Достапни линкови

Нема руски банки во земјава, банкарскиот сектор стабилен


НБРМ
НБРМ

Од НБРМ велат дека и покрај инвазијата на Русија врз Украина, банкарскиот систем е стабилен. Според НБРМ, финансиските обврски и побарувања кон овие две земји се помалку од 1 отсто од вкупните финансиски средства и обврски. Поранешниот гувернер, Трпески очекува кризата да влијае само посредно.

Во домашниот банкарски систем нема банка во доминантна сопственост на акционери од Русија, со што, од овој аспект, не постои изложеност за влијание врз стабилноста на банкарскиот систем, велат од Народната банка за РСЕ. Руската инвазија врз нејзиниот сосед Украина започна на 24 февруари. ЕУ како резултат на инвазијата исклучи седум руски банки од меѓународната мрежа за размена на пораки за банкарски трансакции СВИФТ.

Од Народна банка велат дека финансискиот систем е стабилен, а сите финансиски услуги непречено се обезбедуваат и ќе продолжат да се обезбедуваат и понатаму.

„Досега директни влијанија врз домашниот финансиски сектор нема, а ниту се очекуваат поради слабите финансиски врски со Русија и Украина (финансиските обврски и финансиските побарувања кон овие две земји се помалку од 1% од вкупните финансиски средства и обврски)“, велат од НБРМ.

Поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпески вели дека очекува кризата да влијае посредно врз банкарскиот сектор во земјава.

„Нормално со ова што се случува економијата ќе трпи, а не може економијата да трпи, а банките да не трпат. Така што посредно, а не директно влијание. Во смисол посредно, бидејќи нашата економија зависи пред се од ситуацијата во Германија, која покрај Украина и Русија ќе биде најпогодена држава со оваа криза, а со тоа и Македонија“, вели Трпески.

Од НБРМ посочуваат и дека показателите за отпорноста на банкарскиот систем се исклучително солидни.

„Адекватноста на капиталот изнесува 17,3%, што претставува повисоко ниво во однос на преткризното ниво и е една од највисоките стапки што сме ги имале, воопшто, во последните десетина години. Ликвидноста е на солидно ниво континуирано. Нефункционалните кредити воопшто не пораснаа, напротив, тие постепено, умерено се намалуваа и сега изнесуваат околу 3,3% во вкупните кредити. Дополнително, како што посочивме и претходно, руски и украински банки нема кај нас, што е важна предност во овие околности, ако се земат предвид предизвиците со кои се соочија некои од соседните земји во кои беа присутни руски банки“, додаваат од НБРМ.

Трпески додава дека нашите банки имаат висок коефициент на адекватност на капиталот.

„Скоро двојно повеќе од тоа што се бара по законот и според европските регулативи. Ликвидноста на банките во целиов овој период е изразито висока и во услови на пандемија немавме влошување на лошите кредити. За здравјето на банкарскиот систем не треба да има загриженост ако оваа криза потрае можно е благо покачување на нефункционалните кредити во иднина. Но, заради високиот коефициент на адекватност на капиталот тоа нема да се одрази ниту на ликвидноста, ниту на профитабилноста на банките“, смета Трпески.

За разлика од земјава, Сбербанк, која е голема банка во сопственост на Русија, имаше свои ограноци и во соседството, а во меѓувреме го напушти европскиот пазар. Во Сараево филијалата на руската банка беше купена од АСА банка. Во Бања Лука, Нова банка ја купи Сбербанка. Додека пак филијалата на Сбербанка во Хрватска, беше купена од Хрватската поштенска банка. Словенечката филијала ја купи Нова Љубљанска банка

Руската банка беше под силен притисок од западните санкции поради руската инвазија на Украина. Сбербанк објави дека европските подружници на банката се соочуваат со „ненормални повлекувања“ на парите. Европската централна банка претходно нареди затворање на европската филијала на Сбербанк. ЕЦБ предупреди дека „Сбербанк најверојатно ќе пропадне“.

Од НБРМ додаваат и дека во земјава нема ни банки со украински капитал.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG