Достапни линкови

Новата германска влада со поддршка за С. Македонија и Албанија во ЕУ


Ангела Меркел добива букет Олаф Шолц пред состанок на владата, Берлин, 24 ноември 2021 година.

Речиси два месеца по победата на сојузните избори, социјалдемократот Олаф Шолц ќе биде новиот канцелар на Германија на чело на коалиција од три партии. Во нивниот договор за новата влада се поддржува отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

Партиите кои ќе ја формираат новата германска влада го поддржуваат отворањето на преговорите за пристапување на Албанија и Северна Македонија во Европската унија, продолжувањето на преговорите со Србија и Црна Гора и визната либерализација за Косово.

Остварлив ли е планот 5+1 за македонско-бугарскиот спор?

„Го поддржуваме процесот на пристапување во ЕУ на шесте земји од регионот на Западен Балкан и неопходните реформи за исполнување на сите критериуми од Копенхаген. Во овој контекст, го зајакнуваме граѓанското општество и поддржуваме понатамошни чекори кон пристапување во ЕУ“, стои во коалицискиот договор меѓу Социјалдемократите, Зелените и Слободните демократи.

Во параграфот кој се однесува на Западен Балкан се додава дека „следно мора да биде отворањето на првите поглавја во пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, усвојување на визната либерализација со Косово и продолжување на преговорите со Црна Гора и Србија“.

Трите партии, исто така, велат дека го поддржуваат дијалогот предводен од ЕУ за нормализација меѓу Косово и Србија и напорите за траен мир во Босна и Херцеговина изграден на територијален интегритет и надминување на етничките поделби.

Паралелно со пристапните преговори, ЕУ мора да го подобри својот капацитет за прием на нови членки, се додава во коалицискиот договор од 177 страници.

Западен Балкан и неговата европска перспектива беа споменати и во коалицискиот договор за претходната германска влада на канцеларката Ангела Меркел. Таа сега ќе биде наследена од Олаф Шолц кој досега беше нејзин министер за финансии.

Ултимативен водич низ германските избори

Трите партии, познати како „коалиција-семафор“ поради карактеристични партиски бои на секоја - црвена, зелена и жолта - постигнаа договор на двомесечните интензивни преговори, откако социјалдемократите освоија тенко мнозинство на националните избори на 26 септември.

Шолц ќе биде нов канцелар, Аналена Баербок од Зелените министерка за надворешни работи, а Роберт Хабек нејзиниот партнер и еден од лидерите на Партијата на зелените ќе ја добие функцијата на новоформираното т.н. „супер министерство“ кое е комбинација на министер за финансии со цели за заштита на климата.

Владејачките партии во Германија сакаат постепено да ја укинат употребата на јаглен до 2030 година, осум години пред предвиденото. Партиите сакаат 80 насто од електричната енергија да доаѓа од обновливи извори до 2030 година, со 15 милиони електрични автомобили на германските патишта.

Германија е најголемата европска економија, така што одлуките што ќе ги донесе новата влада ќе имаат големо влијание врз соседните земји. На претставувањето на коалицискиот договор 63 годишниот Шолц изјави: „Нѐ поврзува желбата да ја однесеме земјата напред. Новата влада е сојуз на партнери на исто ниво“.

Како една од првите мерки на новата влада, како што најави Шолц, ќе биде зголемувањето на минималната саатница на 12 евра.

Европа посегнува по „локдаун“ и покрај насилните протести против мерките за невакцинираните

Шолц изјави дека „суверенитетот на Европа е камен-темелник на надворешната политика на новата влада“, истакнувајќи го исто така и пријателството меѓу Германија и Франција и партнерството со САД.

Неговата СПД треба да го преземе и раководството на министерствата за внатрешни работи, одбрана, здравство, труд и социјала, градежништво и министерството за економска соработка.


Зелените како втора најсилна партија во коалицијата ги добиваат Министерството за надворешни работи, Министерството за заштита на потрошувачите и животната средина, земјоделството, семејството и новоформираното Министерство за економија и заштита на климата.

Слободните демократи го добиваат министерството за финансии, а треба да ги преземат и министерствата за образование, транспорт и правда.

Коалицискиот договор, насловен „Осмели се за напредок“, содржи насоки за идната влада, чија цел е, како што се наведува, „да го обнови целото општество“. Во однос на надворешната политика, новата влада ќе продолжи да работи на зајакнување на Европската унија и трансатлантското партнерство.

Генералниот секретар на германската конзервативна партија (ЦДУ) Пол Зимијак го критикуваше договорот, оценувајќи дека со него „се пропуштаат многу можности“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG