Достапни линкови

Tрагедија – 46 луѓе загинаа во несреќа на македонски автобус во Бугарија


Роднините на жртвите без информации, „Беса транс“ затворена
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:14 0:00

Роднините на жртвите без информации, „Беса транс“ затворена

Во автобуска несреќа на македонски туристички автобус во Бугарија има 46 загинати. Меѓу жртвите има и 12 деца. Седуммина луѓе преживеале. Автобусот се превртел и се запалил. Жртвите ќе бидат идентификувани со ДНК-анализа. Бугарските обвинители рекоа дека се работи за незапаметена трагедија.

Во автобуска несреќа ноќеска во Бугарија загинаа 46 луѓе од македонски туристички автобус, а седуммина се повредени. Најголемиот дел од жртвите се македонски државјани, имало еден со српско, и еден со белгиско државјанство. Меѓу жртвите има и 12 деца.

Туристичкиот автобус на агенцијата „Беса транс“ од Скопје патувал од Истанбул кон Скопје. Во автобусот, кој бил на тридневно туристичко патување, имало „само млади луѓе“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Од Истанбул кон Скопје патувале четири туристички автобуси на „Беса транс“. Оваа туристичка агенција редовно организира туристички и шопинг тури во Истанбул.

Бугарската полиција објави дека автобусот се превртел и се запалил, и затоа луѓето не можеле да бидат спасени. Несреќата се случила околу 2 по полноќ во близина на селото Боснек на автопатот Струма, меѓу Перник и Дупница, на 31 километри југозападно од Софија.

Во автобусот имало 53 патници. Седумтемина преживеани успеале да излезат од возилото преку искршените прозорци. Меѓу преживеаните има две жени и петмина мажи, кои се пренесени во софиската болница Пирогов. Тие имаат изгореници по лицето и вдишале чад, но не се во животна опасност, соопштија од болницата.

Ужалени и загрижени роднини цело утро се обидуваат да добијат информации за нивните блиски. Дел од роднините по одговори дојдоа и пред седиштето на агенцијата кај трговскиот центар Мавровка во Скопје, но таму ги пречекаа спуштени решетки. На контакт телефоните никој не одговара. Околу објектот имаше полиција.

Роднините се гневни на превозникот, но и на македонските власти што и 10 часа по несреќата немаа никакви официјални информации за загинатите и повредените.

„Информацијата од 6 сабајле ја видовме на интернет и веднаш се пуштивме да бараме информации затоа што братучедот наш беше во Турција. Се пуштивме да бараме по интернет, во Беса Транс се јавуваме со саати никој не крева слушалка, немаме никаква информација. Ова не е добро. Ги замолувам институциите кои што имаат информации да им кажат на луѓето“, изјави Џељал Бакиу, роднина на еден од патниците во Турција.

„Барем да имаме некоја информација затоа што душата сепак господ ја дава, а не човекот. Но, така ние функционираме, колку толку имаме информации дека биле во тој автобус мојата сопруга и жената на мојот брат кои се две сестри“, рече Беким Алити.

„Не треба да мислат само на профитот, некој од агенцијата треба да ни каже што се случило, јас се јавив во болницата и никој не ни даде информација, ниту пак нашата амбасада во Бугарија не ни даде информација. Некој треба да излезе и да ни каже некоја информација ние нема душата да им ја земеме на тие од Агенцијата само нека ни кажат нешто. Не даваат имиња“, велат роднини на патниците во Скопје.

Дел од роднините уште утринава заминаа во Бугарија да видат што се случува со нивните семејства.

Рано изутрината местото на несреќата го посетија бугарскиот премиер Стефан Јанев, министерот за внатрешни работи Бојко Рашков и заменик обвинителот Борислав Сарафов.

Десетици загинати во несреќа на македонски автобус во Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:23 0:00

Во Бугарија заминаа и премиерот Зоран Заев и министрите за здравство и за надворешни работи, Венко Филипче и Бујар Османи. Таму е и македонскиот обвинител Љубомир Јовески, а заминал и тим од македонското МВР во случај да треба да им помогне на бугарските колеги.

Рашков рече дека идентификацијата ќе оди тешко и оти во неговата досегашна работа не се соочил со таква трагедија. Жртвите ќе се идентификуваат со ДНК-анализа.

Тој не сакаше во оваа фаза да ги коментира причините за несреќата, но призна дека има критики за состојбата на автопатот во тој дел. Министерката за регионален развој Виолета Комитова подоцна рече дека ќе се прави увид во состојбата на патот.

Обвинителот Сарафов рече дека има две главни верзии за несреќата – човечка грешка и ненадејна техничка неисправност, која довела до катастрофата.
„Ова е човечка трагедија непозната по своите размери“, рече тој.

Началникот за противпожарна безбедност во бугарското МНР, Николај Николов, рече дека е можно пожарот да избувнал уште пред превртувањето на автобусот.
„Веројатно се работи за техничка неисправност, пред тоа има и дупната гума“, рече тој.

Во несреќата не биле вклучени други возила.

Компанијата „Беса Транс“, чиј автобус ноќеска се преврте и запали во Бугарија, имала важечка лиценца до 8 август следната година.

Од Секторот за патен сообраќај при Министерството за транспорт и врски информираа дека превозникот има важечка лиценца од 18 јули 2018 година.

Компанијата досега немала сообраќајни незгоди, но како што изјави шефицата на ОЈО Вилма Рускоска, мора да се провери соодветната документација за техничката состојба на автобусите. Според првичните информации, автобусот бил нов, и во функција е само три години.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG