Достапни линкови

Непознат квалитет на почвата во тетовско


Архивска фотографија: Нива со пченка во Тетово
Архивска фотографија: Нива со пченка во Тетово

Во ниви во тетовски неодамна беше пронајде арсен, но нема целосни податоци каков е квалитетот на почвите во регионот. Нема институција што го испитува тоа, туку земјата се испитува индивидуално.

Непостоењето законска регулатива која обврзува испитување на квалитетот на почвата во која се произведува храна остава простор за сомнеж и страв кај населението дали јадат здрави овошја и зеленчук. Поради тоа здруженијата на граѓани кои се занимаваат со животната средина неодамна направија испитувања на две ниви во близина на фабрики во тетовско, па се откри дека во таа земја постои арсен, што претставува токсична материја опасна по здравјето на луѓето.

Агрономот Петре Петревски објаснува дека проверките на квалитетот на почвата се прават само поединечно со одредена цел.

„Нема да речеме мерка со која дали државата или некоја институција врши испитувања по однос на присуство на да речеме дали хранливи материи или вакви, да речеме, како арсен и други средства. Ако има некој на некое подрачје, поради некоја негова дејност како што се користење на подземни води, тој приватно ангажирал некого да испита и нашле нешто. Почвата се испитува индивидуално секој за своите потреби и за тоа си има посебни мерки ако сака да конкурира за одредена работа или за сопствени потреби ако сака“, вели Петревски.

За да може да испитува почва една установа треба да има соодветна акредитација. Тоа подразбира соодветни услови за работа во однос на кадар, простори и опрема, вели специјалистот по здравствена екологија д-р Ратко Давидовски.

„Знам неколку институции што испитуваат присуство на тешки метали во почвата. Не е распространета, нема голем број на лаборатории, затоа што апаратурата е многу скапа, а бројот на мострите кои се испитуваат се малку. Инаку таа апаратура може да се користи за испитување на присуство на тешки метали во храната, во водата, во играчките, во козметиката и во предметите за општа употреба. Така што највеќе се акредитирани оние лаборатории каде што има царински терминали или на гранични премини“, рече доктор Давидовски.

Во тетовско карактеристично е тоа што постојат разни видови почви, што дополнително е предизвик во насока на определување на квалитетот на земјата.

„Има почви кои што се формирани од наноси, дали од реки, зависи од користењето на разни ѓубрива. И сега се многу различни и не можеш да кажеш глобално каква е почвата по однос на елементите, составот а структурата на почвата некаде се повеќе ајувиални, некаде се повеќе песокливи, подрачје до подрачје. Сè зависи каде се наоѓа, дали се наоѓа во подножјето на Шара или се наоѓа по течението на Вардар“, вели агрономот Петревски.

Ако веќе се утврди дека има загадена почва, експертите препорачуваат да се спроведе процесот наречен фиторемедијација односно неутрализирање на отровни материи од земјата, преку садењето одредени растенија. Нивните плодови прават апсорбција- односно ги впиваат и внесуваат отровните метали во себе по што тие се уништуваат, а земјата останува здрава.

XS
SM
MD
LG