Достапни линкови

Мониторингот на судските органи ги покажа старите недостатоци


илустрација
илустрација

Новиот извештај на Коалицијата за правично судење ги покажува истите проблеми кои се провлекуваат речиси две децении во работата на судовите, Судскиот совет и Советот за јавни оввинители. Систематизацијата и организираноста во овие инстанци останува проблематична, а збунува и тоа што казните за сериозни кривични дела се слични со казните во другите кривични постапки.

Од една страна зголемена ажурност во делот на предметите што ги работи одделението за гонење организиран криминал и корупција при основниот Кривичен суд во Скопје, но од друга страна казни кои се многу слични со казните за полесни кривични дела.

Ова е единственото нешто што е поразлично во годинешниот извештај за спроведениот судски мониторинг и мониторингот на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители изработен од Коалицијата за правично судење, во споредба со претходните нивни извештаи. Критиките за работата на овие два главни судски органи остануваат.

„За разлика од претходните извештаи, Одделението за гонење организиран криминал и корупција е малку поекспедитивно во постапувањето во однос на предметите и доследното почитување на правилата на кривичната постапка, вклучително начелата на јавност и транспарентност, но она што беше интересно е што увидовме дека казнената политика на ова одделение е во голема мера многу слично со казнената политика во останатите постапки што е малку невообичаено ако се земе предвид дека станува збор за сериозни кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција,“ изјави Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалицијата за правично судење.

По овие забелешки во извештајот, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева најави тест за судиите, истакнувајќи дека Советот веќе работи на процесот на оценување на судиите за избор.

„Во наредниот период пред СС стојат важни предизвици со цел имплементација на донесените подзаконски акти за примена на мерит системот при избор на судии и унапредување на судиите, нивното разрешување и дисциплинска одговорност. Со ова ќе се создаде солидна основа со примена на мерливи и проверливи критериуми да може да ги унапреди најдобрите судии. Првиот тест за тоа дали овие критериуми ќе ги дадат очекуваните резултати, ве уверувам дека ќе биде направен многу наскоро“, изјави Дамева.

Извештајот на Коалицијата ја критикува програмата и акциониот план за борба против корупцијата во судството, за која забележува дека содржи само констатации, а не и конкретни активности. Во делот на претставките кои се поднесени од граѓаните и понатаму се забележува тренд на отфрлање на претставките од граѓаните. Од 360 поднесени претставки, СС усвоил само 9 во периодот од јануари до крајот на септември оваа година.

Советот за јавни обвинители пак е критикуван дека не врши надзор на работата на јавните обвинители. Од Коалицијата забележуваат дека е загрижувачки факт тоа што Советот на јавни обвинители нема утврдено методологија по однос на која го утврдува точниот број на јавни обвинители во едно обвинителство. Претседателот на Советот Антонио Јолевски се обиде да се оправда за секоја критика за обвинителите.

„Ние никогаш како совет не можевме да цениме дали имаме доволен број или не, за да дојдеме до таа систематизација, бидејќи и во моментот работиме со една третина помалку обвинители , 82 обвинители недостасуваат од 244, не вклучувајќи ги оние кои се во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тоа не е проблем на Советот, тоа е системско решение кое какво е, такво е. Во овој момент нас единствено решение ни е Академијата за судии и јавни обвинители од каде ќе дојдат 28 кои се само ублажување на недостатокот на обвинители и во овој контекст прашање е колку тие можат да покажат ажурност и да бидат ефикасни во работењето,“ вели претседателот на Советот Јолевски.

Мониторингот на Советот на јавни обвинители има забелешки и во делот на ненавремено објавување на седниците на Советот. Забелешки има и во делот на Етичкиот совет на јавни обвинители (2021) кој останал непроменет, односно ги содржи истите одредби кои се во директна колизија со начелата на транспарентност на обвинителите.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми признава дека недовербата на граѓаните во судството е клучен проблем и дека правосудните органи мора да бидат имуни на притисоци.

„Јавноста мора да биде уверена во искрената волја за промена и граѓаните мора да бидат охрабрени дека имаат пристап до неутрален и независен суд. Потребно е да се отстарани каков било сомнеж во објективното праведно и непристарано одлучување на правосудните институции кои мора да бидат отпорни на какви било влијанија и притисоци“, рече Адеми.

Извештајот на Коалицијата за правично судење се случува во период на засилени критики од странскиот фактор за реформите во правосудството, поради низата афери што се случија за само неколку недели. По изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поради одредени индиции за негови врски со претставници на ДУИ, деновиве стигна уште една вест која ја „вознемири“ јавноста.

Во петокот Апелациониот суд објави дека ја укинува осудителната пресуда за случајот „Таргет-тврдина“ и случајот го враќа на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.

Токму овој предмет се најде во извештајот на Коалицијата како пример на постапка кој траела невообичаено долго пред Апелација. Аврамовски вели дека укинувањето на пресудата, ќе значи уште една долга постапка која, како што вели, најверојатно ќе доведе до застарување на предметот.

„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното прислушување. За овој предмет ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затвор. Покрај него, на затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Највисоки казни од по 15 години затвор добија двајцата контраразузнавачи од т.н. Петта управа на тогашната УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски кои се во бегство. Во случајот беа обвинети вкупно 11 лица.

Во периодот од 1-ви јануари до 30 септември годинава, Коалицијата за правично судење годинава ги набљудувала сите седници на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а нејзини претставници присуствувале на 900 рочишта во 12 основни судови и два апелациони.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG