Достапни линкови

Дома на одмор - се полнат викендиците и се купуваат базени


Преспа, 6 јули 2020 година

Домашниот туризам ќе биде повеќе актуелен ова лето поради затворените граници за летување во странство како последица на коронавирусот. Се прават обиди за зголемување на понудата за приватно сместување, но луѓето повеќе ги користат и сопствените викенд куќи и дворови. Расте и интересот за изградба на базени.

Во услови кога македонските државјани се спречени да летуваат во странски земји поради епидемиолошкта слика на земјата од високиот број на заразени од коронавирусот, многумина од нив летните одмори ќе ги поминат во посета на домашните туристички места – на езеро, река, село или планина... Голем е бројот и на граѓани кои во ваква ситуација се решаваат да изградат или да купат монтажен базан за дворовите во нивните домови или викендички.

Очекувањата за оваа сезона се да бидат посетени повеќе места кои претходно не биле конкурентни на туристичкиот пазар во земјава или, пак, имале релативно мал промет, како што потврдува и професор Науме Мариновски од Факултетот за туризам во Охрид.

„Многу често се запоставуваат реките, крајбрежјата и ќе биде добро да се витализира и тој дел од туристичката понуда во земјата. Сметам дека е добро што се преземаат државните мерки за помош и со тоа ќе бидат популарни и планините, реките, посебно бањите, бидејќи популацијата во земјава која добива средства најчесто се однесува на возрасни категории и можно е бањските центри да бидат унапредени во поглед на туристичкиот промет“, вели Мариновски.

На плажа или на планина, летово „остануваме дома“

Тој сепак посочува дека „најголем наплив“ на туристи традиционално ќе има во Охрид, поради неговата „доминантност“ со бројот на сместувачки капацитети.

Од друга страна и Преспа почна да се полни со туристи уште на почетокот на јули, додека Владата се уште ги немаше донесено протоколите за отворање на плажите. Околните викендички постепено се полнеа со туристи, а се побројни беа и семејствата кои потекнуваат од регионот и поседуваат свои куќи.

Преспа годинава ќе понуди приватни куќи за туристите, како место со специфична природна убавина, како што изјави градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаровски.

„Она што е специфично за Ресен, освен прекрасната природа, тоа се убавите рурални села и како општина со намален број на сместувачки капацитети презедовме активности, а тоа ќе го правиме и во следниот период, што повеќе куќи кои се наоѓаат во близина на Преспанското Езеро да направат категоризација на приватното сместување“, рече Гошаровски.

Се полнат викендиците во Преспа

Оваа година зголемен е интересот за изградба на базени, како и побарувачката за монтажни базени. Далибор Здравески – директор на компанијата „Флуид проект“ вели дека за разлика од други години, оваа година пордажбата на базени е зголемена.

„Овој месец и следниот ќе има голема побарувачка, имаме информации дека монтажните базени се веќе сите продадени“, вели Здравевски додавајќи дека интересот е зголемен и кај луѓе кои веќе имале изградено базени во нивните дворови, но со години не ги користеле и сега сакаат да ги активираат.

Сепак Здравевски укажува дека зголемениот интерес не мора да значи дека ќе има и толкава бројка на изградени базени, бидејќи целиот процес на изградба може да трае од два до три месеци.

Во однос на поттикнување на домашниот туризам поради кризата со коронавирусот, Владата на крајот на мај оваа година донесе мерка која предвидува издавање на ваучери за туризам на вработени лица со низок доход заради поттикнување на домашниот туризам.

Туристичките ваучери – Можност за одмор или ујдурма

За ваквата владина мерка, професор Мариновски смета дека можела да биде преземена и без проблемите создадени од пандемијата на Ковид-19, поради нопходноста од зголемување на прометот на домашниот пазар.

„Парцијалните решинија кои се однесуваат на тоа само најсиромашните да имаат бенефит во поглед на пополнувањето на капацитетите, сметам дека не е доволен и дека сегментот на стимулација треба да се прошири за да имаме двојна придобивка – унапредување на домашниот туризам и намалување на одливот на девизни средства надвор од државата“, вели Мариновски.

Мерката според владината уредба предвидува сите вработени кои имаат приходи помалку од 15.000 денари месечно, да добијат ваучер од 6.000 денари кои ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти во државата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG