Достапни линкови

Војната удри и врз македонските земјоделци и транспортери


Зеленчук на тезга на пазар
Зеленчук на тезга на пазар

Македонските земјоделци и возачи на камиони први го почувствуваа ударот од руско-украинската војна на свој грб. Нарачките откажани, а празни камиони чекаат производи за транспорт.

Праски, нектарини, јаболка, рана зелка се дел од македонските производи кои деновиве не стигнаа до рускиот и украински пазар поради руската инвазија врз Украина. Околу 30 до 40 проценти од произведената млада зелка во земјава до сега завршуваше на украинскиот пазар. Компанијата Император Фрут која своите производи ги пласира на украинскиот пазар, вели дека сите нарачки се откажани.

„Сите нарачки што ги имавме се откажа, затоа што знаеме каква е ситуацијата таму, оти војната е во пол ек и генерално сликата е многу лоша, за понатаму ако не се смири ситуацијата, не предвидувам добро сценарио за нашите продукти кои завршуваат на тој пазар,“ вели директорот на продажба во компанијата Блажо Витанов.

Тој објаснува дека до сега по еден камион дневно заминувал кон Украина и седумте камиони за минатата недела се откажани. Компанијата „Императорот Фрутс“ на украинскиот пазар пласирале млада зелка, корнишони и краставици и пиперки. Витанов додава дека имаат проблеми со пласман на младата зелка која во наредни две недели ќе треба да се продаде. Тој вели дека веќе почнале да бараат Б план, односно се обидуваат да ги пласираат производите на европските пазари, но тоа пак им носи нови проблеми.

„Затоа што со Украина како најголем купец на нашата зелка, ние веќе имавме воспоставено некакви стандарди. Таму одеше и поситна зелка со мала грамажа, и сега ќе биде многу деликатно сета таа роба да се пласира, а да нема никакви последици ни по нас ни по земјоделците. Затоа што сите европски супермаркети со кои соработуваме бараат робата да биде наместена во одреден број во гајба, исчистена без лисја, додека во Украина немавме толку високи стандарди во пакувањето на пример“ вели тој.

Транспортерите први на удар при секоја криза

Големи штети трпи и транспортниот бизнис кој мора да се движи за да опстои. Зголемените цени на горивото, зголемениот трошок за превоз, но и зголемената конкуренција на празни камиони кои чекаат производи за превоз се дел од последиците со кои се справуваат транспортерите во услови на воен конфликт. Згора на сè, тука се и ризиците по живот.

Билјана Муратовска од Асоцијацијата на транспортери „Макам тран“ вели дека во изминативе 12 дена колку што трае до сега конфликтот веќе се гледаат сериозни штети.

„Превозниците кои редовно работеа со превоз на стока од Македонија или од други држави кон Украина, Белорусија и Русија се плашат и не одат, иако добив некои информации дека за стока во поединечни случаи кое се однесува на места кои се подалеку во Русија и може да се оди преку други алтернативни патишта веќе се прифаќаат одредени превози, по многу повисоки цени, но тоа се спорадични случаи кои не може да се земат како правило“ вели Муратовска.

Таа додава дека намалувањето на продукција на производи и од другите држави кои спроведоа санкции кон Русија, за транспортерите значи намален обем на работа.

Проблемот со празни камиони на пазарот создава голема конкуренција и во стегата меѓу понудата и побарувачката нема простор за покачување на цените на транспортот. Муратовска објаснува дека самиот факт дека одредени превозници веќе 12 дена стојат на паркинг и не заминале на пат укажува на последиците кои ги чувствуваме.

„Искрено се надевам дека ќе започнат и оние хуманитарни превози на стока што ќе се носи кон Украина и дека дел од нашите превозници кои не можат сега да ги извршуваат превозите, дека ќе успеат да преземат такви превози, се со цел да се движат“ вели таа.

Македонско-руската стопанска комора стравува од руски контрасанкции

Македонските превозници досега во Украина и Русија најмногу пренесуваат лекови и земјоделски производи. Во македонско-руската стопанска комора членуваат 130 компании кои досега пласираа производи на рускиот пазар.
Македонската трговска размена со Русија во изминатите пет години бележеше пораст.

Податоците од државниот завод за статистика покажуваат дека во 2021 година вкупната трговска размена со Русија изнесува 199 милиони евра од кои 150,6 милиони евра се однесуваат на увоз, додека останатите на извоз. Претходната 2020 година македонско-руската трговска размена изнесува 183 милиони евра од кои увозот зазема 130 милиони евра од тој колач, додека останатите 53 милиони евра се однесуваат на извоз.

Извршниот директор на оваа комора Дејан Бешлиев вели дека по македонското приклучување на двата пакета санкции кон Русија е загрижен какви ќе бидат контра сакциите.

„Сето ова ќе предизвика неминовен одговор од Руската федерација, прашањето е во колкава мерка, во каков обем, на што ќе целат тие контра санкции за да може потоа да направиме проценка, Дали тоа ќе бидат санкции кон земјоделските производи, или само на да речеме автоделови или можеби само транспорт. Не би посакувале да бидат стопроцентни, тоа навистина во овој момент не може никој да го каже“ вели Бешлиев.

Тој објаснува дека во досегашниот пораст во трговската размена влегува и промената на структурата на извозот, односно покрај земјоделските свежи производи и лекови, се извезувале и автоделови, прехранбени продукти од конзервната индустрија и млечни производи.

Тој додава дека во ваква ситуација се наметнува потреба од нов пазар за пласман на производи.

„А каде ќе го пронајдеме за кратко време не знам, бидејќи едноставно и другите земји кои го имаат истиот проблем ќе се насочат кон барање на решение за своите производи, а тоа ќе значи повторно иста конкуренција на многу помал иден пазар, затоа што Руската Федерација како пазар претставуваше огромно поле за работа“, вели Бешлиев.

Македонско украинската трговска размена во 2021 година изнесувала 143 милиони евра од кои 127,5 милиони евра се увоз, а 15,5 милиони евра доаѓаат од извоз. Во меѓувреме, Украина воведе дозволи за извоз за клучните земјоделски производи пченица, пченка и сончогледово масло. Украинската влада одлучи дека посебно лиценци за извоз ќе им бидат потреби и на трговците со живина и јајца.

Претходно во неделата Украина го прекина извозот на неколку земјоделски производи поради инвазијата на земјата.

Во меѓувреме, државните Украински железници соопштија дека може да се испорача жито до границите со Романија, Унгарија, Словачка и Полска, од каде што може да биде доставено до пристаништата и логистичките центри на европските земји.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG