Достапни линкови

На Македонија ѝ се заканува епидемија со морбили?


Илустрација

Македонија во 2019 се соочи со епидемија на морбили, во која најмладата жртва беше шестмесечно бебе, кое почина како резултат на компликации. По три години опфатот на вакцинација повторно опаѓа. Лекарите стравуваат од нова епидемија и апелираат родителите навреме да ги имунизираат своите деца.

Лекарите предупредуваат дека можно е да се појави нова епидемија на морбили, поради нискиот опфат на вакцинација со МРП вакцината за време на ковид пандемијата.

Имено, податоците на министерството за здравство покажуваат дека опфатот со вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки е далеку од потребниот процент од 95% вакцинирани за да се постигне колективен имунитет и заштита во заедницата.

Во текот на 2020 година се бележи исклучително низок опфат, 63% за прва доза и 68,5% за втората доза, на национално ниво.

Опфатот во 2021 година е зголемен така што за прва доза МРП вакцина тој изнесува 70,4%, а за втората доза 80,4 отсто, но сепак не е задоволителен.

Д-р Соња Ралева специјалист по општа медицина, која е дел тимовите за вакцинација на деца во Скопје вели дека опфатот мора да се зголеми, во спротивно ќе се соочиме со нова епидемија.

Д-р Ралева: Со вакцинација против епидемија од морбили
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:09 0:00
Директен линк

„Заканата која што според бројките кои што се реални, бидејќи е директно засегнат и паднат опсегот на имунизацијата со МРП вакцината, логично и очевидно се очекува епидемија на морбили доколку не го корегираме овој дел и не успееме да го покачиме нивото на имунизација за да се сочува состојбата ваква каква што е за да не се соочиме со нова епидемија на морбили. Значи во самата пандемија може да се јави и епидемија на друга болест во овој случај морбили“.

Д-р Ралева додава дека доколку се дозволи вирусот да влезе кај населението истиот брзо ќе се прошири, бидејќи морбилите се заразна вирусна инфекција која се пренесува преку кивање, кашлање, близок контакт или контаминирани површини.

Болеста се смета за високо заразна, а може да предизвика сериозни и тешки компликации кај децата кои што не се вакцинирани.

„Може да се разболат и деца кои што се вакцинирани, а директно пренесувач е дете кое што не е вакцинирано, меѓутоа кај вакцинираните деца доколку се појави епидемија ќе имаме поблаг клинички тек на болеста. Морам да нагласам дека примањето на две дози е задолжително и со примање на две дози се стигнува до 97 проценти заштита на детето од појава на болеста. Самата болест е страшна во смисла доколку се појават компликации од болеста. Компликациите кои што се директен причинител за смртноста и се поврзани со смртноста кај малите сипаници се тешките компликации како пневмонија и компликациите од типот на енцифалити, менингити, што значи дека вирусот го зафаќа централниот нервен систем и дава несакани компликации кои завршуваат со смртност или инвалидитет“, потенцира докторката.

Континуираната едукација е клучна за зголемувањe на опфатот со вакцинација

И додека здравствените власти се обудуваат да го зголемат опфатот на вакцинацијата, според недаомнешната анкета на РСЕ, во земјата постои голема недоверба во инситуциите на системот дури и тогаш кога пораките се разумни како што беа недаомнешните случаи со правење залихи на храна поради ценовните шокови предизвикани од рускиот напад врз Украина и Ковид пандемијата: Видео

Зошто граѓаните не ѝ веруваат на власта и во време на кризи?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

За падот на вакцинација со МРП алармираа и од Лекарската комора.

Причините ги гледаат во пандемијата, но и во засиленото антивакцинално движење поради што потенцираат дека потребено е да се преземат чекори за да се врати врати неопходниот опфат од 95 проценти.

„Лекарите треба да добијат поддршка за подобра промоција на важноста на вакцините, како и да се подобрат нивните комуникациски вештини за соодветен одговор на колебливоста на родителите за примање на редовните вакцини. Едукацијата на студентите по медицина е од суштинско значење за да им се овозможи на идните лекари ефективно да комуницираат со своите пациенти, а подигнувањето на свеста на родителите треба да се започне уште за време на пренаталниот период и исто така да се одвива континуирано“, велат од Лекарската комора.

Од опасноста од антивакциналните движења посочува и д-р Ралева која потенцира дека наместо на социјалните мрежи за сите дилеми кои ги имаат родителите може да дојдат на пунктовите за вакцинција и директно да се консултираат со медицинските работници.

„Мора да ги охрабриме родителите да не ги слушаат и да не ги примаат информациите кои што се од сомнително потекло, од социјалните мрежи или од поединци и групи кои што се противници на вакцинацијата, а тие движења знаеме дека постојат, туку да дојдат во диспанзерите каде што се врши вакцинацијата, преку разговор да се решат сите сомнежи и сите двојби кои ги имаат затоа што сето тоа се прави во итнерес на нашите деца и вакцинацијата претставува чин на љубов“, додава докторката.

Нискиот опфат на вакцинација носи висок ризик од епидемии

Но, отпорот кон МРП вакцината не е присутен само во Македонија туку и во светски рамки. Светските организации покажуваат дека во многу земји опфатот е паднат.

Д-р Ралева вели дека најчесто стравот кај родителите е дека МРП вакцината предизвикува аутизам, но потенцира дека сите докази со кои што располага медицината покажуваат дека нема никаква директна повразност на МРП вакцината и појавата на аутистично нарушување кај децата.

„ Опасност и колебливост има кај поголем дел од родителите поради контроверзите со кои беше соочена самата вакцинација за морбили, во смисла на појава на аутизам, најчесто тоа ги загрижува, меѓутоа со сите докази кои што се земени во интерес на медицината, кажано е дека не постојат докази дека има каква било корист од одложување на вакцинацијата конкретно за МРП. Еве еден податок – истражувањата од 2010 година покажаа дека децата што подоцна ги примиле вакцините на седум до десет годишна возраст немале подобри бихеворални и когнитивни тестови отколку децата што ги примиле на време. Сите вакцини треба да се примаат навреме и без посебно одоложување од родителот доколку немаат одредена медицинска оправданост за истата да биде одложена или комплетно непримена“, вели д-р Ралева.

Министерството за здравство најави дека веќе се мобилизира со кампањи и засилена теренска работа на превентивните тимови за да се зголеми опфатот со МРП вакцина. Во пунктовите се повикуваат родителите чии деца пропуштиле вакцинација.

„Со кампањата е предвидено и испраќање унифицирана СМС порака на родителите кои ја пропуштиле вакцинацијата на нивните деца, како и засилување на регионалната мрежа на координатори од центрите за имунизација за зајакнување на теренските активности и активно следење и детектирање на пропуштените деца и нивно навремено вакцинирање“, истакна министерот за здравство Беким Сали за време на европската недела на имунизација.

Од Министерството за здравство се децидини дека вакцините во земјава се од светски реномирани производители, кои задолжително исполнуваат строги критериуми за квалитет и за нив се обезбедува сертификат издаден од производителот како и сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот.

Епидемијата на морбили во 2019-та резултираше и со неколку смртни случаи кај деца

Македонија се соочи со епидемија на морбили во 2019-та година. Првите случаи на деца со оваа зараза се појавија во детска градинка во Скопје, по што заразата се појави и во други градови низ земјата и беше прогласена епидемија на целата територија на државата. Најмалото дете кое почина како резултат накомпликации имаше само шест месеци.

СЗО - Бројот на случаи на сипаници во светот е во голем пораст

Бројот на случаи на сипаници е во голем пораст и во светот. Токму ова се наведува во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО).

Според извештајот, бројот на пријавени случаи на морбили во првите два месеца од 2022 година е за 79 отсто поголем отколку во истиот период минатата година.
Состојбата, се вели во извештајот, дополнително ја влошија конфликтите и војните во Украина, Етиопија, Сомалија и Авганистан кои принудија милиони луѓе да ги напуштат своите домови, а на децата им е оневозможено да се вакцинираат и често се принудени да живеат во пренатрупани сместувања.
Појавата на големи епидемии на оваа крајно заразна болест претставува опасност, особено по укинувањето на мерките за социјално дистанцирање воведени поради пандемијата, потенцираат од СЗО.

Според податоците, во јануари и февруари 2022 година биле пријавени 17.338 случаи на мали сипаници. Помеѓу април 2021 година и април 2022 година, регистрирани се вкупно 21 голема епидемија на сипаници, повеќето од нив во Африка и источниот Медитеран.

За ризикот од морбилите алармираа и од Фондот за деца при Обидентите Нации (УНИЦЕФ) од каде порачаа дека во 21-от век не смее свесно да сe загрозуваaт животите на децата и да се изложуваат на ризик од болести што може да се спречат со вакцини и кои се докажани како безбедни и високоефикасни.

XS
SM
MD
LG