Достапни линкови

Мора тендер за картички, зашто едноставното кревање рампа е неиновативно


Патарина

Зарем е толку тешко на патарина да се пропуштат колите со српски регистарски таблички, туку мора да се потрошат 350 илјади евра за изработка на електронски картички за патарина, прашуваат граѓаните на социјалните мрежи по владината одлуката за ослободување на Србите од патарина во текот на летото.

Владата ќе потроши 2,8 милиони евра за ослободувањето на српските граѓани од патарини низ Македонија во текот на туристичката сезона. На влез во земјава тие ќе добиваат електронска картичка на која ќе има кредит од 760 денари, кои се доволни да се стигне од Табановце до Гевгелија и назад. Српските граѓани ќе бидат ослободени од плаќање патарина во земјава од 15 јуни до 15 август. Ќе бидат изработени 200 илјади вакви картички, а изработката ќе чини 100 денари за картичка, односно околу 350 илјади евра.

Токму овој трошок наиде на жестоки критики од граѓаните на социјалните мрежи. Зарем не е поедноставно само да се крене рампата на патарина за сите возила со српски таблички, туку некој мора да „лапне“ 350 илјади евра за да ги изработи картичките.

Српските туристи ќе бидат ослободени од патарини, но само на автопатот од Табановце до Гевгелија, односно за патување до Грција. Ако сакаат преку Тетово и Гостивар да патуваат до Охрид, ќе си платат „охридарина“ како и сите други. Се чини дека со оваа мерка Македонија го субвенционира грчкиот туризам, коментираат граѓаните.

Образложението е дека на патарините од Скопје до Гостивар не е воведен систем за минување со претплатничка картичка. Но, ако немаше картички, рампите и на тие патарини може лесно да се кренат за возилата со српски таблички.

Сиромав човек - жив ѓавол. Некои веднаш се сетија како може да се изигра системот.

Други, пак, со совети до Србите како да стигнат до Охрид без патарини.

Трети прашуваат дали можеби треба да се вработи и национален координатор за патарини.

На српските туристи може да им се донира и по еден Македонец, да не одат празни кон Грција, се шегуваат други.

Некои, пак, критикуваат дека на ваков начин народот плаќа за неспособноста на владата.

Други, пак, иронично прашуваат како ќе ѝ се оддолжиме на Кина која ни донира 100 илјади вакцини Синофарм.

Одлуката на владата е во знак на благодарност до Србија за донирањето вакцини. Кога во земјава немаше ниедна вакцина, Србија донираше 8000 вакцини Фајзер за вакцинирање на здравствените работници, а потоа уште 40 илјади вакцини Спутник Ве. Во меѓувреме, владата во Белград донесе одлука кај нив да може да се вакцинираат и странски државјани, а над 15 илјади Македонци се вакцинираа во Врање, Ниш и во другите српски градови.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG