Достапни линкови

Намалена изградбата на станови во Скопје, освен во Аеродром


Изградба на згради
Изградба на згради

Се намалува бројот на станови што се градат во скопскиот регион, но се зголемува во Општина Аеродром, каде што во изминатите неколку години веќе се изгради речиси цела една населба.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првите седум месеци од годинава се издадени дозволи за изградба на 3763 станови во цела Македонија, што е помалку од лани, кога имало 3829. Најголем број од дозволите се во скопскиот регион, каде што се градат над 60 отсто од становите. Од јануари до јули лани во скопскиот регион биле издадени дозволи за изградба на 2332 стана, а во истиот период годинава 2067. Сепак, падот не се одразува во Општина Аеродром, која во изминативе неколку години е под засилена градежна експанзија. Ако во првите седум месеци лани била дозволена изградба на 970 стана во Аеродром, во истиот период годинава се дозволени уште 1162 стана.

Радио Слободна Европа неодамна пишуваше дека само во радиус од 500 метри во Аеродром се изградени 30 нови станбени згради на местото каде што беа старите воени бараки, со што просторот се „дебармаализира“, односно се изградија многу згради без речиси никаква зелена површина меѓу нив.

Градоначалникот Златко Марин пред да биде избран ветуваше ревизија на ДУП-овите за да се намали градежната експанзија, посебно во урбаното јадро, но статистиката го покажува спротивното.

Во Општина Аеродром прашавме дали планираат да ја намалат градежната експанзија во Аеродром и како, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Аеродром е интересен зашто е блиску до центар, инфраструктурно е средено, а плацовите се големи и предвидените згради се со поголем габарит, велат упатените.

Претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски вели дека голем проблем е тоа што изведената состојба не соодветствува со ДУП-овите, а за тоа треба да се прашаат општините. Тој смета дека главниот проблем во Скопје е што нема централно урбанистичко планирање.

„Децентрализирањето на градењето во Скопје ќе стане можно единствено кога Скопје ќе стане град, односно кога урбанистичкото планирање ќе оди од едно место, односно од Град Скопје. Единствено тогаш. Во моментов секоја општина сака да се развива како што сака согласно сопствениот буџет, секој градоначалник сака да покаже дека секоја општина е еден мал град и има сè внатре, има станови, има деловни згради, има шопинг центри, има сè што еден град во суштина поседува. Сега во моментов во Гази Баба се прави огромен шопинг центар и во Општина Центар се прави огромен шопинг центар, кои се на пешачко растојание од 15-тина минути. Тоа ви е доказ дека и едната и другата општина се однесуваат како посебни градови и тоа е главниот проблем“, вели тој.

Никола Велковски од Групацијата за градежништво вели дека е неопходно власта да вложува во рамномерен регионален развој и да ги развива и другите градови за да го намали притисокот врз Скопје, вели тој.

„Јас и порано бев противник да се поставуваат толку густо населени структури, затоа што ние веќе го поминавме билансот од 1000 жители по хектар, затоа што мислам дека нема ни потреба од тоа. Генералната политика на централната власт треба да оти во тој правец да се дисперзира градбата. Скопје веќе во моментов има сигурно 6-7000 илјади слободни станови“, вели Велковски.

Урбанистичката треска во Скопје во изминатите години го десеткуваше јавното зеленило. Во Скопје на секој жител има по 12 квадратни метри градско зеленило, а европскиот просек е двојно повисок, односно по 25 квадранти метри.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG