години на загубена надеж, на изневерени очекувања, разочарувања и национални предавства“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во повикот на протестот.

Николоски - Убедувањето заврши, сега ја притискаме власта да има избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:34 0:00

Владата на Ковачевски беше избрана во јануари оваа година, откако неговиот претходник Зоран Заев поднесе оставка по поразот на СДСМ на локалните избори во октомври 2021.

Опозицијата бараше предвремени избори уште за време на изборот на новата Влада на Ковачевски во Собранието, кој и тогаш рече дека избори ќе се одржат, но во редовниот термин во 2024 година.

Дотогаш Ковачевски рече дека неговата влада посветено ќе работи на подобрување на економијата и животниот стандард на граѓаните.

Од СДСМ по најавите за собирот на 18 јуни рекоа дека протестот е демократско право и дека опозицијата има право на тоа, но повторно останаа на ставот дека нема да прифатат одржување на предвремени парламентарни избори.

„Што се однесува до изборите, тоа прашање е затворено. Изборите ќе бидат редовни во 2024 година“, наведе СДСМ во партиско соопштение.

Опозицијата протестот го одржува пред Владата во Скопје под мотото „Премногу е“, а демонстрантите до таму ќе стигнат од три локации како собирни места: спроти зградата на МТВ, пред Трговскиот центар „Буњаковец“ и пред Собранието.

Опозицијата ја обвинува Владата и за тоа дека жртвите во несреќите кои се случија во изминатиов период, ги третирала како статистички податоци, посочувајќи ги загинатите во автобуските несреќи во Ласкарци и Бугарија и во пожарот во модуларната ковид болница во Тетово.

ВМРО-ДПМНЕ исто така ја критикува власта за тоа дека ги проблематизирала сите идентитетски прашања, а дека земјата секојдневно се оддалечува од Европската унија.

„Се повеќе криминал, корупција, тендери... Дојдоа со голема надеж и ветувања за напредок кон ЕУ. Наместо тоа, нема европска вредност која не ја погазија. Испорачаа рекет, договори во четири очи, фабрики со марихуана“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред да го најави протестот, ВМРО-ДПМНЕ од минатиот месец започна и со блокада на Собранието, како што образложи, поради отсуство на подготвеност на премиерот Ковачевски и Владата да воспостават вообичаен политички дијалог и минимум државно единство во однос на барањата на опозицијата за наоѓање на решенија за кризната состојба во државата.

Премиерот Ковачевски блокадата на Парламентот ја оцени како неодговорно однесување и дека ваквиот потег е „најлошото нешто што може некој политичар да го направи во овој момент.“

„Воопшто не доликува на демократска партија да одбројува денови и да се служи со уцени и закани. Јас потврдив во изминатите скоро четири месеци дека ниту на уцени, ниту на закани не подлегнувам, туку сум човек којшто води отворен дијалог со сите заинтересирани страни во општеството“, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ и во ноември минатата година имаше обид за соборување на владата, која тогаш се уште ја предводеше Зоран Заев.

Заедно со коалицијата составена од Алијанса за Албанците и Алтернатива, но и од партиите Левица и Беса, ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива за гласање на недоверба на Владата, откако претходно за тоа собраа 61 потпис.

Сепак гласањето не се случи. Седницата не беше отворена во недостаток на кворум поради недоволен број пратеници, откако во Парламентот не се појави пратеникот Кастриот Реџепи од Беса.

Тој на Фејсбук соопшти дека решил да не учествува на седница на која може да бидат доведени во прашање процесите со стратешките партнери на земјава, САД и Европската унија.

Претседателот на движењето Беса Биљал Касами тогаш рече дека се сомнева оти неговиот сопартиец Реџепи со сола бил задржан не некоја локација за да не може да дојде во Собранието и да гласа за соборување на Владата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG