Достапни линкови

46 загинати во несреќа на македонски автобус во Бугарија


Сообраќајна несреќа на автопатот Струма предизвика десетици жртви.

Во автобуска несреќа на македонски автобус во Бугарија загинаа 46 луѓе, а седуммина се повредени. Македонскиот и бугарскиот премиер на заедничка прес-конференција најавија дека ќе прогласат денови на жалост. Пораки со сочувство доаѓаат од сите страни.

Македонската влада на денешната седница ќе разговара за прогласување на денови на жалост по автобуската несреќа во Бугарија, во која загинаа 46 граѓани, најголемиот дел од нив македонски државјани. И бугарската влада размислува да прогласи ден на жалост, рекоа денеска премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев на заедничката прес-конференција во Софија. Премиерот Заев заедно со министрите за здравство Венко Филипче и за надворешни работи Бујар Османи се во Бугарија по несреќата.

Според првичните информации, загинале најмалку 46 патници во автобус од Северна Македонија кој сообраќал кон Скопје. Меѓу загинатите има и 12 деца. Автобусот се запалил и се превртел, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека ова е една од причините зошто луѓето не можат да се спасат. Инцидентот се случил нешто по 2 часот по полноќ кај селото Боснек во делот на автопатот Струма меѓу Перник и Дупница, на 31 километар југозападно од Софија.

Премиерот Заев рече дека најголем дел од патниците биле од земјава, еден имало од Прешево, Србија и еден со белгиско државјанство.

Десетици загинати во несреќа на македонски автобус во Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:23 0:00

Сите седум повредени кои по сообраќајната несреќа во Бугарија се хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија се во стабилна здравствена состојба и никој не е животно загрозен, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека само еден пациент е со скршеница поради што треба да се направат дополнителни анализи и да се утврди дали ќе биде потребен хируршки зафат. Меѓу повредените се една девојка на 16 години, а останатите се на возраст од 40-50 години, рече министерот Филипче.


„Автобусот во Бугарија влегол од Турција. Жртвите се државјани на Северна Македонија. Меѓу нив има и 12 деца“, изјави за БТВ директорот на Генералниот директорат на Националната полиција Станимир Станев. Едната верзија е дека автобусот удрил во заштитната ограда. Не може со сигурност да се каже дали автобусот прво излетал, а потоа се запалил или најпрво се запалил па излетал, додава БТА.

Најмалку 45 лица загинале во сообраќајна несреќа на македонски автобус кој се враќал од Истанбул за Скопје


„Веројатно се работи за техничка неисправност, пред тоа има дупната гума“, изјави за БТВ Николај Николов, началник на Генералната дирекција за противпожарна безбедност и заштита на населението при МВР. Според него, можно е пожарот да избувнал пред да се преврти автобусот. Во несреќата не беа инволвирани други автомобили. Сообраќајот на автопатот е запрен во двата правци.

Тим на Министерството за внатрешни работи предводен од помошник директорот на униформирана полиција, а составен од претставници на Секторот за сообраќајната полиција и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења веќе е на пат за Бугарија и стои на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги, напиша денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на официјалниот Фејсбук профил.

Спасовски вели дека тимот од МВР е испратен откако тој телефонскиот разговарал со својот бугарски колега Бојко Рашков.

Заев, Османи и Филипче заминаа за Бугарија

Истрагата ја презеде екипа на Националната истражна служба, изјави портпаролката на главниот обвинител Сијка Милева. Бугарскиот премиер Ј Јанев им изрази сочувство на семејствата на загинатите и ги повика истражителите да си ја завршат работата. „Имаме огромна трагедија, немаме ништо добро да кажеме, трагедија која не потресе и бара државата брзо да реагира. Да ги оставиме истражните органи да си ја завршат работата“, рече Јанев.

Автобусот во кој рано изутрината загинаа најмалку 46 лица, е на „Беса транс“ која организира туристички и шопинг тури за Истанбул.

Според првичните информации, во автобусот се превезувале млади лица кои се враќале од екскурзија од Турција. Луѓето кои се спасиле успелае да го скршат задното стако од автобусот и така да излезат, рече премиерот Заев.

По несреќата телеграми и пораки со сочувство испратија функционери и политичари од државата, од регионот, а пораки стигнуваат и од ЕУ. Министерката за одбрана Рамила Шекеринска рече дека сојузниците од НАТО исто така испраиле пораки за поддршка и понудиле помош.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG