Достапни линкови

Нови дупки ќе се крпат со стари идеи за прогресивен данок


Пари, денари, просечна плата во Македонија.

Идејата тие што заработуваат повеќе да плаќаат и поголем данок е уште полегитимна во време кога економијата се опоравува од ковид, велат властите. Поранешниот гувернер Петар Гошев вели дека се промовираат стари теми, кои служат за замајување на јавноста, но дека власта не е способна за промена.

Со старата идеа за прогресивен данок, која не заживеа пред неколку години, власта повторно се обидува да ги крпи дупките во буџетот, вели поранешниот гувернер на Народна Банка, Петар Гошев. Изминатите денови враќањето на прогресивното оданочување повторно се врати во игра откако МАНУ препорача дека со зголемување на одредени даноци може да се опорави економијата. Еден од главните столбови на СДСМ за да дојде на власт беше прогресивното оданочување, но проектот за скалест данок не траеше долго.

Вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи во изјава за РСЕ вели дека дебатата за прогресивното оданочување е уште полегитимна во пост-ковид периодот.

„Затоа што тоа е еден од начините како можеме да воспоставиме данок кој е поправеден, кој во себе го содржи и солидарниот момент, нo и моментот на адекватно и праведно оданочување на различните категории на луѓе. Секако прогресивното оданочување овозможува сите граѓани подеднакво да ги осетат придобивките“, вели вицепремиерот.

Поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев вели дека СДСМ дојдоа на власт со најавата за реформа на даночниот систем, што беше и едно од клучните прашања, но дека се направија само минимални козметички промени, но се откажа и од тие.

„Покажувајќи едноставно дека немаат врска со социјалдемократијата и дека ниту знаат, ниту сакаат да се грижат за прашањата на еднаквоста во општеството и сега повторно дискутираат за истите прашања префрлајќи од шупливо во празно, без притоа да се види дека нешто им е јасно или дека нешто сакаат да постигнат со тоа“, вели Гошев.


Академик Таки Фити препорача Владата да штеди на непродуктивни трошења и благо да зголеми дел од даноците, за да може да менаџира со јавниот долг кој достигна 60 отсто од Бруто-домашниот производ. Тој вели дека не треба да има раст на ДДВ, оти тоа би ги погодило најсиромашните, но би можело да се има блага прогресија на персоналниот данок на доход, на данокот на имот, а препорачува да се воведе и еколошки данок, по примерот на развиените земји. Тој е против прогресивно оданочување на фирмите, и вели дека треба да се зголеми и борбата против сивата економија.

За зголемувањето на даноците веќе има јавна расправа, вели министерот за финансии Фатмир Бесими, но не открива кои даноци би се зголемиле. Ставовите беа изнесени на научна конференција за предизвиците на фискалната политика за време на ковид и во поскризниот период.

Вицепремиерот Битиќи смета дека дебатата треба да продолжи, да се видат сите модели, а на однапред да се рече дека тој пристап не е добар.

„Во суштина нема да се изгуби од конкурентноста на економијата со прогресивното оданочување, ако навистина се увиди добриот пристап и се најде најдобриот модел. Има добри, позитивна искуства и модели низ светот, но тоа мора да се направи со севкупна консултација“, вели Битиќи.

Прогресивното оданочување го воведе министерот Драган Тевдовски, откако СДСМ дојдоа на власт во 2017. Но скалестиот данок беше укинат неколку месеци по смената на Тевдовски, кој ги туркаше измените. Па така прогресивното оданочување беше одложено за 2023-та година.

Поранешниот гувернер Петар Гошев вели дека се промовираат стари теми, кои само служат за замајување на јавноста, но дека власта не е способна за промена.

„Истото вртење во круг, нееднаквоста е огромна, нив тоа очигледно не ги загрижува, зошто најлесно им е да посегнат по задолжување од странство или од домашни извори, што е уште полошо од странство и на тој начин ги крпат големите празнини во буџетот на државата. Така што не очекувам ниту сега ништо сериозно на тој план. Едноставно тие се во канџите на една групација бизнисмени која си го разбира светот така што е во согласност со нивните интереси“, вели Гошев.

Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека во сите здрави економии во светот постои скалесто оданочување, но дека тоа не би било пречка за инвеститорите.

„И долгорочно гледано не верувам дека воведувањето на ваква ставка ќе влијае на тоа инвеститорите да ја избегнуваат земјата при инвестирање или тие што се тука да ги пренасочат, зошто сепак мора да признаеме дека Македонија има најниска даночна стапка во моментов“, вели Халили.

Најлесно е да се зголемат даноците, потешко е да се бориш против сивата економија, напиша на Фејсбук Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанска комора на Македонија и поранешен потпретседател на СДСМ.

„Академик предлага покачување на даноците. Тоа е најлесно да се направи, да се натоварат уште повеќе тие што плаќаат данок. Потешко е да бориш против сивата економија. Треба прво тоа да се потсреди па после да се размислува за нови или повисоки даноци, пишува Јовановски.

Против прогресивното оданочување во првиот обид беа бизнисмените, стопанските комори, како и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, оти, според нив, на тој начин се казнуваат поуспешните и се стимулира даночна евазија, што би ја зголемило сивата економија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG