Достапни линкови

„Немањето пристап до интернет е како да се прекршува човековото право на информации“


Хуманитарна акција за донирање на ИТ опрема организирана од матурантката Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“ во Градски парк во Скопје
Хуманитарна акција за донирање на ИТ опрема организирана од матурантката Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“ во Градски парк во Скопје

Матурантка од СУГС „Никола Карев“ го заокружи своето средно образование со хуманитарна акција за собирање ИТ опрема за учениците кои немаат услови да следат онлајн настава.

Инспирирана од акциите за донирање компјутер и компјутерски делови за ученици и сакајќи да го заокружи своето средно образование со добро дело, матурантката од СУГС „Никола Карев“, Мила Јовановиќ спроведе хуманитарна акција во Градски парк во Скопје. Карактеризирана како матурантска хуманитарна акција, именувана како „Донирај компјутер“, Јовановиќ ја спроведе акцијата во неделата, 11-ти април.

Постер за хуманитарна акција на матурантка Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“
Постер за хуманитарна акција на матурантка Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“

„Свесни сме дека онлајн наставата имаше огромен број на недостатоци, меѓу кои и недостатокот на ИТ опрема кај многу деца, особено оние кои не можат да си ја дозволат истата. Затоа целта на оваа акција е да собереме компјутерска техника која ќе биде донирана на дечиња кои немаат услови за следење на онлајн наставата во следната учебна година“, напиша Јовановиќ во својот повик за акцијата.

Матурантката побара секој заинтересиран да донесе било каква ИТ опрема, без разлика дали е стара, но пред се да е функционална.

РСЕ: Колку опрема донираа граѓаните? Дали си задоволна од донираната опрема и одѕивот?

Мила Јовановиќ, матурантка од СУГС „Никола Карев“
Мила Јовановиќ, матурантка од СУГС „Никола Карев“

Јовановиќ: На почетокот на акцијата мислев дека буквално никој нема да се појави на акцијата. Но, луѓето одеднаш почнаа да доаѓаат со купишта ИТ опрема. Уште на самата акција собрав многу, а подоцна и уште повеќе. Сеуште добивам пораки од луѓе кои сакаат да се приклучат на акцијата и да направат донација. Лично, сум навистина задоволна и од одѕивот и од квалитетот и количината на донираната опрема.

РСЕ: Како поточно ќе ја донираш опремата, односно дали веќе знаеш кои ученици имаат потреба од оваа опрема?

Јовановиќ: Оваа акција е во соработка со нашиот најпознат компјутерски херој, Борче Стаменов од „Донирај Компјутер“. Опремата му беше предадена нему и ќе биде донирана токму таму каде што е најитна и најпотребна - кај учениците. Во иднина, соработката со Борче ќе продолжи.

Хуманитарна акција за донирање на ИТ опрема организирана од матурантката Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“
Хуманитарна акција за донирање на ИТ опрема организирана од матурантката Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“

РСЕ: Што те мотивираше да спроведеш ваква акција? Дали доби поддршка од соучениците и училиштето?

Јовановиќ: Како што претходно спомнав во друго интервју, повеќе фактори влијаеа на одлуката да направам ваква акција. Главно можам да истакнам дека е незадоволството кон онлајн наставата и сите недостатоци кој таа ги има. Од друга страна, информирањето за состојбата на мои соученици кои немаат услови за следење на онлајн наставата повеќе го разгори огнот да сакам нешто да направам. Секако, ќе ја спомнам и приказната на Борче, која ме инспирираше за конечно да ја започнам акцијата.

Поддршка добив од многу луѓе. Моите соученици и училиштето секогаш стојат зад мене за што и да направам, па и овој пат не ме оставија. Иако немаше директна донација од нив овој пат, тие не ме заборавија и помогнаа најмногу што можат.

Хуманитарна акција за донирање на ИТ опрема организирана од матурантката Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“
Хуманитарна акција за донирање на ИТ опрема организирана од матурантката Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“

РСЕ: Што би порачала да се направи, и од страна на надлежните и граѓаните, за овие ученици кои немаат можности да следат онлајн настава?

Јовановиќ: Надлежните треба повеќе да бидат свесни за ситуацијата во која се наоѓаат СИТЕ ученици. За жал сеуште живееме во општество каде сите немаат пристап до интернет, а со текот на модернизацијата, мислам дека немањето пристап до интернетот е како да се прекршува човековото право за пристап до информации. За да можеме ова да го смениме, граѓаните треба многу по активно да зборуваат на оваа тема, а надлежните конечно да не сослушаат и да направат нешто во врска со тоа. Оптимистична сум дека ова е возможно, бидејки лично видов мала промена.

РСЕ: Според тебе, колку е квалитетна онлајн наставата?

Јовановиќ: Искрено, јас барем не сум толку задоволна. Иако е супер алатка за да го продолжиме нашето образование за време на пандемијата, сепак не може да се спореди со квалитетот на физичката настава. Ја нема интеракцијата помеѓу професорите и учениците, ги нема сите дружби на големите одмори, ги нема моите омилени „борби“ на дебатите на часот за кој побрзо ќе одговори... Но сепак, среќна сум што има некаков напор за модернизирање на образованието и изнаоѓање на решение за моменталната состојба во која се наоѓаме.

Донирана ИТ опрема за време на хуманитарна акција од матурантка Мила Јовановиќ
Донирана ИТ опрема за време на хуманитарна акција од матурантка Мила Јовановиќ

РСЕ: Ти си матурантка во СУГС „Никола Карев“. По што ќе ги паметиш годините во средно училиште и колку ќе ти влијае пандемијата?

Јовановиќ: Мојата средношколска приказна е буквално како ролеркостер. На почетокот беше толку мирно, но со моето доаѓање во Карев во втора година, започна ураганот од забава, активности, безброј пријателства, учење, волонтирање и прекрасни спомени кои никогаш нема да ги заборавам.

Многу ми е тешко да се помирам со фактот дека оваа пандемија го одзема големиот дел од нашите „најубави средношколски денови“. И претходно спомнав дека навистина ми фали таа интеракција помеѓу луѓето. Ние ја немавме „големата екскурзија“, а нема да ја имаме ни прославата на матурската вечер. Нема да можеме за последен пат да се гушнеме и плачејќи да се разделиме сите од нашето сакано училиште. Оваа пандемија ни ги одзема спомените кои „треба“ да ги имаме со нас, но сега имаме нови спомени и ново искуство.

Хуманитарна акција за донирање на ИТ опрема организирана од матурантката Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“
Хуманитарна акција за донирање на ИТ опрема организирана од матурантката Мила Јовановиќ од СУГС „Никола Карев“

XS
SM
MD
LG