Достапни линкови

Новиот премиер ќе треба да води влада скроена од Заев


Претседателот на Алтернатива Африм Гаши и премиерот Зоран Заев
Претседателот на Алтернатива Африм Гаши и премиерот Зоран Заев

Преговорите за проширување на владиното мнозинство со Алтернатива ги води премиерот Зоран Заев, кој најави дека ќе се повлече од челната позиција во владата. Тоа ќе биде голем товар за наредниот премиер кој ќе треба да води влада која друг му ја скроил, освен ако Заев се пишмани за оставката, велат за РСЕ политички аналитичари.

Новиот премиер ќе треба да предводи влада која ќе му ја скрои сегашниот, а тоа сигурно ќе влијае и на неговиот кредибилитет, и внатре во партијата, но и пред коалиционите партнери, велат политички аналитичари за РСЕ. Тоа ги подгрева сомнежите дека актуелниот премиер Зоран Заев може да продолжи да ја води владата.

Заев, кој поднесе оставка на лидерската позиција во СДСМ, а најави дека ќе се повлече и од местото премиер, преговара за влез на Алтернатива во владата, со што ќе обезбеди парламентарно мнозинство. Тој најави дека ќе поднесе оставка во владата по завршувањето на преговорите со Алтернатива и откако ќе го види исходот со Бугарија за Македонија да добие датум за преговори за членство во ЕУ.

Пред дваесетина дена не успеа гласањето за недоверба на владата, кога пратеникот Кастриот Реџепи од Беса се пишмани и не ја поддржа опозицијата, откако неговата партија ја напушти владината коалиција. Со тоа парламентот се доведе во невообичаена ситуација никој да нема мнозинство. Опозицијата во моментов има 60 пратеници, исто колку што има и владиното мнозинство.

На преговорите со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, Заев е придружуван од заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски, кој се промовира како нов лидер на СДСМ. Тој денеска и официјално поднесе кандидатура за лидерската позиција во партијата. Кандидатура поднесе и поранешната потпретседателка на партијата Фросина Ременски.

Политичкиот аналитичар Сефер Селими вели дека ова е многу невообичаена ситуација и ваквите преговори не може да произведат влада која ќе има полн политички легитимитет.

„Политичките преговарања носат и политички одговорности. Така што, ако новиот премиер дојде во позиција да предводи влада која е скроена од друг премиер или друг лидер на партија, тоа значи дека тој би бил, на некој начин, поставен како технички премиер, кому ќе му фали тој политички легитимитет, а без кој тешко може да се направат големи работи да се носат тешки одлуки. Новиот мандатар, ако воопшто го има, ќе треба прво долго време да се фокусира на стекнување на политички легитимитет, прво кај неговата матична партија, а после и со коалиционите партнери“, вели Селими.

Политикологот Соња Стојадиновиќ се прашува дали можеби ова значи дека Заев ќе остане премиер.

„Видовме дека ниедна оставка не е секогаш оставка во вистинска смисла на зборот, туку секогаш подлежи на партиски и коалициски молби, преколнувања и условувања дали ќе се прифати или нема да се прифати“, вели таа.

Висок функционер на ДУИ пред неколку дена изјави дека нивниот лидер Али Ахмети „не дозволува Зоран Заев да поднесе оставка од премиерската функција, барем не до март следната година“.

„Заев треба да биде премиер бидејќи има големи работи за решавање. Без заедно да одлучат Заев и Ахмети и без да влезат во колосек важните работи, Заев нема да се тргне од одговорноста да ги решиме проблемите. Надежите се дека на 14 декември ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, а дека до март идната година ќе се одржи првата меѓувладина конференција со која Македонија и Албанија ќе ги почнат пристапните преговори со Европската Унија. Ќе разговараме, ќе направиме анализи, но сепак сметам дека Заев до март ќе биде премиер“, изјавил функционерот на ДУИ за Слободен печат.

Токму затоа и Селими е резервиран за најавената оставка на Заев.

„Никој не може да тврди дека ако евентуално почнеме преговори за членство во ЕУ, нема да имаме друга „криза“ која ќе треба премиерот Заев да ја реши, па дури тогаш да се ефектуира неговата оставка“, вели Селими.

Почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ е блокиран од Бугарија, која тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG