Достапни линкови

Димовски - Со ваквото темпо на МОН учебната година ќе почне догодина


Владо Димовски

МОН имаше време имаше, но веќе нема. Министерството како по обичај доцни, многу доцни со протоколите и одлуките, па затоа и такво ни е образованието, вели во разговор за РСЕ, Владо Димовски, од Центар за толеранција и доживотно учење.

Господине Димовски, се ближи почетокот на наредната школска година, а се уште не се знае дали ќе почне. На што се должи тоа? Министерството за образование имаше сосема доволно време за да излезе со план, па дури и со резервен план.

Време имаше, но веќе нема. МОН како по обичај доцни, многу доцни со протоколите и одлуките па затоа и такво ни е образованието. Сега веќе по мислењето и заклучокот на здравствената комисија МОН треба веднаш, ама веднаш да понуди решение за да има барем колку-толку време да се направи некоја подготовка, инаку со вакво темпо на нудење решенија учебната година ќе започне во јануари 2021 година, а прашање е дали и тогаш.

Ако во второто полугодие од учебната 2019/20 состојбата со пандемијата не затекна изненадно и учебната година заврши така како што заврши, за почетокот на учебната 2020/21 требаше подготовките да започнат во месец мај кога веќе се знаеше дека одење по одмори надвор од Македонија ќе нема. Наставниците работејќи од дома ќе имаа време да се подготват, а даваа разни предлози за подобрување на образованието, но кој нив ги есапи.

МОН имаше време да организира онлајн средби, состаноци, консултации со голем број наставници кои и без повикот на МОН даваа предлози како да се справи образованието со новонастанатата состојба уште од првите денови на прекинот на наставата.

Според мене МОН нема основен план, а камоли резервен.

Зачудува фактот што во МОН има вработени (додуша многу малку) кои до вчера држеле дневник во рака, имале секојдневна настава, се соочувале со разни предизвици и непредвидени состојби и можат да изготват 100 варијанти и планови како да започне наставата од септември, а планови нема. Освен ако нив во МОН никој за ништо не ги прашува, тогаш е оправдано. Според моите сознанија од страна на МОН, деновиве се одржа една средба со неколку директори на училишта преку ЗООМ платформата и беа дадени предлози и препораки како во новата учебна година. Трагедијата е што нема дискусија, нема решенија од МОН по кои би се дискутирало, туку само аха добро ќе забележиме па ќе видиме. Со „ќе видиме“ не се води образование. Исто така ваквите средби од страна на МОН ги водат советници кои никогаш дневник не фатиле во рака, а камоли да одржале барем еден час со ученици.

Господине Димовски, вие бевте наставник во рурална средина. Какви се хигиенските услови во училиштата во руралните средини, може ли да се исполнат здравствените протоколи за спречување на ширењето на коронавирус во ваквите училишта за да почне наставата.

Да. Јас работев долго време во рурална средина во која со напори на менаџментот на училиштето, наставниците и родителите на учениците во 2008 година се создадоа одлични хигиенски услови без разлика што училиштето е оддалечено 40 км. од Скопје. Во голем број рурални училишта нема хигиенски услови за одржување на редовна настава во нормални услови, а не во вакви вонредни.

Кое е решението за тоа како да се изведе наставата од септември, со тоа што има различни училишта имаат различни потреби и предуслови за одвивање настава?

Со неколку мои колеги од Центарот за толеранција и доживотно учење работевме на неколку концепти за започнување на наставата од први септември 2020 година кој концепт од еден мој колега беше доставен до МОН, но не знам што стана со предлогот. Претходно низ кусо истражување утврдивме дека во 98 проценти од училиштата има просторни услови за редовна работа на наставниците (секој да има посебна училница или просторија).

Истиот се состоеше во решенија за онлајн настава како најлесно да започне наставата .

Имено предлогот се состои во следново:

  • Наставата да се одвива преку интернет платформите,
  • Наставниците секојдневно редовно да одат на работа и од своите кабинетиили просторија која ќе им биде определена да одржуваат настава според распоредот на часовите. МОН да обезбеди на секое училиште пристап до интернет конекција, онаму каде нема услови за жичан интернет може со фи-фи или со УСБ стикови, тоа и јас и моите колеги сме го практикувале додека работев во рурална средина.
  • Часовите за наставниците и учениците да започнуваат во 7,30 или 8 часот, а не кога му одговара на наставникот. ( во голем број училишта секако ќе има настава и во втора смена како и до сега)
  • Наставникот би го одржувал часот исто како и при редовна настава со запишување на часот во училишниот дневник, запишување на одсутни ученици и водење сметка за редот и дисциплината на вклучените ученици,
  • На учениците од руралните средини кои немаат дома интернет МОН да им обезбеди стикови со интернет колку што им е потребно за следење на наставата,

Има и други решенија за учениците од прво, второ па и трето одделение во нашиот концепт кои не се обучени да работат онлајн настава или нивната програма не е прилагодена за тоа, но овие горенаведените како вовед во целосните решенија за почеток на успешна учебна година. Не велам дека ова решение е совршено, но сметам дека е добра основа за почеток и секако доколку се покаже прифатливо би се доработило во текот на учебната година според условите кои би следувале, всушност од некаде мора да се почне.

Како наставник, дел од Наставничкиот пленум, учесник на протестите како ги оценувате реформите во образованието, има ли воопшто реформи?

Во основа во образованието не се направени реформи еден голем период, долги години, што значи и пораз за целото образование и затоа образованието ни е такво какво што е.

Јас бев и дел од МОН извесно време пред моето пензионирање и со министерката Рената Десковска започнавме некои реформи во основното, средното и високото образование. Еден многу мал дел од тие реформи во високото и основното образование видоа бел ден, но другите изготвени реформски решенија и следните кои требаше да се реализираат со одењето на Десковска од МОН во правда останаа некаде во некои бироа и веројатно ќе чекаат подобри времиња.

Долги години образованието во Македонија е на последната скала или тука некаде (тоа го покажуваат реалните резултати од меѓународните тестирања не е само мое мислење).

Образованието треба да е здравиот темел на државата, а држава без здрав темел не може да биде држава.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG