Достапни линкови

Новиот Закон за потрошувачи како помошен лек за кризното профитерство и нечесните трговци?


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Регулирање на гаранциите, кога смее да има распродажба, но и колку може да се „мами“ кога трговците се обидуваат да ги продадат производите се само дел од измените кои ги носи новиот Закон за потрошувачи. Тој со месеци се најавуваше од властите и како лек за кризното профитерство.

Сезонско намалување само два пати во годината, белата техника или друг производот да се замени со нов ако два пати се расипе од иста причина во гарантен рок, но и високи казни за трговците што мамат се само дел од новините кои се најдоа во Законот за потрошувачи кој треба да стапи на сила од идната недела, откако беше изгласан во Собранието.

Како клучна новина во Законот е издвојувањето на нечесните, измамничките и агресивните трговски практики за кои се предвидуваат и соодветни санкции. Нив ги има кога трговецот дава неточни информации за пазарните услови, го доведува во заблуда просечниот потрошувач или пак го вознемирува, со што го наведува да купи производ кој вообичаено не би го купил.

Со новиот закон против кризното профитерство

Новиот закон според властите треба да биде помошен лек за кризното профитерство, во време кога поради економската криза има ограничени маржи до крајот на годинава. Ако се суди по изјавите на министерот Крешник Бектеши, токму на овие измени подолг период чекаа во Министерството за економија, за инспекторатот да почне да постапува во овие случаи.

Очекувањата на Бектеши се дека ова ќе доведе до намалување на одредени цени, за почеток кај млекото и млечните производи. Вели дека од Секторот за трговија веќе побарал да извадат податоци за цените на увезените производи.

„Мислам дека таму има големи маржи, спротивно на тоа што е донесено како одлука на Владата. Веќе има насока Државниот пазарен инспекторат да влезе и да ги направи контролите, но се чекаше да помине Законот за заштита на потрошувачите. Вчера помина законот и веднаш ќе почне да постапува ДПИ, каде што ќе има и соодветни санкции. Завршени се сите обуки за инспекторите од ДПИ. Мислам дека од наредната недела ќе почнат да постапуваат согласно законско решение“, рече Бектеши во петочното гостувањето во „360 степени“.

Во однос на ова, уште на почетокот на јуни вицепремиерот Фатмир Битиќи најави дека Владата ќе објави список од сите компании што предизвикаа вештачки скок на цените откако инспекциските служби ќе утврдат дали порастот на цените е реален. Ваков список досега не е објавен. Во меѓувреме од Економија најавија дека ќе креира посебен Закон за нефер - трговски практики, со кој ќе треба да се усогласат односите помеѓу трговците, а за да се заштитат потрошувачите.

Инаку во новиот Законот на потршувачи нема конкретни одредби за маржите или за растот на цените во продавниците, освен во делот дека цените треба јасно да бидат одбележани. Од Економија за РСЕ сепак велат дека одредбите на нечесните трговски практики можат да се применуваат при злоупотреби во случај кога Владата или регулаторните тела носат одлуки за цени за одредени прехранбени производи.

Распродажба само пред затворање

Законот исто така многу конкретно дефинира во кои случаи и како треба да се ставаат во промет стоки кои се со намалени цени. Така на пример, распродажбата ќе се користи само ако треба да се затвори некоја продавница, а производи на акција ќе може да се продаваат во рок не подолг од еден месец.

Исто така, има посебен член кој се однесува на сезонското намалување кое ќе може да се прави само два пати годишно - летно помеѓу 25 август и 25 септември и зимско од 25 декември до 25 јануари. Ако трговецот продава производи со пониски цени бидејќи се при крај на рокот или имаат одреден дефект, тоа ќе мора јасно да го назначи.

И во новиот закон, исто како и во стариот, останува рокот од 15 дена, ако треба да се врати производ кој не му одговара на купувачот, независно дали се работи за големина, боја, модел или други карактеристики. Она што мора да го има купувачот е сметка за купениот производ. Новина на пример е и тоа што јавните претпријатија отсега ќе треба да ги направат подостапни опциите за приговори на потрошувачите.

Законот има и цел дел за тн. сообразност на стоките, односно дека потрошувачот има право да ја добие стоката онака како што е презентирана во продавницата. Ако тоа не е случај, во рок од 2 години ќе може да се жали кај трговецот. Законот точно ја дефинира и трговската гаранција, каде потрошувачот ќе може да добие замена ако три пати му се расипе производот со различен дефект, или два пати појави ист дефект.

Меѓу нив се и случаите кога трговец по телефон или мејл постојано нуди некакви производи, иако не е побарано тоа, нешто со што се соочиле многу многу граѓани, меѓу кои и Гордана Марковска. Иако оваа скопјанка не дала никакво одобрување, на нејзиниот телефон редовно и вртат трговци со разно-разни понуди и гратис производи за кои треба да плати, што според новиот закон веќе е пример за агресивна и нечесна трговска практика.

„Еднаш во месецот ќе се најде некој што ќе се јави. Го прашуваш - од каде ти е мојот број? [Вели] По случаен избор. Само кажувам благодарам не сум заинтересирана и затворам“, вели Марковска.

Револтирана е од ваквото однесување, ама смета дека нема друго решение освен да игнорира. Иако дел од овие практики ги имаше споменато и во претходниот закон, во новиот овој сегмент е надграден и проширен, појаснуваат од Организацијата на потрошувачи на Македониja.

„Е сега доколку потрошувачот смета дека определен трговец има ваква пракса тоа го пријавува во Државен пазарен инспекторат и инспекторатот цени во зависност од случајот дали е нечесна трговска пракса. Ингеренциите се тие, но во новиот закон точно се одредени инспекциските надлежности и се утврдени инспекциските органи надлежни да постапуваат“, појаснува Мартина Грнчаровска од ОПМ.

Новиот Закон за потрошувачи за разлика од претходно предвидува различни казни за малите и големите компании кои го кршат овој закон. Така, за микро фирми има глоби од 500 до 1000 евра, како и 150 евра за одговорното лице. Двојно поголеми се паричните казни за мал трговец, а највисока е казната за големите трговци кои се движат од пет до десет илјади евра, како 500 евра за одговорното лице. Казни од 50 евра се предвидени и за трговците поединци.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG