Достапни линкови

Ново владино мнозинство и оставка на Заев?


Средба на премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски со лидерот на Алтернатива Африм Гаши
Средба на премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски со лидерот на Алтернатива Африм Гаши

По една недела од средбата на лидерите на СДСМ и на Алтернатива вечерва во партиските седишта на двете партии се очекува да се донесат клучни одлуки по кои ќе стане појасна домашната политичка сцена.

Во СДСМ премиерот Зоран Заев најави дека на централниот и извршниот одбор ќе ја поднесе оставката од претседателската позиција во партијата. Партијата која ја предводи Африм Гаши, Алтернатива, пак доцна попладнево на централно централното претседателство ќе разговара за концептите и концепциите за нивното учество во владата, но како што беше нагласено одлуките треба да ги донесе централното собрание кое дополнително ќе го свикаат.

Двајцата лидери, Заев и Гаши се сретнаа точно пред една недела, минатиот петок во Клубот на пратениците. Тогаш немаше дефинитивна одлука на Алтернатива, дали со своите четири пратеници ќе стане дел од власта, а одлуката беше најавена за во вторник, исто како и Заев кој најави дека истиот ден ќе ја достави оставката. Но, се беше одложено за денеска вечерва поради сообраќајната несреќа на македонскиот автобус кој се враќаше од Турција, а која се случи во вторникот во Бугарија.

Едната одлука, оставката на Заев, беше најавена на 31 октомври, вечерта на вториот круг од локалните избори, на кои СДСМ изгуби од ВМРО-ДПМНЕ. Првично таа одлука беше одложена поради мнозинството кое го најави ВМРО-ДПМНЕ заедно со Алтернатива, Алијанса за Албанците, Левица и доскоро владината Беса. Гласањето на доверба на владата по барање на опозицијата не беше успешно поради неопојавувањето на пратеникот од Беса Кастриот Реџепи поради што и немаше мнозинство за гласање на Владата.

Во меѓувреме, по најавата за оставка во јавноста почна да се шпекулира за можниот нов претседател на СДСМ кој Заев инсистира да биде истиот човек и мандатар за состав на новата влада.

Гласините од минатата недела се поврзани најмногу со заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски кој дојде со Заев на средбата со Гаши. Сепак, актуелниот лидер и премиер на СДСМ не даде конкретен одговор на новинарското прашање дали Ковачевски е идниот мандатар.

“Јас уште еднаш ќе ви потврдам дека Димитар Ковачевски, член на Извршниот одбор на СДСМ, претседател на комисијата за финансирање, член на штабови, член на претседателства од 2000 година наваму, докажан кадар на СДСМ и комплетно подготвен да ми помогне за ова денеска што разговараме. Во иднина за сите тие имиња кои излегоа во медиумите, вклучително и името на Димитар Ковачевски, престои процес на избор од страна на членството на СДСМ“, рече Заев.

Според статутот на СДСМ за претседател може да се кандидра секој член со најмалку пет години работа во партијата и со поминат најмалку еден мандат како член на Централниот одбор со право на глас. Потоа партискиот статут предвидува за вонредни кои се распишуваат во случај на поднесување на оставка на претседателот одлука за распишување на предвремени избори да донесе извршниот одбор, најкасно во рок од 15 дена од денот на престанок на функцијата. Тоа значи дека ако вечерва органите му ја прифатат оставката на Заев извршниот одбор би можел да одлучува во следните 15 дена, но може да одлучи и истиот ден и да ја почне процедурата за нови избори. Органите на партијата треба да утврдат рокововник и датум за изборите кои според статутот би морало да се одржат в недела. Очекувањата во партијата се дека тие би можело да се случат кон средината на декември.

Заев го доби новиот мандат да ја води партијата во мај годинава, како единствен кандидат за претседател на изборите во партијата. Тој ја најави својата оставка вечерта на 31 октомври по загубата која на локалните избори ја претрпе од ВМРО-ДПМНЕ. Додека траеа консултациите во неговата партија и со неговите владини коалициски партнери за тоа кој ќе го замени на премиерското и лидерското место во СДСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски објави дека имаат ново парламентарно мнозинство заедно со доскоро владината Беса, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива. Беса која досега беше дел од владејачката коалиција има тројца пратеници, од кои едниот Кастриот Реџепи најави дека ќе остане со владиното мнозинство. Заев сега се обидува да ги вклучи во владиното мнозинство досега опозициската Алтернатива која има вкупно четворица пратеници за да успее да го задржи потребното мнозинство од 61 пратеник.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG